Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.151/23
Скопје, 9 октомври 2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 39 алинеја 1 и член 73 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 9 октомври 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за почетна обука („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.77 од 10 април 2023 година), донесен од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Кренар Лога, со Решението У.бр.151/2023 од 10 јануари 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста на Правилникот наведен во диспозитивот од ова решение, затоа што пред Судот, основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
II
Во текот на постапката, Академијата за судии и јавни обвинители, до Уставниот суд достави допис број 03-44/2 од 01.02.2024 година, со кој го извести Судот дека оспорениот акт повеќе не е во сила од причина што на ден 21.06.2023 година во Службен весник на Република Северна Македонија бр.129/23 е објавен нов Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, каде во член 74 е предвидено дека „со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија бр.20/2015, 192/2015, 231/15 и 163/2018“), а согласно член 73 , предвидена е обврска за донесување на нови подзаконски акти. Со нов допис број 03-44/3 од 29.02.2024 година, Академијата го извести Судот дека се донесени нови правилници и истите ги доставуваат во прилог на дописот. Како појаснување се наведува дека на местото на стариот, сега неважечки Правилник за почетна обука, донесени се два правилници, поделени по фази од почетната обука и тоа Правилник за спроведување на теоретска настава и Правилник за спроведување на практична настава во Академијата за судии и јавни обвинители. Во Правилникот за теоретска настава во почетната обука бр.02-492/4 од 27.11.2023 година, во член 25 точка 3 е наведено дека со денот на влегувањето во сила на овој правилник, во делот на теоретската настава престанува да важи Правилникот за почетна обука („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/17, 88/17, 11/18 и 34/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.193/20 и 296/20). Во Правилникот за практична настава во почетната обука бр.02-96/4 од 16.02.2024 година, во член 25 точка 3 е наведено дека со денот на влегувањето во сила на овој правилник, во делот на практичната настава, а со тоа и во целост престанува да важи Правилникот за почетна обука („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/17, 88/17, 11/18 и 34/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.193/20 и 296/20).
Од анализата на содржината на цитираните правилници кои сега се во сила и примена произлегува дека во завршните одредби при цитирање на службените гласила каде бил објавен претходниот Правилник за почетна обука со сите измени и дополнувања не е означен „Службениот весник на Република Северна Македонија“ бр.77/2023, каде е објавен оспорениот акт кој беше предмет на оцена пред овој суд.
Судот утврди, дека истиот повеќе не е во важност имајќи предвид дека станува збор за измена и дополнување која самостојно без основниот текст на правилникот не може да опстане во правниот поредок. Воедно, носењето на двата нови правилници, новиот концепт на спроведување на обуката, врз основа на овластувањето од Законот што сега е во сила и примена го потврдува исто така фактот дека оспорениот правилник престанал да важи.
Имајќи во предвид сето наведено како и фактот дека во текот на постапката, Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, донел нови акти како обврска која произлегува од одредбите од Законот за судии и јавни обвинители што сега е во сила и примена, со чие донесување оспорениот акт престанал да важи и не е повеќе во правниот поредок, а со оглед на тоа дека Судот не наоѓа основи за оценување на неговата уставност, оцени дека се настапени условите од член 39 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за запирање на постапката.
III
Врз основа на наведеното, Судот едногласно одлучи како во изреката на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски