У.бр.185/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.185/2023
Скопје, 09 октомври 2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115 /2024), на седницата одржана на 9 октомври 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 став 2 и член 14 став 1 од Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија.

Образложение
I

Александар Петковски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 став 2 и член 14 став 1 од актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од член 13 став 2 од Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, работникот се условува да стапува и истапува од членство во синдикатот, додека со оспорената одредба од член 14 став 1 од истиот акт, му се наложува на работникот да плаќа членарина три години откако ќе истапи од членство со што дополнително се условува неговото истапување од членство од синдикатот. Со член 20 став 2 од Уставот се гарантира правото на граѓаните да можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Со Законот за работните односи (член 185 став 1) се уредува дека работникот, односно работодавачот слободно одлучува за своето стапување и истапување од синдикатот, односно здружението на работодавачите, додека согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Зачленувањето во синдикат претставува израз на слободна волја на работникот исто како и престанокот на членство, па оттука произлегува дека условувањето на правото за истапување од членство со пропишување обврска да плаќа членарина уште три години по истапувањето, се спротивни на Уставот и Законот за работни односи.

Од наведените причини со иницијативата се бара Уставниот суд да ги укине оспорените одредби од Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, со што би се овозможило на сегашните и идните членови слободно да стапуваат и истапуваат од членство.

II

На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 13 став 2, доброволно истапување не важи ниту во случаите кога членот користел право што е обезбедено со Колективен договор, потпишан од страна на СОНК или со друг документ (спогодба, договор и сл.) со надлежните социјални партнери и тоа на сите нивоа, а со користење на некои од тие права членот добил зголемување на финансиските средства или подобрување на статусот на работното место, како и ослободување од казни кои произлегуваат од надлежните државни органи (инспекции, раководни органи во установата, судови и сл.), како заслуга на мерки и активности на органите на СОНК.

Согласно со оспорениот член 14 став 1, членот на СОНК, кој сака доброволно да истапи од СОНК, согласно со основите наведени во член 13 од овој статут, истапувањето ќе може да го направи по 3 години од денот на поднесувањето на барањето за истапување од СОНК.

III

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Граѓаните имаат право, согласно со член 37 став 1 од Уставот да основаат синдикати заради остварување на своите економски и социјални права. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации според истиот став од уставната одредба.

Во Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/19, 267/20, 151/21, 288/21 и 111/23), синдикатот е дефиниран како самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси. Во член 185 став 1 од истиот закон, јасно е наведено дека работникот, односно работодавачот слободно одлучува за своето стапување и истапување од синдикатот, односно здружението на работодавачите.

Од анализата на уставните и законските одредби погоре наведени, произлегува дека Уставот утврдува право на граѓаните да се здружуваат во синдикални организации кои се организираат и ја вршат својата функција согласно со одредбите од Законот за работни односи.

Во конретниот случај, според оценка на Судот, Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, претставува пропис подобен за уставно-судска оценка согласно со утврдената надлежност на Уставниот суд, утврдена со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, со оглед на тоа дека на општ начин ги уредува правата и обврските на членовите на синдикатот, се исполнети условите и за уставно судска анализа на оспорените одредби од Статутот.

Од анализата на оспорениот член 13 став 2 од Статутот, произлегува дека со него се предвидува ограничување на доброволното истапување од членство и истото не е возможно за следните случаи: кога членот користел право што е обезбедено со Колективен договор, потпишан од страна на СОНК со надлежните социјални партнери; кога членот добил зголемување на финансиските средства или подобрување на статусот на работното место, кога добил ослободување од казни кои произлегуваат од надлежните државни органи (инспекции, раководни органи во установата, судови и др.), како и кога остварил заслуга на мерки и активности на органите на СОНК. Во оспорениот член 14 став 1, доброволното истапување е условено со истекување на период од 3 години, сметано од денот на поднесувањето на барањето за истапување од СОНК, доколку членот користел некои од правата и бенефициите од членот 13 од Статутот.

Според Судот, со оспорената одредба, која забранува истапување од членството во СОНК по поднесено барање од членот кој доброволно сака да му престане членството се покренува прашањето дали оваа забрана e соодветна и пропорционална. Имено, одложениот предвиден рок од три години, кој треба да помине од изјавувањето дека некој работник повеќе не сака да членува во СОНК, па се до конечното негово истапување од синдикатот, прекумерно ја намалува и ограничува слободата на синдикално здружување на работниците од просветно-културниот сектор, оневозможувајќи им на тој начин да членуваат во други легитимно основани синдикати или пак, да основаат свои, нови синдикални организации, доколку не се задоволни од начинот на работа и преставувањето на СОНК. Условувањето за доброволно истапување од членство доколку членот користел некакви права и бенефиции кои се наведени во членот 13 од Статутот, не смее да биде ограничувачки фактор и покрај изречно изразената волја за напуштање на синдикатот. Со вакво ограничување за истапување од членство, се поставува прашањето за можно ограничување на слободата на синдикалното организирање и начелото на синдикалниот плураризам.

Ваквото уредување во оспорените статутарни одредби, според Судот, може да се стави под сомнение по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 37 став 1 и член 51 од Уставот, како и со член 185 став 1 од Законот за работните односи. Ова од причина што оспорените одредби во себе содржат ограничувачки услов кој го попречува уставното загарантирано право на синдикално здружување, односно законски загарантираното право на слободно одлучување за стапување и истапување од членување во синдикалните организации.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски