У.бр.88/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.88/2024
Скопје, 9 октомври 2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 октомври 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1 алинеја 1 од Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање на примарна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија” број 199/2019), донесена од министерот за правда, број 01-4047/1 од 26.09.2019 година.

Образложение

I

Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба означена во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата подносителот ги цитира содржините на член 4, член 6 став 1, член 8 став 2 и член 12 од Законот за бесплатна правна помош, кои се однесуваат на опсегот на примарната правна помош, обврските на давателите, како и правото на надоместок на трошоците на здруженијата и правните клиники за дадената примарна правна помош.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Тарифата која предвидува надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники со определен број бодови за иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош е во спротивност со член 8 став 2 од Законот кој децидно пропишува дека при давањето на примарна правна помош, давателот го известува заинтересираното лице за правата и обврските на корисниците на бесплатна правна помош и за постапката за добивање на примарна и на секундарна правна помош, без никаков надоместок.

Подносителот смета дека иницијалниот правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош, кој произлегува од член 6 став 1 алинеја 1 од Законот се однесува директно за известувањето на заинтересираното лице за правата и обврските на корисниците на бесплатна правна помош и за постапката за добивање на примарна и секундарна правна помош, регулиран во член 8 став 2 од Законот во кој е предвидено дека давателите на примарна правна помош истиот го обезбедуваат без никаков надоместок, а во корист на заинтересираното лице.

Во контекст на изнесеното подносителот се повикува на правната сигурност како елемент на владеење на правото и начелото на законитост кое дефинира дека општите правни акти со пониска правна сила мора да бидат во целосна согласност со општите правни акти со повисока правна сила, како и уставната обврска за усогласеност на прописите со Уставот и законите, определена во член 51 од Уставот.

Од изнесените причини, со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Тарифата за надомест на трошоците за работа за здруженијата и правните клиники за давање на примарна правна помош и му предлага на Судот, истата да ја укине.

II

На седницата Судот утврди дека оспорениот член 2 став 1 алинеја 1 од Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање на примарна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија” број 199/2019) е со следната содржина:

Надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за вршење на работи на примарна правна помош се определува со бодови и тоа:
– за иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош – 5 бода.

III

Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидена во член 8 став 1 алинеja 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Со Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија” број 101/2019 и 194/24) се уредуваат општите правила за обезбедување на бесплатната правна помош, видовите, опсегот на бесплатната правната помош, давателите и корисниците на бесплатна правна помош, нивните обврски и одговорности, постапката во која се остварува правото на бесплатна правна помош, финансирањето, наградата и надоместокот на трошоците за дадената бесплатна правна помош, бесплатна правна помош во прекугранични спорови, транспарентност и отчетност во давањето бесплатна правна помош, посебните постапки за правна помош, надзорот над примената на овој закон и други прашања кои се однесуваат на бесплатната правна помош (член 1).

Во член 3 точка 1 од Законот е утврдено дека бесплатна правна помош е правна помош одобрена и финансирана од страна на државата на начин и под услови предвидени со овој закон.

Законот во член 4 уредува дека бесплатната правна помош може да биде дадена како примарна правна помош и секундарна правна помош, дека примарната правна помош се дава од страна на овластено службено лице на Министерството, овластено здружение и правна клиника, додека секундарна правна помош даваат адвокати во постапка пред суд, државен орган, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Северна Македонија и лица кои вршат јавни овластувања, согласно со одредбите од овој закон. Воедно, според овој член, средствата за одобрување на бесплатната правна помош и трошоците за дадената правна помош во постапките предвидени со овој закон се обезбедуваат од буџетот на Министерството, како и од донации и други приходи во согласност со закон.

Според член 5 од Законот, право на примарна правна помош имаат сите физички лица кои имаат живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Северна Македонија.

Опсегот на примарна правна помош е уреден во член 6 од Законот на начин што примарна правна помош опфаќа:
– иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош,
– општа правна информација,
– општ правен совет,
– помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош,
– помош при пополнување на формулари, обрасци издадени од управен орган во управна постапка за социјална заштита и заштита на правата на децата; пензиско, инвалидско и здравствено осигурување; заштита на жртви на родово базирано насилство и семејно насилство; постапка за упис во матична книга на родени; стекнување со документи за лична идентификација и државјанство и
– составување на претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител и барања за заштита на слободи и права до Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Член 7 од Законот уредува дека примарна правна помош се дава на секое заинтересирано лице (став 1). Првичната средба во Министерството, во овластеното здружение, во правната клиника е со цел на лицето кое е заинтересирано да му се објасни природата на проблемот или да му се помогне да дознае дали проблемот е правно прашање, дали истото е во рамките на опфатот на правните услуги кои Министерството, здружението и правната клиника ги даваат, како и видовите на правна помош кои се најсоодветни за лицето (став 2).

Обврските на давателите на примарна правна помош се определени во член 8 од Законот кој е со следната содржина:
(1) Давателите се должни да даваат примарна правна помош и да соработуваат меѓусебно согласно одредбите од овој закон.
(2) При давањето на примарна правна помош од ставот (1) на овој член, давателот го известува заинтересираното лице за правата и обврските на
корисниците на бесплатна правна помош и за постапката за добивање на примарна и на секундарна правна помош, без никаков надоместок.
(3) Давателот има обврска на лицето да му помогне да го пополни барањето за секундарна правна помош како и изјавата за неговата финансиска состојба и финансиската состојба на членовите на неговото семејство, кон кое се приложени оние документи кои само лицето ги поседува и може да ги обезбеди, а се однесуваат на правното прашање за чие решавање се бара правна помош. Министерството по службена должност ги прибавува и сите други потребни документи од надлежни институции.
(4) Врз основа на првичната средба со лицето и целокупната прибавена документација, давателот најдоцна во рок од два дена од средбата ќе изготви кратко писмено мислење за предметот кое ќе го приклучи кон списите и ќе го комплетира барањето за секундарна правна помош.
(5) Здружението или правната клиника во рок од четири дена од приемот на барањето, истото го доставува до подрачното одделение на Министерството кое се наоѓа на подрачјето на кое лицето има живеалиште или престојувалиште.
(6) Давателите водат евиденција за дадената примарна правна помош.
(7) Здружението за податоците што се однесуваат на дадената примарна правна помош е должно да доставува месечни извештаи до Министерството. Правната клиника е должна да доставува извештаи на секои шест месеци до Министерството.
(8) За дадената примарна правна помош здружението и правната клиника имаат право на надоместок согласно со членот 12 од овој закон.

Со Законот се предвидува финансирање на здруженијата и правните клиники како даватели на примарна правна помош од страна на Министерството за правда, а финансирањето се врши согласно со член 11 од Законот врз основа на објавен јавен конкурс од страна на Министерството за правда.
Со член 12 став 1 од Законот, се уредува дека здружението и правната клиника кои не се финансираат согласно со член 11 од овој закон, имаат право на надоместок за дадената примарна правна помош за секој предмет одделно за кој е одобрено барање за секундарна правна помош.

Согласно со член 12 став 2 од Законот, здружението и правната клиника имаат право на надоместок и за дадената примарна правна помош од член 6 алинеи 5 и 6 од овој закон за следните лица: корисници на права на парична помош од социјална заштита, приматели на инвалидска пензија и жртви на семејно и родово базирано насилство.

Со член 12 став 3 од Законот, се уредува дека надоместокот од ставовите 1 и 2 на овој член се пресметува врз основа на трошковникот за обемот на извршената работа, а согласно со Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање на примарна правна помош.

Според член 12 став 4 од Законот, министерот ги пропишува образецот за трошковникот и тарифата од ставот (3) на овој член.

Министерот за правда, повикувајќи се на овластувањето од член 12 став 4 од Законот, ја донел Тарифата со која се определува надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за вршење на работи на примарна правна помош (член 1 од Тарифата).

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Тарифата која уредува дека надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за вршење на работи на примарна правна помош се определува со бодови, а за иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош изнесува 5 бода, е во спротивност со член 8 став 2 од Законот за бесплатна правна помош.

Тргнувајќи од пошироката анализа на изнесените законски одредби, произлегува дека примарна правна помош е вид на бесплатна правна помош одобрена и финансирана од страна на државата на начин и под услови предвидени со Законот за бесплатна правна помош, а даватели се овластено службено лице на Министерството, овластено здружение и правна клиника. Примарна правна помош, меѓу другото, опфаќа иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош. Средствата за одобрување на бесплатната правна помош и трошоците за дадената правна помош во постапките предвидени со овој закон се обезбедуваат од буџетот на Министерството, како и од донации и други приходи во согласност со закон.

Имајќи ги предвид наводите во иницијативата, во корелација со содржината на изнесените законски одредби неспорно произлегува правото на надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за дадената примарна правна помош, кое понатаму е разработено во оспорената одредба во Тарифата. Притоа, потребно е да се има предвид дека член 8 став 2 од Законот ја уредува обврската на давателот на примарна правна помош без никаков надоместок да го известува заинтересираното лице за правата и обврските на корисниците на бесплатна правна помош како и за постапката за добивање примарна и секундарна правна помош. Меѓутоа, правото на надоместок здружението и правната клиника како даватели го остваруваат според понатамошните одредби од Законот, како што предвидува член 8 став 8 од Законот, според кој за дадената примарна правна помош, здружението и правната клиника имаат право на надоместок кој го остваруваат согласно со член 12 од Законот.

Од утврдената правна и фактичка состојба произлегува дека законскиот основ за донесување на Тарифата како подзаконски акт е член 12 од Законот во кој изречно се прецизирани законските критериуми според кои здружението и правната клиника имаат право на надоместок за дадената примарна правна помош за што всушност во член 12 ставови 3 и 4 од Законот е предвидено надоместокот да се пресметува врз основа на трошковник за обемот на извршената работа, согласно предметната Тарифа.

Од Законот за бесплатна правна помош неспорно произлегува овластувањето на министерот да го пропише правото на надомест на трошоците на наведените категории даватели (здружението и правната клиника). Законски утврденото право на надоместок за дадената примарна правна помош е разработено со оспорената одредба од Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники на начин што надоместот се определува во бодови, а за иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош изнесува 5 бода.

Со Законот за бесплатна правна помош е утврден опсегот на дејствијата коишто ги преземаат давателите при давањето на примарна правна помош за кои согласно со Законот имаат право на надоместок за извршената работа, во кои дејствија спаѓа и подготовката, односно иницирање на правото на користење на примарната правна помош. Врз основа на цитираните одредби произлегува дека оспорениот дел од тарифата има законски основ, што е видно и од член 6 став 1 алинеја 1 од Законот во кој е предвидено дека примарната правна помош опфаќа иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош, која содржина е пренесена во член 2 став 1 алинеја 1 од Тарифата.

Од уставно-судската анализа Судот утврди дека уредувањето во оспорената одредба од Тарифата е во функција на разработка на одредбите од Законот со кои се определува надомест на трошоците за работа на здружението и правната клиника за дадената примарна правна помош, во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.
Имајќи го предвид погоре изнесеното, не може основано да се постави прашањето за несогласноста на оспорената одредба од Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање на примарна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија” број 199/2019) со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, ниту со член 8 став 2 од Законот за бесплатна правна помош на кои се повика подносителот во иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски