У.бр.97/2022

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.97/2022
Скопје, 09.10.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 9 октомври 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.81/2022), донесена од Владата на Република Северна Македонија.

Образложение
I

До Уставниот суд на Република Северна Македонија, Ацо Томановски од Скопје, застапуван од адвокат Калин Митрески, од Скопје, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, член 2 од Уредбата не е во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: член 52 став 4, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните; член 55 став 2, според кој слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето и член 8 став 1 алинеја 3, според која владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Ова поради тоа што со оспорениот член од Уредбата се дава повратно дејство на Уредбата и иако е понеповолна за странките, се овозможува да се применува надоместокот утврден во Прегледот на веќе започнати постапки за приватизација кои се во постапка на решавање пред надлежен орган, а кои поради неажурност на органите сè уште не се решени. Наспроти нив, има повластени баратели за приватизација чии барања се веќе решени со помал износ на надоместок согласно со Уредбата пред неговата измена, од што произлегува дека со ретроактивното важење на оспорената уредба се доведени барателите во предметите кои не се окончани, во дискриминирачка и понеповолна положба од другите баратели.

Оттука, со членот 2 од Уредбата директно се повредуваат одредбите од Уставот кои се наведени и се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и оспорениот член да го поништи. Воедно, се бара Судот да изрече времена мерка и согласно со член 37 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба од Уредбата.

II

На седницата Судот утврди дека Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште, во член 2 предвидува дека на постапките за приватизација на градежното земјиште започнати пред денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместот определена со Прегледот кој е составен дел на оваа уредба.

III

Според член 110 ставови 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата кога постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Поаѓајќи од анализата на наводите во конкретната иницијатива со која се бара оцена на уставноста и законитоста на член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште, Судот утврди дека овој суд веќе постапувал и со Одлуката У.бр.36/2022 од 15 мај 2024 година го укина член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште. Одлуката е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.121 од 10.06.2024 година и од тогаш произведува правно дејство.

Во наведената одлука, Судот оцени дека субјектите на правото кои повеле постапка за приватизација на градежно земјиште согласно со претходниот правен режим и услови, и истите ги окончале таквите постапки, биле во иста правна и фактичка положба со субјектите кои повеле постапка, но истите не биле окончани (без разлика на причините за тоа), согласно со правниот режим и условите во времето на поведувањето на постапките. Разликата што едните ги окончале, а другите не ги окончале започнатите постапки, не го менува фактот дека под исти правни правила барале остварување на нивните права предвидени со Законот и со Уредбата. Но, со измените на условите и висината на надоместот со оспорената одредба од Уредбата, оние субјекти кои не ги окончале постапките до денот на стапување на сила на измените, се ставаат во нееднаква и понеповолна положба во однос на оние кои ги окончале постапките, со што се доведува во прашање принципот на еднаквост, утврден во член 9 од Уставот.

Врз основа на наведената уставно-судска анализа на уставните одредби, како и од анализата на оспорената одредба од член 2 од Уредбата, Судот во наведената одлука утврди дека оспорената одредба од член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште, не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 и член 52 став 4 од Уставот.

Од овие причини Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки Судот да се впушти во уставно-судска анализа на оспорениот член 2 од Уредбата од причина што истиот повеќе не е во правниот поредок, со што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски