Дневен ред за 30 седница закажана за 20 ноември 2024 година

На 20 ноември 2024 година, со почеток во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 30-та седница со Дневен ред за кој се предвидени девет иницијативи за оценување на уставност и законитост и ќе одлучува по два предмета за конечна одлука. 

1. Реферат У.бр.179/2023, У.бр.183/2023, У.бр.187/2023, У.бр.190/2023 и У.бр.197/2023

Оспорени: Во целина Закон за данок за солидарност и посебно делот: „или 2021 година“ од член 6 став 14 од истиот закон.

Подносители(179/2023): Финмак ДОО, Скопје преку адвокатско друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешовска

Подносители (183/2023):Стопанска комора на Република Северна Македонија преку адвокат Игор Спировски

Подносители (187/2023):ДТУ ЕТМТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје

Подносители (190/2023):Стопанска комора на Северо-Западна Македонија Скопје

Подносители (197/2023): Друштво за консалтинг Лански, Ганзгер, Зекири + Партнер ДОО

Oд наводите во иницијативите: 

Во иницијативите меѓудругото се тврди дека има повреда на член 52 став 3 од Уставот или начелото за објавување на законите, односно членот 16 од Законот предвидел истиот да влезе во сила со денот на објавувањето со што директно се задира во интересите на голем број лица, а vacatio legis требало да изнесува најмалку 8 дена, како рок кој е најсоодветен на природата на Законот, односно рокот за објавување треба да биде подолг, а не пократок, сметаат подносителите.

На овој начин засегнатите лица не само што немаат можност да се запознаат со содржината на Законот, што е уставно загарантирано право, туку и не се во можност да поднесат даночна пријава на 25 септември 2023 година (обврска од член 8 од Законот, доспена со денот на објавување) и да ги обезбедат потребните парични средства, се наведува во иницијативата.

Подносителите сметаат дека Законот е спротивен на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. 

Во иницијативите се наведува дека оспорениот закон стапи во сила на 25 септември 2023 година и произведува ретроактивно дејство кое во никој случај не е поповолно за граѓаните, односно во овој случај компаниите. Напротив, според нив, Законот ја нарушува правната сигурност, деловната политика, планирањето на буџетот на компаниите, нивната ликвидност, планираните и идни инвестиции, се доведува во прашање нивното опстојување, со што директно се засегаат граѓаните и нивните работни места во компаниите опфатени со Законот.

Во иницијативата се нагласува дека сите мерки за ублажување на кризите се усвојуваат за време на кризна состојба, а не откако истата ќе заврши. Се појаснува дека содружниците веќе ја распределиле добивката за финансиската 2022 година, но доколку Законот немал предвидена ретроактивна примена или пак бил предмет на јавна и транспарентна законодавна постапка, со оставено време за подготовка за такво плаќање, компаниите не би се довеле до состојба да ги менуваат спроведените деловни планови и инвестиции. Во овој случај им била одземена можноста разумно да одлучуваат за распределбата на добивката и се поткопува стабилноста на Друштвото и неговото управување.

Според подносителот со Законот се повредува и член 52 став 4 од Уставот, пред се затоа што со воведена давачка во 2023 година се опфаќа добивката од 2022 година што е ретроактивно оданочување кое се коси со постоечката даночна регулатива и обврската за изготвување на финансиски извештаи од цитираните одредби од Законот за трговските друштва. 

Се наведува дека со овој закон директно се повредуваат принципите на правичност, еднаквост и пропорционалност, кои се основни начела на кои се темели законот. Во една од иницијативите се наведува дека Законот има дискриминирачка основа за компаниите основани во 2021 година наспроти другите компании.

2.Реферат У.бр.135/2024

Оспорени: член 147 став 2 од Законот за нотаријатот (“Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016 од 12.04.2016 година).

Подносител на иницијативата:Здружение за заштита од дискриминација – Виница

Oд наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорената одредба била противуставна затоа што била спротивна на членот 54 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, затоа што на законските наследници им го ограничувала правото слободно да располагаат со своето право, самите да одлучат дали при расправање на оставината во која граѓанинот како учесник во постапката има потреба од адвокат како полномошник или воопшто не му е потребно. Напротив Законодавецот со ваквата одредба пропишува задолжително присуство на адвокат, која облигаторна одредба претставувала директна дискриминација на законски наследник, имајќи предвид дека некои од законските наследници не се прифаќале за наследници на делот од оставината а морале да имаат адвокат.

3. Реферат У.бр.151/2024

Oспорени:  

Член 47 став 5 и став 6 во делот „максималните износи од ставот (5) на овој член“ од Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр. 49/2010, 53/2011, 126/2012, 15/2013, 69/2013, 106/2013, 177/2014, 25/2015, 73/2015, 83/2015, 154/2015, 11/2016, 53/2016, 120/2016, 163/2016, 74/2017, 83/2018, 27/2019, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.152/2019, 244/2019, 275/2019, 110/2021, 123/2022 и 65/2023).

Член 3 став 25 од Уредбата за изменување и дополнување на уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директни плаќања за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.30/23, 42/23, 110/23, 138/23, 149/23, 248/23, 276/23 и 287/23) и

Член 3 став 25 од Уредба за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директни плаќања за 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/24 и 34/24).

Подносител на иницијативата: Земјоделски комбинат „Пелагонија” АД Битола

Oд наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорените одредби, не се во согласност со член 8 став 1 алинeи 3, 6 и 7, член 51 и член 55 од Уставот на Република Северна Македонија, а оспорените Уредби за 2023 и 2024 година, се наведени како спротивни и на Законот за земјоделство и рурален развој, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за заштита на конкуренција. Според подносителот на иницијативата,оспорените одредби ја нарушуваат темелна вредност слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата положба на сите субјекти на пазарот, преку ограничување на мерка која требало еднакво да ги третира сите засегнати субјекти и чија намера била поттикнување и развој на земјоделството преку поттикнување и развој на земјоделските стопанства.

4. Реферат У.бр.163/2024 и 164/2024

Оспорени: Член 4 став 1 точка 3 и член  69 став 4  од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“  бр. 96/2019)

Подносители на иницијативата: Виолета Маневска од Битола

Татјана Калевска декан на Технолошки- технички факултет Велес

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителите на  иницијативите сметаат дека со вака дефинираната одредба на член 69 став 4 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019) се  врши повреда на основната темелна вредност на уставниот поредок владеење на правото со што се оневозможува уставно загарантираното право на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Според подносителите на иницијативите, правото на жалба не може да се ограничува со дополнителните услови од оспорената законска одредба со што се допушта субејктивно и дикреционо право на судечкиот судија при носење на самата одлука да дозволува или да недозволува право на жалба. Таквото дискреционо право на судечкиот судија овозможува и дискриминација на странките во спорот во зависност од мислењето на судијата да биде или да не биде дозволена жалбата, иако граѓаните се сите еднакви пред Уставот, а правото на жалба е уставно гарантиранo.

5. Реферат У.бр.34/2023

Оспорен: Одлука за определување на заштитни зони за заштита на водите на водозафатниот објект извор „Студенчица“, мерки за заштита, услови, начини на воспоставување на заштитните зони и картографскиот приказ бр.41-410/2 од 10.01.2023 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.7/23).

Подносител на иницијативата: Политичка партија “Левица”

Од наводите: Подносителот наведува дека со оспорените одредби се овозможува изградба на комплексни и габаритни градби од типот на електроцентрали и придружна мрежна и патна инфраструктура и во никој случај не се обезбедува унапредување на животната средина и на природата, туку дехуманизирање на просторот. Се наведува дека со оспорената одредба на Владата забраната за градење на ветерници, фотонапонски централи и патишта во заштитната зона на Студенчица се отстранува и ефективна заштита на изворот повеќе не постои. Подносителот ги наведува оспорените одредби како спротивни со членовите 8, 39, 43, 51, 55 од Уставот, како и спротивни на членови од Законот за водите. 

6. Реферат У.бр.189/2024

Оспорен акт: Одлука за измена и дополнување на Одлуката за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово Транспорт” – Тетово, број 08-12322/67 од 27.09.2023 година, донесена од Советот на Општина Тетово на седницата одржана на 30.05.2024 година, број 08-6682/6 од 30.05.2024 година, објавена во „Службен гласник на Општина Тетово” број 6/2024.

Подносител на иницијативата: Даријан Сотировски

Oд наводите во иницијативата:

Во иницијативата подносителот наведува дека Владата во 2015 година, донела Одлука за престанок и за давање на трајно користење на недвижна ствар на Општина Тетово, со која на дотогашниот корисник Јавното претпријатие за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија му престанува користењето на недвижна ствар – објект новиот фудбалски стадион, и истата се дава на трајно користење без надоместок на Општина Тетово. Меѓутоа, во 2023 година, Советот на Општина Тетово, без законски основ, односно спротивно на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, донела Одлука број 08-12322/67 од 27.09.2023 година, со која го дава објектот на трајно користење на Јавното претпријатие „Тетово транспорт” – Тетово. 

7. Реферат У.бр.112/2023

Оспорени одредби: Член 169, член 170 и член 171 од Колективниот Договор на МВР,   број 02-558/1 донесен на 24.06.2021 година и објавен на 05.07.2021 година, во „Службен весник на Репуб­лика Северна Македонија“ бр. 149/2021.

Подносител на иницијативата:  Мартин Ефремов

Оспорени се членови кои регулираат вонреден работен додаток на плата и за кои подносителот смета дека се во спротивност со членот 32 од Уставот во кој е предвидено дека секој вработен има право на соодветна заработувачка, како и дека секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Се наведува дека со оспорените одредби МВР забранува исплата на одработената прекувремена работа на работниците кои се ангажирани повеќе од 32 часа месечно над полниот фонд на часови во тек на месецот и се дава можност на работодавачот  неограничено да ги ангажира работниците, а притоа да им исплаќа само за 32 часа прекувремена работа.

8. Реферат У.бр.141/2024

Оспорена одредба: Член 6 став 3 од Тарифата за награда и надоместок за другите трошоци за извршителите   

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски

Oд наводите во иницијативата: 

Со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста  на оспорената одредба од Тарифата, со нагласување дека истата не е во согласност со Законот за извршување, како и член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 ставови 1 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија. Цитирајќи ја содржината на член 46 од Законот за извршување, подносителот наведува дека во правниот основ за донесување на Тарифата, погрешно е утврдено дека истата е донесена врз основа на член 46 став 4 од Законот за извршување. Ова од причина што ставот 4 од член 46 од овој закон уредува дека „вредноста на предмет на извршувањето кај паричните побарувања е износот наведен во барањето за извршување определен од доверителот“, додека, Тарифата требало да биде донесена врз основа на законската одредба содржана во ставот 3 од членот 46 од Законот.

9. Реферат У.бр.116/2024

Оспорена одредба:

Подносител на иницијативата: Блаже Шапов, градоначалник на Општина Богданци

Oд наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата со донесување на Програма за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година е повреден член 94, став 4 од Законот за градежно земјиште. Се наведува дека Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година не е во согласност со Правилникот за степенот за уредување на градежното земјиште со објекти на комуналната инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоци  за уредувањето во зависност од степенот на уреденост.

II-ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА

1. У.бр.2/2024, У.бр.3/2024 и У.бр.203/2023

На 25.09.2024 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 и став 2 во деловите „кои се прибираат” од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија” број 147/2023 и 286/2023).

Подносители на иницијативите: Славко Димитров Кристијан Габроски, Робертино Саздов и Ѓорѓи Крстевски

Oд наводите во иницијативите:

Подносителот на иницијативата по предметот У.бр.2/2024, наведува дека член 8 (со еден став) од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци е неуставен, бидејќи упатува на ретроактивна примена на одредбите од Правилникот. Наведува и дека ЗАМП, со член 1 од дополнително донесен правилник за дополнување на погоре наведениот правилник, го дополнил член 8 со нов став 2, но дека и по дополнувањето, не е отстрането ретроактивното дејство на Правилникот за распределба на авторските надоместоци  којшто уредува пониски коефициенти за пресметка на авторските надоместоци за емитуваните авторски дела во 2023 година, споредбено со коефициентите, пред да бидат изменети.

2. У.бр.52/2024

На 18.09.2024 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Деловникот на Општина Зелениково, заведен под број 08-021-1 од 5 мај 1997 година.