Излагање на претседателот д-р Дарко Костадиновски на Годишна конференција по повод 73 години од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први”

Апстракт

Предмет на трудот е прашањето за надлежноста на Уставниот суд на Република Северна Македонија да поништува пресуди на редовните судови во контекст на дилемите што ги предизвикува оваа надлежност на Судот и различната уставно судска праткита во период од повеќе години. Имајќи в предвид дека согласно Уставот, Уставниот суд самостојно ја регулира својата работа преку акт кој го донесува самиот Суд, проблемот кој се разгледува во трудот претставува исклучително значајно уставно правно прашање за функционирањето на Уставниот суд, за односот меѓу Уставниот суд и редовните судови и за функционирањето на нашиот правен поредок во целина. Во трудот авторот презентира анализа на досегашната уставно судска практика во оваа област, критички се осврнува кон неа и преку аргументирана расправа предлага пристап кој ја потврдува уставно загарантираната положба на Уставниот суд како чувар на Уставот и заштитник на правата и слободите за кои согласно со Уставот има надлежност да постапува.

Клучни зборови: Уставен суд, редовни судови, поништување на пресуди, човекови права и слободи, Акт на Уставниот суд. 

Прашањето за надлежноста на Уставниот суд на Република Северна Македонија да поништува пресуди на редовните судови, како што беше регулирано во сега веќе поранешниот Деловник на Уставниот суд од 1992 година, е од исклучително значање имајќи ја предвид положбата и надлежностите на Судот во нашиот уставно правен поредок, но и правото на судот, согласно со Уставот, со сопствен акт да го уредува своето работење. Ова прашање, во минатото, често пати, беше предмет на погрешно толкување на деловничките одредби, но исто така ја наметна и потребата да биде предмет на допрецизирање во новиот Акт на Уставниот суд од 2024 година. Одредбите од овој Акт кои се однесуваат на постапката за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот се со одложена примена односно ќе се применуваат од 1 јануари 2025 година.

Прашањето дали Уставниот суд при одлучување по барање за заштита на слободите и правата може да поништи  пресуди на редовните судови, несомнено предизвикуваше дилеми. Доказ за тоа е и континираниот различен пристап и различното толкување на уставните и деловничките одредби од страна на уставните судии во минатото. Токму поради значењето на прашањето, се наметна и потребата од една поширока уставно правна елаборација. 

Имено, Уставниот суд, согласно член 56 од Деловникот, во одлуките со кои утврдил повреда на слободите и правата, се до одлуките во 2023 годна ги поништувал поединечните акти со кои е сторена повредата, без оглед на тоа дали се акти на судови или на управни органи. Така во Одлуката У. бр. 84/2009 од 10.2.2010 година, Судот го поништил конечното и правосилно Решение бр. 01-31/2 од 6 февруари 2008 година донесено од Општинска изборна комисија-Зајас, со кое била одбиена кандидатурата.

Од денот на мојот избор за уставен судија, прашањето пред Судот се има појавено во неколку наврати. Првото соочување со оваа дилема за мене беше во мај 2019та година, при расправата и одлучувањето за барањето за заштита на слободите и правата по предметот У.бр.57/2019. Судот во тој предмет одлучи дека на лицата Павлина Зефиќ, адвокат од Скопје и Панче Тошковски, адвокат од Скопје, им е повредено правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 и член 16 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија. Со Одлуката со која се утврди повредата, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да ги поништи и Решенијата 09 КОК-40/18 од 16.10.2018 донесено од Основниот суд Скопје 1 Скопје, со кое Павлина Зефиќ адвокат од Скопје се казнува со парична казна, во износ од 1000 евра во денарска противвредност, Решението 09 КОК-40/18 од 16.10.2018 донесено од Основниот суд Скопје 1 Скопје, со кое Панче Тошковски, адвокат од Скопје се казнува со парична казна во износ од 1000 евра во денарска противвредност, и Решението КОКЖ-47/18 од 17.12.2018 донесено од Апелациониот суд Скопје, во делот со кој адвокатите Павлина Зефиќ од Скопје и Панче Тошковски од Скопје, се казнуваат со парична казна во износ за двајцата од по 500 евра во денарска противвредност. Тогаш, во расправата пред Судот, се слушнаа различни ставови, дали Уставниот суд може да поништува одлуки на редовните судови, вклучително и оспорените Решенија. Јас бев застапник на стојалиштето дека без дилема Уставниот суд ја има таквата надлежност, но дел од судиите сметаа поинаку, а двајца судии го издвоија своето мислење.

Во Одлуката У. бр. 230/2020 од 12.11.2020 година, Судот ги поништи Решението бр. 02-200/2 од 19. 07. 2018 година на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Решението УСПИ бр. 10/2019 од 16. 10. 2019 година на Управниот суд на Република Северна Македонија и Решението УСПИЖ бр. 17/2019 од 6.5. 2020 година на Врховниот суд на Република Северна Македонија со кое било одбиено барањето за мирување на судиската функција.

Во јануари 2023 година, по барање за заштита на слободите и правата при расправа на Судот по предметот У.бр146/2021 од 12. 7. 2023 година, повторно се постави истото прашање. Уставниот суд расправаше во неколку наврати по барањето од Влатко Стојановски од Скопје, застапуван од адвокат Филип Медарски, за заштита на слободата и правото на јавно изразување на мислата за која слобода и право подносителот сметаше дека му била повредена за време на настаните во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година.

Предлогот на судијата известител, Судот да го одбие барањето, на седницата на Судот на 11.01.2023 година, не го доби потребното мнозинство. Предметот беше разгледуван повторно на неформален колегиум на судиите, при што се појавија нови сознанија, нови факти, кои даваа нов контекст, беа уверливи и имаа одлучувачко влијание, што беше причина судијата известител да подготви дополнување на рефератот со анализа на конкретни околности и факти, со цел фактичката состојба да биде целосно утврдена и да одговори на сите сомнежи кои беа истакнати на претходните расправи. Судијата известител на седницата на Судот на 18.01.2023 излезе со дополнет реферат и поинаков предлог од претходниот. Предлогот на судијата известител беше Судот да утврди повреда на слободите и правата, поточно, слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на барателот Влатко Стојановски од Скопје, вработен во Друштвото за новинско-издавачка дејност МЕДИА ПЛУС Фокус ДООЕЛ Скопје, кому за време на настаните во Собранието на 27 април 2017 година, како акредитиран новинар не му било овозможено да известува и да ја информира јавноста за прашањето од јавен интерес од конститутивната седница на Собранието, како последица на непревземање на соодветни мерки од самата држава и нејзините органи согласно одредбите од член 16 ставови 1, 2 и 3, а во врска со член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, и врз таа основа, пресудата МАЛВП.705/2020 од 14.01.2021 година на Основниот Граѓански суд Скопје и пресудата ГЖ-2666/21 од 31.09.2021 година на Апелациониот суд во Скопје, да бидат ставени вон сила.

Во однос на првата точка од предлогот, Судот беше едногласен, одлучи да утврди повреда на правата на подносителот на барањето. Но предлогот од точката 2 на судијата известител, двете пресуди, на Основниот и на Апелациониот суд да бидат ставени вон сила, не го доби потребното мнозинство. По оваа точка се отвори расправа. Дел од судиите сметаа дека Уставниот суд не може да ги поништува пресудите на редовните судии, дека Судот само треба да утврди повреда, а одлуката на Судот да претставува основ за повторување на постапката пред редовните судови. На ваквото стојалиште се спротивставив јас и уште дел од колегите судии. Јас сметав дека Уставниот суд не треба само да утврди повреда, дека не е прифатлв предлогот пресудите да се стават вон сила, туку дека Судот има надлежност и дека единствен, правилен од уставен аспект пристап е со одлуката со која утврдува повреда, да ги поништи двете пресуди. Во расправата се слушнаа многу дијаметрално спротивни стојалишта и аргументи. 

Мојот став беше дека Уставниот суд има уставна надлежност и овластување да ги поништува пресудите на редовните судови. Доколку правилно се толкуваат уставните вредности и норми, уставната поставеност, функцијата и надлежностите на Судот кои произлегуваат директно од Уставот и доколку правилно се толкува правната природа на Деловникот на Судот, особено членот 56 и 82, во расправата истакнав дека не би требало кај судиите да постојат дилеми односно несомнено треба да биде утврдено дека Уставниот суд може да ги поништува пресудите на редовните судови. 

Да појаснам, како што и претходно во повеќе наврати нагласив, во однос на уставната поставеност на Судот. Уставниот суд е врзан само за Уставот, тој е носител на т.н “четврта” уставно-судска власт, тој е над сите државни органи и не подлегнува на начелото на поделба на власта. Уставниот суд е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста. Уставот е единствената гаранција во неговото делување и само така тој може да ја исполнува својата надлежност, да ја обезбедува супрематијата на Уставот во правниот поредок, да ги заштитува темелните вредности на уставниот поредок, особено прворангираната “слободите и правата на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот”. Факт е дека Уставот на Уставниот суд му доверува улога на директен, непосреден заштитник само на ограничен опфат на слободи и права на човекот и граѓанинот, оние кои се утврдени во член 110 алинеја 3 “ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност”. Но и вака ограничениот опфат претставува исклучително значаен независен уставно правен механизам на заштита кој недвосмислено подразбира дека треба да биде ефективен. 

Во однос на правната природа и карактеристики на Деловникот, односно сега веќе Актот на судот, има sui generis правна природа и каратеристики, тој е единствен од таков вид во нашиот уставно-правен поредок. Тој извира од Уставот, помеѓу Уставот и Актот на судот не постои ништо друго, што на Деловникот односно Актот на Судот му се дава карактер и правна природа на уставна материја. Тој е над законите! Самиот факт што во  Деловникот односно Актот на Судот се регулираат прашања што во принцип ако не му се признае sui generis карактерот на истиот, не би можело да бидат предмет на “деловничка” регулација, ја потврдува таквата правна природа на истиот. На пример, правно дејство на одлуките на Судот, времената мерка, статусни прашања за судиите, имунитетот на судиите, субјекти кои можат да иницираат постапка пред Судот, итн. Актот на Судот претставува “подуставен пропис”! 

Ова е според мене правилно и уставно толкување на уставната положба, функција и надлежност на Уставниот суд како и на правниот карактер и правната сила на одредбите на Деловникот односно Актот на Судот. 

Доколку ова правилно се разбере, и низ ваква призма се анализира членот 56 од Деловникот според кој “Со одлуката за заштита на слободите и правата Уставниот суд ќе утврди дали постои нивна повреда и во зависност од тоа ќе го поништи поединечниот акт, ќе го забрани дејството со кое е сторена повредата или ќе го одбие барањето” моето прашање до судиите беше дали Судот воопшто има избор освен кога ќе утврди повреда, да го поништи поединечниот акт, во конкретниот случај две пресуди, на Основниот и на Апелациониот суд. Едноставно нема! Деловничките одредби беа јасни, доколку Судот утврди повреда, зборовите “и во зависност од тоа ќе го поништи поединечниот акт” имаа императивна и кумулативна природа, тие не даваа можност за избор на судиите, туку јасно одредуваа “штом сте утврдиле повреда”, морате да ги поништите поединечните акти со кои е сторена повредата. Судиите се обврзани да постапуваат и да одлучуваат согласно Уставот и Деловникот, а веќе изнесов став дека Деловникот претставува уставна категорија и тој факт неможе да се игнорира. 

Јасно ставив на знаење дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, дека секој е должен да ги почитува и дека за мене е неприфатливо одлука на Уставен суд да добие карактер на “нов факт или доказ” како претпоставка да се повтори постапката пред редовните судови. Сметам дека е неприфатливо одлучувањето дали одлуката на Уставниот суд претставува нов факт и доказ за повторување на постапката или не, да биде препуштена на редовните судови. Јасно ставив на знаење дека за мене како судија е неприфатливо донесување на утврдувачка/деклараторна одлука, без да се одреди правната судбина на поединечните акти со кои истата е сторена. Во тој случај имаме само декларација, декларативна одлука, “да повреда има, но дали последиците од таквата повреда ќе бидат отстранети”, не зависи од Уставниот суд, тоа ќе го цени некој друг. Недозволиво и неприфатливо стојалиште! Во тој контекст треба и правилно да се разбере членот 82 од Деловникот “Со одлука со која Уставниот суд одлучува за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 на Уставот, Уставниот суд ќе го определи начинот на отстранувањето на последиците од примената на поединечниот акт или дејство со кои тие права и слободи биле повредени”. Со вакви аргументи се спротивставив на колегите судии кои предлагаа Судот да ја утврди само повредата, без да воопшто се осврне на правната судбина на двете пресуди. 

Понатаму, беа изнесени ставови од Законот за судовите, повикувајќи се на членот 13 од Законот, според кој пресудите имале супериорна и неприкосновена природа, односно според кој “(1) Судските одлуки се изрекуваат во името на граѓаните на Република Македонија. (2) Правосилната судска одлука има неприкосновено правно дејство. (3) Судската одлука може да ја менува или укинува само надлежен суд во постапка пропишана со закон. (4) Судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган. (5) Секој е должен да ја почитува правосилната и извршната судска одлука под закана назаконски санкции. Неиздржани и слаби аргументи од уставно правна точка на анализа беа ставовите на дел од колегите дека Законот за судовите бил системски, двотретински закон, и дека тие ја одредувале правната сила и каратеристики на пресудите. Реплицирањето на ваквите наводи е едноставна, Уставниот суд има надлежност да ја цени уставноста и на системските закони, во целина, или нејзини одредби, и кога го има тоа право и надлежност, безпредметно и ирелевантно е за Уставниот суд како некој закон ја определува и дава правни карактеристики на пресудата. Она што е релевантно е дали законските решенија се во согласност со Уставот. Во тој контекст, неспорно е дека одлуките на судовите, неможе да се поистоветуваат со актите на било кој друг државен орган или организација со јавни овастувања. За разлика од другите субјекти, судската одлука потекнува од судската власт, на која Уставот и ја гарантира независноста. И ова е апсолутно точно! Но, оваа differentia specifica не го оправдува пристапот по кој уставносудското преиспитување на судските одлуки, и уставно судската санкција на пресудите на редовните судови, би било ограничено на деклараторен ранг. Таквото толкување не е ниту во духот на намерата на уставотворецот ниту пак во духот ниту пак во согласност со “словото” на Уставот. Судството како посебна власт е уредено во точка 4 од оделот III на Уставот со наслов Организација на државната власт, каде се уредени всушност пиларите на власта и поделбата на законодавна, извршна и судска. Уставниот суд е уреден во посебен одел IV од Уставот. Суштинската разлика тука е што  за разлика од носителите и органите на законодавната, извршната и судската власт, Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста не  поддлежи на начелото на поделба на власта, Уставниот суд е врзан само за Уставот, тој е носител на т.н четврта уставно-судска власт, тој е над сите државни органи и не подлегнува на начелото на поделба на власта. Уставот е единствената гаранција во неговото делување. Во тој контекст надлежност на Уставниот суд е да биде чувар на Уставот, да ги обезбедува темелните вредности на поредокот – меѓу кои и основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како и поделбата на власта, да биде и контролор на овие власти и истовремено да ја обезбедува нивната независност преку темелната вредност поделба на власта и принципот на “кочници и контрола”. Уставниот суд е тој кој ја штити независноста на судската власт, а со самото тоа е поставен над таа власт. Доколку Уставниот суд ја има таквата надлежност, а неспорно ја има, илузорно е да не може да се постави над судската власт вклучително и во преиспитување на нивните пресуди кога треба да одлучи за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, дали се во рамките на Уставот, дали се уставни.

   Поаѓајќи од фактот дека уставната функција на Уставниот суд е да ги штити правата на човекот и граѓанинот, дека Уставот утврдува и дефинира во членот 110 алинеја 3 непосредно и директно остварување на таа функција, произлегува дека на тој начин уставотворецот воспоставил уставно-судска заштита според начелото дека апсолутно сите акти и дејствија на државната власт, (поточно од носителите и органите на трите власти, законодавната, извршната и судската) на ист начин подлежат на оцена на нивната уставност, како и на уставно-судска заштита кога се во прашање правата и слободите на човекот и граѓанинот. Ако вака се толкуваат уставните вредности и норми, поставеноста на Уставниот суд, правната природа на Деловникот односно Актот на Судот, јасно произлегува дека постои уставна обврска законодавецот при вршењето на уставните надлежности и овластувања, да внимава и во законските решенија да ја изземе неприкосновеноста на судските пресуди од уставно судска контрола и санкција на Уставниот суд. Законодавецот мора да води грижа за правното дејство на одлуките на Уставниот суд, односно да обезбеди на уставно-судска контрола и уставно судска санкција да подлежат сите акти на државната, јавната власт, на еднаков начин, со што би се обезбедило и еднакво правно дејство на одлуките на Уставниот суд. Тоа значи дека законодавецот кога со законско решение ги уредувал карактеристиките, правната природа и ефектот на пресудите на редовните судови морал да води грижа и за уставното барање тие да подлежат на уставно судска контрола и санкција. Не може од ваквата уставна функција на Уставниот суд да бидат исклучени судските одлуки. Во таа смисла, пропуштањето на законодавецот ова прашање да го уреди во Законот за судовите, на никој начин не значи дека одредбите од членот 13 од Законот за Судовите, претставуваат изземање на пресудите на редовните судови од уставно судска контрола и преиспитување како и од уставно судска санкци која значи и нивно поништување. Неспорно е дека судските пресуди имаат неприкосновено дејство, неспорно се дека судските одлуки можат да се менуваат или укинуваат само од надлежните судови во постапка утврдена со закон, неспорно е дека судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган и дека секој е должен да ги почитува, но се ова се однесува на останатите две гранки на државната власт, законодавната и извршната, на локалната како и на сите останати органи со јавни овластувања, кои подлежат на начелото на поделба на власта. Но, ваквите законски императивни норми и ефектите предвидени со нив не се и неможат да се однесуваат и за Уставниот суд.

Оттука, доколку Уставниот утврди повреда на уставно загарантирано право или слобода, тој недвосмислено, а согласно и членот 56 и 82 од Деловникот, ќе го определи начинот на отстранување на последиците од актот со кој е сторена повреда, вклучително и негово поништување. Било какво органичување на Судот во остварувањето на ваквата функција би претставувало повреда на уставно утврдената положба, функциите и надлежностите на Уставниот суд. 

Друг аргумент во корист на моите стојалишта е фактот дека во најголемиот број случаи на барања за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот кои се доставуваат до Уставниот суд, судските пресуди се наведуваат како извор на повреда на уставните права.  Ставот на дел од судиите според кој судските пресуди треба да бидат иземени од уставно судската санкција – поништување, а истовремено признавање на овластувањата на Судот да ја применува оваа мерка на сите други поединечни акти и дејствија на останатите власти, претставува еден вид уставно правна-системска противречност. Имајќи предвид дека, според член 51 од Деловникот, само конечен или правосилен поединечен акт може да биде предмет на уставно судска оценка, што значи пред исцрпување на судската контрола како расположлив правен лек за некои акти, дејствија, истите не можат ни да бидат предмет на барање за заштита упатено до Уставниот суд. Тоа значи дека во најголем број случаи пресудите на судовите се последен акт во низата од кои повредата на правата може да се отстрани со нејзина контрола и санкција, без разлика дали е донесена со судска одлука во процесот на обезбедување правна заштита или со неуспехот на судскиот орган да ја утврди и отстрани повредата на правата сторени во претходните фази на одлучување за правата и слободите на човекот и граѓанинот. Оттука, правната елиминација на судските одлуки од делокругот на поништување на одлуката на Уставниот суд ги негира предусловите за ефективно дејство на одлуката на Уставниот суд во голем број случаи и го девалвира уставното значење на институтот барање за заштита на правата и слободите на човекот и граѓанинот, како непосредна директна уставна заштита од акти и дејствија на кој било носител на државната/јавната власт.

Понатаму, подложувањето на судските одлуки на уставно-судска контрола во постапката по барање за заштита на слободите и правата, како и изрекувањето санкција – поништување на пресудите, не е во спротивност или противречност на уставното начело за независност на судската власт, ниту на законските определби од Законот за судовите во однос на надлежностите и правните карактеристики и ефекти на судски пресуди. Напротив, овластувањето на Уставниот суд како орган надлежен за обезбедување на уставно-судска заштита во сите негови надлежности утврдени со Устав, вклучително и надлежноста за одлучување по барања за заштита на слободите и правата, е во функција на остварување на темелната вредност владеење на правото чија функција е во суштина да ги обезбеди и афирмира сите останати темелни вредности, а особено основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени во Уставот. Уставното значење и целта на институтот барање за заштита на слободите и правата не се постигнува со декларативно утврдување на постоење на повреда на правата, туку се постигнува со отстранување на последиците што произлегле од констатираната повреда, без разлика кој државен орган е донесувач на оспорениот акт. 

За компарација, во поткрепа на моите ставови е и следново стојалиште на Уставниот суд на Србија во Одлуката ИУз-97/2012 од 20.12.2012 година: “Судот смета дека во однос кој се карактеризира со експлицитно уставно воспоставување непосредна уставно-судска заштита на човековите права и слободи, со истовремено уставно определување дека судските одлуки се засноваат на Уставот (член 145 став 2), подразбира дека судските одлуки мора да ги почитуваат, пред сè, човековите права и слободи, како нивно вредносно јадро. Тргнувајќи од значењето, систематското и смисловно-логичкото поврзување на соодветните норми на уставот кои се однесуваат на улогата и местото на Уставниот суд во системот на јавната власт, а особено неговата улога во непосредната заштита на правата загарантирани со Уставот при одлучувањето по уставните жалби на граѓаните, произлегува дека ефектот на уставното начело врз независноста на судството (член 4 став 4 од Уставот) и начелото на „недопирливост“ на судските одлуки за вонсудските органи (член 145 ставови 3 и 4 од Уставот) треба да се разбере така што судските одлуки остануваат апсолутно „недопирливи“ за законодавната и извршната власт, кои го задржаа стандардното значење и ефект на принципот на независност на судството. Судските одлуки, сепак, не се „недопирливи“ за оценка дали ги прекршиле основните човекови права загарантирани со Уставот како што во постапката на нормативна контрола Уставниот суд ја оценува уставноста на законите и законитоста на прописите на извршната власт, така и во постапката на уставна жалба Уставниот суд ја оценува согласноста на судските одлуки со уставно загарантираните човекови права и слободи. Основата на двата вида постапки е намерата на уставотворецот сите акти на јавна власт да бидат подредени на Уставот, односно на правата загарантирани со Уставот. Од двете постапки произлегува одлуката на Уставниот суд, со која не се врши „позитивна“ корекција ниту на законот, ниту на судската одлука. Како што е „природно“ од констатацијата на Уставниот суд дека правната норма не е во согласност со Уставот, произлегува и разбирливата и единствена можна последица дека општата норма го губи својството на важечко право, па констатацијата дека судска одлука со која е повредено „конкретно уставно право“ мора неминовно да следи невалидност (ништовност) на поединечен акт на судската власт што е во спротивност со Уставот. Останува недопрено правото на законодавниот орган да ја коригира „својата“ правна норма, со цел да ја усогласи со Уставот, како и правото на судската власт да ја преиспита и исправи сопствената одлука. Ниту Уставниот суд може да го пишува законот наместо законодавецот, ниту уставното судство наместо судот конечно да решава конкретни спорови и да ја преземе неговата надлежност. Иако таквите последици од одлуката на Уставниот суд не се изречно утврдени со Уставот, според Уставниот суд, воспоставувањето нормативна контрола и уставна жалба, Уставот имплицитно ги прифаќа.”

Сите овие мои лични аргументи, поткрепени со стојалишта на моите колеги од Уставниот суд на Србија, сметам дека доволно ја разјаснуваат дилемата која се појави пред колегите во Уставниот суд. 

Но, за жал исходот во случајот У.бр146/2021 година беше таков што Судот буквално се подели во гласовите, и при едногласно утвредна повреда на уставно загарантирани права, Судот со неодлучноста да ги поништи двете пресуди, по мое мислење, не ја оствари својата суштинска улога чувар на уставноста, заштитник на слободите и правата на човекот и граѓанинот. 

Исклучувањето на судската одлука од ефектите на одлуката на Уставниот суд очигледно нема разумно објаснување. Неспорно е дека Уставниот суд со одлука, утврдува повреда на слободите и правата, кога тоа е сторено со судска одлука,па оттука не може да се разбере воздржувањето на Судот истата да ја поништи, како што формално налагаат одредбите од Деловникот, конзистентната уставно-судска практика.

Во една ваква ситуација, останува отворено и прашањето дали ваквото постапување на Уставниот суд е во насока на почитување на начелото на ефикасност и ефективност во постапката за барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот и со практиката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Во таа насока, Судот остава простор со Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија донесен во 2024 година, да ги толкува како овие така и уставните одредби во правец на можно покреативно и похрабро проширување на опфатот на својата надлежност, наместо пренагласено да ги ограничува своите надлежности и овластувања и да ги намалува ефектите од своите одлуки во контекст на заштита на слободите и правата на човекот и граѓаните.

Сметам дека заклучокот кој може да се извлече од ова мое стојалиште е апсолутно прифатлив,  апсолутно аргументиран и е кристално јасен. Спротивните стојалишта на ова, по мое уверување подразбираат, Уставниот суд да ги потценува и девалвира не само уставно загарантираните права и слободи на човекот и граѓанинот, туку и сопствената поставеност, фукција и надлежност, да биде чувар на Уставот во Републиката. Спротивните стојалишта на овие ја прави уставната заштита на слободите и правата, ограничена и деклараторна.