Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.22/2024
Скопје, 30.10.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 30.10.2024 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА точката 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 105, 106, 107 и 108 содржани во поглавјето VIII „Постапка за донесување акти на советот“ од Деловникот на Советот на Општина Прилеп („Службен гласник на Општина Прилеп“ бр.11/2004 и 15/2020).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на точката 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 105, 106, 107 и 108 содржани во поглавјето VIII „Постапка за донесување акти на советот“ од Деловникот на Советот на Општина Прилеп („Службен гласник на Општина Прилеп“ бр.11/2004 и 15/2020).
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, по сопствена иницијатива со Решението У.бр.22/2024 од 28.05.2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Деловникот на Советот на Општина Прилеп означен во точката 1 од оваа одлука.
II
На седницата Судот утврди дека во поглавјетo VIII „Постапка за донесување акти на советот“ од Деловникот на Советот на Општина Прилеп, содржана е точката 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 105, 106, 107 и 108.
Според член 105 од Деловникот, барање за автетично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на општината и државните органи кога потребата од автентичното толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење
Во член 106 од Деловникот е утврдено дека барањето за давање на автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседател на Советот кој веднаш барањето го доставува до Статутарно-правната комисија.
Согласно со член 107 од истиот деловник, Статутарно- правната комисија по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од работните тела на Советот и од општинската администрација.
Според член 108 од Деловникот, ако Статутарно-правната комисија оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на Општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Статутарно-правната комисија за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија, согласно со член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. А според ставот 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, според член 110 алинеја 2 од Уставот.
Советот на Општина Прилеп, врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) и член 26 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Прилеп („Службен гласник на Општина Прилеп” бр.6/2003) го донел Деловникот на Советот на Општина Прилеп, објавен во „Службен гласник на Општина Прилеп” бр.11/2004.
Во конкретниот случај, Деловникот на Советот на Општина Прилеп во поглавјето VIII „Постапка за донесување акти на советот“ содржи точка 9 „Автентично толкување на општи акти” во која преку содржината на членовите 105, 106, 107 и 108 го уредува институтот „автентично толкување“ како и процедурата за истиот.
Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 248/2023).
Законот за локалната самоуправа, во член 36 став 1 точка 1 определува дека Советот на Општината го донесува статутот на општината и други прописи, односно според член 62 став 1 од истиот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.
Во конкретниот случај, според Судот, станува збор за прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт. Од Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се предвиди автентично толкување на општи акти. Оттука, Судот утврди дека Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа.
Врз основа на наведеното, а согласно со одредбите од член 51 од Уставот според кои во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, во конкретниот случај, според Судот, точката 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 105, 106, 107 и 108 содржани во поглавјето VIII „Постапка за донесување акти на советот“ од Деловникот на Советот на Општина Прилеп, се во спротивност со Законот за локалната самоуправа, и со темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото, утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според која во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.
IV
Со донесувањето на оваа одлука Судот одлучи да го стави вон сила Решението У.бр.22/2024 од 28 мај 2024 година за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Деловникот на Советот на Општина Прилеп.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски