Излагање на судијката проф. д-р Ана Павловска-Данева на Годишнaтa конференција по повод 73 години од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први”

Судијката на Уставниот суд, проф.д-р Ана Павловска-Данева се обрати на Панелот за „Правно советување за современи теми Одлуки на Уставниот суд vis – a – vis Одлуки од редовно судство” на Годишната меѓународна конференција со која се одбележаа 73 години од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први”- Скопје.   

Во фокусот на нејзиното излагање беше темата за „Кохабитација на Уставниот суд и редовните судови во Република Северна Македонија”. 

Проф. д-р Павловска-Данева потенцираше дека во македонската правна рамка недостасуваат процесни одредби за постапувањето на редовните судови во врска со извршувањето на одлуките донесени од страна на Уставниот суд, а во врска со поднесено барање за заштита на човекови права и слободи. 

„Секој обид за толкување на одредбите од новиот Акт на Уставниот суд и Законот за судовите (како и за примена на веќе непостоечката одредба од Деловникот на Уставниот суд кој му претходеше на новиот Акт) во правец на постоење надлежност на Уставниот суд да поништи правосилна одлука на редовното судство, се судира со неможноста за реална имплементација на ваквите одлуки на Уставниот суд заради отсуство на посебни процесни норми во македонската легислатива со која се уредува судското постапување – Законот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка и Законот за управните спорови. Ова би значело дека останува задача на редовното судство преку својата пракса (која е исклучително скромна) да ги уреди правилата на сопственото постапување во случај на поништување на негова одлука од страна на Уставниот суд, што претставува непосакувана реалност”, потенцираше Павловска-Данева. 

Како втора, но исклучително значајна тема која предизвикува дилеми генерално, не само во нашата држава, судијката проф. д-р Павловска-Данева ја посочи следната: „Дали и како редовните судови може да ценат уставност на некој закон во текот на водењето на судска постапка?”

Анализирајќи како е нормирано ова прашање се доаѓа до заклучок дека при своето правораздавање и одлучување во конкретни предмети, судиите во редовното судство можат да ја ценат и уставноста на законите, така што нема да применат извесен (според нив неуставен) закон, решавајќи го предметот непосредно врз основа на Уставот или поднесувајќи иницијатива пред Уставниот суд. 

„Уставот предвидува дека судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, што имплицира дека судијата може и непосредно да го примени Уставот кога цени дека извесен закон е неуставен, а како потврда за издржаноста на ваквата интерпретација се јавува и членот 18, став 2 од Законот за судовите каде е предвидено дека доколку судот смета дека законот што треба да се примени во конкретниот случај не е во согласност со Уставот, а уставните одредби не можат директно да се применат, ќе ја прекине постапката до донесување на одлука од страна на Уставниот суд”, вели судијката Павловска-Данева.

Како примери од судската пракса во оваа насока ги наведе постапувањето на Кривичниот суд во Скопје кој пред донесувањето на новиот Закон за кривичната постапка, директно ги има применето уставните Амандмани при носење на одлука за времетраење на притворот. Исто така, го спомена и примерот од минатата година кога дел од одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи од 2023 година, во поглед на новиот рок за застареност не беа применувани од страна на судиите во основните граѓански судови, оценувајќи го ова одлучување како  еден вид на т.н. „пасивна“ оцена на уставноста на конкретниот Закон преку негово игнорирање.  Дел од анализата на оваа тема е Законот за Управните спорови од 2019 година кога судиите одбиваа да применат одредба  со која законодавецот предвиде рок за поднесување тужба за поведување на т.н. претходен управен спор или спор на молчење на администрацијата – законска одредба која несомнено беше спротивна на уставно-загарантираното право на секој граѓанин на судска заштита против актите и дејствијата на државата. 

„Во последните два случаи, судиите не се одважија да донесат одлуки засновани непосредно врз основа на одредба од Уставот, ниту пак ја искористија законската можност од чл. 18 од Законот за судовите да ја запрат судската постапка и да поднесат иницијатива за оцена на уставноста на законот пред Уставниот суд. Едноставно, по пат на игнорирање не ги применуваа законските одредби за кои сметаа дека се спротивни на Уставот”, заклучи судијката проф. д-р Павловска-Данева. 

Нашата домашна пракса е скромна по овие прашања, но европската литература препознава бројни примери за судир на надлежностите на уставните наспроти оние на редовните судови, судијката.  За изработка на  трудот кој следи од одржаната Конференција, земено е во анализа компаративно искуство на кохабитирањето помеѓу Уставните судови и редовното судство во Полска,  Италија, Германија и Португалија. Особено е ценето мислењето и на Венецијанската комисија која го истакнува ова прашање како слабост на централизираниот модел на уставна контрола, напоменува судијката проф. д-р Павловска-Данева во своето излагање на Правниот факултет. 


ЦЕЛОСЕН ГОВОР НА ТЕМАТА: Кохабитација на Уставниот суд и редовните судови во Република Северна Македонија (дилеми и размислувања)

Етаблирањето на Уставниот суд со Уставот на Социјалистичка Република Македонија во 1963 година, кој започна да работи во 1964 година, беше мотивирано од стремежот во нашиот институционален поредок да егзистира орган надвор од трипартитната поделба на државната власт кој првенствено ќе врши апстрактна контрола на уставноста, т.е. ќе ја испитува уставноста на законите и уставноста и законитоста на другите прописи, без тоа да се однесува на поединечен случај. Освен тоа, денес Уставниот суд на Република Северна Македонија постапува и во поединечни случаи за повреда на конкретни права и слободи на човекот и граѓанинот, а врши и други надлежности наведени во Уставот од 1991 година. 

Главното прашање во врска со темата за кохабитација на редовното судство со Уставниот суд се однесува на правното дејство и начинот  на извршување на одлуките на Уставниот суд донесени по барања за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот. Или, со други зборови: до каде се простираат надлежностите на Уставниот суд  при одлучување по ваквите барања на граѓаните и кои се обврските на редовното судство кога станува збор за извршување на овие одлуки на Уставниот суд?

Гледано строго формалистички, преку методот на анализа на правната норма, Актот на Уставниот суд кој е основна и единствена правна алатка за постапување на Судот е прилично јасен: 

„Одлука за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот 

Член 57 

(1) Со одлуката за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ќе утврди нивна повреда или ќе го одбие барањето. 

(2) Со одлуката со која е утврдена повреда на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, Судот ќе го определи и начинот на отстранување на последиците од примената на поединечниот акт или дејствието со кои тие права и слободи биле повредени.“

Дополнително, треба да се има предвид Законот за судовите:

„Член 13 

(1) Судските одлуки се изрекуваат во името на граѓаните на Република Македонија. 

(2) Правосилната судска одлука има неприкосновено правно дејство. 

(3) Судската одлука може да ја менува или укинува само надлежен суд во постапка пропишана со закон.

 (4) Судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема правна сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган.“

Секој обид за толкување на овие правни норми (како и за примена на одредбата од Деловникот на Уставниот суд кој му претходеше на новиот Акт) во правец на постоење на надлежност на Уставниот суд да поништи правосилна одлука на редовното судство, се судира со неможноста за реална имплементација на ваквите одлуки на Уставниот суд заради отсуство на посебни процесни норми македонската легислатива со која се уредува судското постапување – Законот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка и Законот за управните спорови. Ова би значело дека останува задача на редовното судство преку својата пракса (која е исклучително скромна) само да ги уреди правилата на сопственото постапување во случај на поништување на нивна одлука од страна на Уставниот суд, што претставува непосакувана реалност.

Следна актуелна тема во врска со кохабитацијата на Уставниот суд со редовните судови е дали и во која мера, како и под кои услови, редовните судови можат да ја ценат уставноста на законите во рамки на постапките кои ги водат. Од една страна, во правната теорија се јавува гледиштето дека редовните судови не смеат да ценат уставност и законитост на прописите бидејќи тоа може да го врши единствено Уставниот суд. Од друга страна, Уставот предвидува дека судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, што имплицира дека судијата може и непосредно да го примени Уставот кога цени дека извесен закон е неуставен, а како потврда за издржаноста на ваквата интерпретација се јавува и членот 18, став 2 од Законот за судовите каде е предвидено дека доколку судот смета дека законот што треба да се примени во конкретниот случај не е во согласност со Уставот, а уставните одредби не можат директно да се применат, ќе ја прекине постапката до донесување на одлука од страна на Уставниот суд. Следствено, при своето правораздавање и одлучување на конкретни случаи, судиите во редовното судство можат да ја ценат и уставноста на законите, така што нема да применат извесен (според нив неуставен) закон, решавајќи го предметот непосредно врз основа на Уставот. 

Примери во судската пракса: 

Кривичниот суд во Скопје, пред донесување на новиот Закон за кривичната постапка, директно ги има применето уставните амандмани при носење на одлука за времетраење на притворот.

Дел од одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи од 2023 година, во поглед на новиот рок за застареност ан долговите не беа применувани од страна на судиите во основните граѓански судови што претставува еден вид на т.н. пасивна оцена на уставноста на овој Закон. 

Цели четири години постоеше иста состојба на одбивање на примена на одредбата од Законот за управните спорови од 20189 година од страна на судиите ан Управниот суд. Имено, тие никогаш не ја применија одредбата со која законодавецот предвиде рок за поднесување тужба за поведување на т.н. претходен управен спор или спор на молчење на администрацијата. 

Во последните два случаи, судиите не се одважија да донесат одлуки засновани непосредно врз основа на одредба од Уставот, ниту пак ја искористија законската можност од чл. 18 од Законот за судовите да ја запрат судската постапка и да поднесат иницијатива за оцена на уставноста на законот пред Уставниот суд. Едноставно, премолчно не ги применуваа законските одредби за кои сметаа дека се спротивни на Уставот . На оваа тема ќе биде обрнато повеќе внимание во трудот. Целта на трудот е да се дадат насоки и препораки за воспоставување на сериозна, цврста и пред се, стручна соработка помеѓу редовното и уставното судство која ќе придонесе за подобрување на македонската нормативна рамка, заради поквалитетна заштита на правата на граѓаните.

Иако оваа тема не е речиси воопшто обработувана во македонската правна мисла, во европската литература можат да се најдат повеќе трудови и анализи за кохабитацијата меѓу редовното судство и уставните судови. Судирот на надлежности е многу чест, особено во државите со воведена уставна тужба или жалба како правен механизам за заштита на слободите и правата на граѓаните.

Причината се лоцира токму во потешкотијата да се изврши демаркација на нивните надлежности. Примери за неизбежната тензија во кохабитацијата на редовното судство и уставните судови може да се забележат во повеќе земји. 

Уставниот суд во Полска е основан во 1986 година, Во1990-тите години некои судии од Врховниот суд имаа тврдења дека можат да одбијат примена на неуставни закони без да мораат да го прекинат конкретниот предмет и да упатат иницијатива за оценка до Уставниот суд. Поинаков беше ставот на Уставниот суд кој поаѓаше од гледиштето дека само тој ја има надлежноста да ја оценува (не)уставноста на законите. Овие дилеми во Полска не се успешно разрешени во 1990-тите години, така што и понатаму се јавуваат недоумици. Така, во мислење на Врховниот суд од 2016 година потенцирано е дека во даден предмет Врховниот суд имал право – во услови на нејасна позиција на Уставниот суд – да не примени извесни одредби од даночниот законик поради тоа што се неуставни, без притоа да побара одлука од Уставниот суд. 

Овие прашања и понатаму предизвикуваат дискусија во Полска, не само помеѓу судовите туку и во правната доктрина: 

Историски гледано, извесни дилеми околу односот помеѓу судовите се јавувале и во Италија. Сепак, се забележува дека во оваа држава, после извесни историски турбуленции, постои релативно јасна визија каде завршуваат надлежностите на редовните судови, а почнуваат оние на Уставниот суд. Денес е прифатено гледиштето дека судијата во некои од редовните или управните судови не може да одлучува во конкретниот предмет како законот да не постои, односно дека судијата не може да го игнорира законот, дури и ако е убеден во неговата неуставност. Но, исто така, од него не се бара тој да го примени законот „механички“. Наместо тоа, тој треба да постави прашање пред Уставниот суд.

Не се непознати судири во минатото ниту во Германија, иако,денес се во голема мера надминати. На пример, во 1952 година Германскиот федерален суд на правдата интерпретираше дека членот 14 од Основниот закон на Германија дозволува обештетување дури и во случаите на таканаречена „фактичка експропријација“, односно во случаите кога нема соодветен акт, но постојат елементи на експропријација. Уставниот суд во бројни случаи потенцираше дека не го прифаќа таквото толкување на членот 14 од Основниот закон на Германија, но Федералниот суд дури во 1981 година го смени своето толкување. Денес, сепак, ваквите случаи се поретки и редовното судство ги адресира прашањата за уставноста до Уставниот суд на Германија. 

Да резимираме, иако постојат извесни фрикции и тензии, генерално доминира становиштето дека редовните судови не можат самите да одлучуваат по повод уставноста на законот и да одлучат да не применат закони. Сепак, ова не значи дека постојат извесни исклучоци. Факт е дека има устави, како португалскиот, кои дозволуваат на редовните судови да одлучат да не применат закон ако сметаат дека е неуставен. Од аспект на ефикасност на постапката пак, може да се постави прашањето за одолговлекување на постапките во случаите кога судиите во редовното судство ќе ја прекинуваат својата постапка заради оценка на уставноста на законот од страна на Уставниот суд. Ова и од претставници на Венецијанската комисија е истакнувано како слабост на централизираниот модел на уставна контрола: Ján Mazák.