Германски експерти и поранешни соработници на Федералниот уставен суд на Германија- предавачи на работилница во Уставниот суд

Во Уставниот суд во тек е работилница за советниците на теми од правната методологија, научна работа и практични искуства од научните соработници на Федералниот уставен суд на СР Германија. 

Во текот на оваа обука советниците имаат можност да се стекнат со пошироки знаења преку компаративна обработка  на примери од судската пракса поврзана со уставната жалба, апстрактна и специјална судска ревизија на закони, спорови помеѓу Федерацијата и покраините.

Дел од темите е и правната методологија во Федералниот уставен суд на Германија вклучувајќи го Уставот како применливо право, методите на правна интерпретација и создавањето на правни стандарди. 

Се анализира соработката меѓу научните соработници и судиите/членовите на Федералниот уставен суд на Германија, работата во рамки на Одделот, начинот на соработка со еден судија или член на Уставниот суд.

Како предавачи се ангажирани двајца поранешни соработници во Федералниот уставен суд на Германија, д-р Томас Клигел, претседавачки судија на Окружниот суд во Есен и д-р Јан- Марк Дросел, судија на Управен суд.

Поздравно обраќање имаше Кевин Маас, шеф на Политичкиот оддел од Германската амбасада во Скопје. Во рамки на работилницата со свој вовед се обрати Татјана Јаниќ- Тодорова, советничка на Судот. 

Овој проект е продолжување на соработката со германската фондација за Меѓународна правна соработка (ИРЗ), со чија поддршка минатата година во Скопје беше организирана Регионална конференција за уставната тужба.