У.бр.51/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.51/2024
Скопје 12.09.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 12 септември 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 12 алинеја 3 од Деловникот на Општина Босилово („Службен гласник на Општина Босилово“ бр.27/2007).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 12 алинеја 3 од Деловникот на Општина Босилово („Службен гласник на Општина Босилово“ бр.27/2007).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), по сопствена иницијатива со Решението У.бр.51/2024 од 9 април 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 12 став 3 од Деловникот на Општина Босилово.

II

На седницата Судот утврди дека според член 12 алинеја 3 од Деловникот на Општината член на Советот, меѓу другото, има право на седниците на Советот да поднесува барање за давање на автентично толкување на прописите.

III

Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, е определено дека Судот може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Согласно со член 27 став 1 од истиот акт, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Во конретниот случај, врз основа на член 21 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Босилово („Службен гласник на Општина Босилово” бр.3/2005), Советот на Општина Босилово го донел Деловникот на Општина Босилово во чиј член 12 алинеја 3 предвидел дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите. Означената статутарна одредба е основ за донесување на Деловникот на Општината.

Согласно со уставните одредби автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт, односно Собранието согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите. Постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, дадено е право на член на Советот на Општината да поднесе барање за автентично толкување на прописите на седница на Советот.

Според член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно член 62 став 1 од истиот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Во член 21 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Босилово е предвидено дека Советот, меѓу другото донесува Деловник.

Оттаму, цитираните одредби од Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општината кои се означени во Деловникот како основ за негово донесување неспорно содржат овластување за донесување на Деловник на Општината, но ниту овие одредби ниту Уставот не содржат определување на надлежност за членовите на Советот да имаат право да поднесат барање за автентично толкување на прописите кои ги носи Општината.

Имајќи предвид дека станува збор за прашање, коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, произлегува дека органите на локалната власт немаат законска основа за иницирање и спроведување на постапка за давање автентично толкување, и не можат во деловник или статут изворно да го уредуваат овој институт и процедурата за истиот.

Врз основа на направената анализа произлегува дека предмет на уредување е определено право за член на Советот да бара автентично толкување на донесените акти, иако од Уставот и Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување за совет на општина или негов член да дава или бара автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту наведениот закон упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се уреди постапка за автентично толкување на општите акти.

Од овие причини Уставниот суд, согласно член 14 став 1 од Деловникот на Судот, по сопствена иницијатива го покрена прашањето за согласноста на означената одредба од Деловникот на Општината со Уставот и Законот за локалната самоуправа. Со оглед дека нејзиното уредување во Деловникот на Општината, е без уставен и законски основ, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и уставната обврска за усогласеност на прописите со Уставот и законите, определена во член 51 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски