У.бр.6/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.6/2024
Скопје, 09.10.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 9 октомври 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 242 став 1 во делот „семејна“ од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014,188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018, и 245/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2022 и 79/2023).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 242 став 1 во делот „семејна“ од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Според подносителот на иницијативата, вака дефинираната одредба им овозможува само на корисниците на семејна пензија кои имаат деца со пречки во психофизичкиот развој да имаат можност да побараат утврдување на право на надоместок на трошоците за сместување и исхрана за време на стручно, односно работно оспособување.

Подносителот смета дека со ваквиот начин на дефинирање на оспорената одредба се воспоставува нееднаквост меѓу корисниците на секој друг вид пензија (старосна или инвалидска), а кои имаат деца со пречки во психофизичкиот развој да не можат да го остварат правото на надоместок на трошоците за сместување и исхрана за време на стручно, односно работно оспособување за разлика од корисниците на семејна пензија кои имаат деца со пречки во психофизичкиот развој кои имаат право на овој надоместок, со што се повредуваат начелото на социјална правда и хуманизам, пропишанo со член 8 став 1 алинеја 8 и начелото на еднаквост, пропишано со член 9 од Уставот.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 242 став 1 во делот „семејна“ од Законот за пензиско и инвалидско осигурување и истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека член 242 став 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување гласи „До утврдувањето на правото на надоместокот на трошоците за сместување и исхрана на децата со пречки во психофизичкиот развој, со закон, детето на осигуреникот, односно на корисникот на семејна пензија со пречки во психофизичкиот развој има право на надоместок на трошоците за сместување и исхрана за време на стручно, односно работно оспособување“.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото и хуманизацијата, социјалната правда и солидарност се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Член 9 став 1 уредува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичко уверување, имотната и општествената положба. Во став 2 на член 9 од Уставот е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 34 од Уставот е утврдено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според ставот 1 на член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, додека според став 3 од истиот член, Републиката е должна да обезбеди посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.
Уставот во член 51 уредува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Оспорената одредба од член 242 став 1 е содржана во глава XIII. Преодни и завршни одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014,188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018, и 245/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2022 и 79/2023), и истата гласи „До утврдување на правото на надоместок на трошоците за сместување и исхрана на децата со пречки во психофизички развој со закон, детето на осигуреникот, односно на корисникот на семејна пензија со пречки во психофизичкиот развој има право на надоместок на трошоците за сместување и исхрана за време на стручно, односно работно оспособување“. Ставовите 2 и 3 од истиот член гласат: (2)„ Како дете со пречки во психофизичкиот развој, во смисла на ставот (1) на овој член, се смета дете кое според посебните прописи за категоризација и евидентирање на таквите деца е утврдено дека е со пречки во психофизичкиот развој.(3) Во рокот од ставот (1) на овој член Фондот со општ акт поблиску ќе го утврди начинот под кој на децата со пречки во психофизичкиот развој им се обезбедува надоместок за сместување и исхрана за време на стручно, односно работно оспособување“.

Имено, подносителот на иницијативата го оспорува член 242 став 1 во делот „семејна“ и смета дека со вака дефинираната одредба се повредуваат начелото на социјална правда и хуманизам, пропишано со член 8 став 1 алинеја 8 и начелото на еднаквост, пропишано со член 9 од Уставот, односно се воспоставува нееднаквост меѓу корисниците за секој друг вид пензија (старосна или инвалидска) кои имаат деца со пречки во психофизичкиот развој, да не можат да го остварат правото на надоместок на трошоците за сместување и исхрана за време на стручно, односно работно оспособување, за разлика од корисниците на семејна пензија кои имаат деца со пречки во психофизичкиот развој кои имаат право на овој надоместок.

Разгледувајќи ја предметната иницијатива од аспект на изнесените наводи за неуставноста на оспорената одредба се утврди следното:

Со член 23 од Конвенцијата за правата на децата ( усвоена на Генералното собрание на Обединетите нации со резолуција 44/25 од 20 ноември 1989), се уредува дека државите членки признаваат дека ментално заостанато или физички инвалидно дете треба да ужива полн и достоинствен живот, во услови коишто го обезбедуваат неговото достоинство, ја поттикнуваат самостојноста и го олеснуваат активното учество на детето во заедницата. Државите членки ја поттикнуваат и обезбедуваат помошта на детето кое за тоа ги исполнува условите и оние кои се одговорни за грижа за него, го признаваат правото на детето на посебна нега за која е поднесено барање, зависно од расположливите средства и која одговара на состојбата на детето, и на условите на родителите или на другите лица кои се грижат за детето. Уважувајќи ги посебните потреби на детето, помош во согласност со точка 2 се дава бесплатно секогаш кога тоа е можно, имајќи ги предвид финансиските средства на родителите или на други лица кои се грижат за детето, тоа е така осмислено за да детето има ефикасен пристап и да добива образование, обука, услуги на здравствена заштита и рехабилитација, подготовка за вработување и можности за рекреација на начин кој придонесува за остварување на што поцелосна интеграција и личен развој на детето вклучувајќи го културниот и духовниот развој.

Во член 27 од Конвенцијата државите членки на секое дете му го признаваат правото на животен стандард соодветен со физичкиот, менталниот, духовниот, моралниот и општествениот развој на детето и во согласност со националните услови и своите можности, преземаат соодветни мерки за помош на родителите и на другите лица одговорни за детето особено поради остварување на ова право и во случај на потреба, обезбедувајќи материјална помош и поткрепа во поглед на исхраната, облеката и живеењето .

Согласно со член 2 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија” број 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022 и 236/2022) заштитата на децата е организирана дејност заснована на правата на децата, како и на правата и обврските на родителите за планирање на семејството и на државата и единиците на локалната самоуправа за водење хумана популациона политика. Заштитата на децата се остварува со обезбедување услови и ниво на животен стандард што одговара на физичкиот, менталниот, емоционалниот, моралниот и социјалниот развој на децата. Државата, како и единиците на локалната самоуправа се грижат за давање на соодветна материјална помош на родителите за издржување, подигнување, грижа и заштита на децата и организирање и обезбедување на развој на установи и служби за заштита на децата.

Со член 3 од Законот е уредено дека заштита на децата, во смисла на овој закон, се остварува преку обезбедување на определени права, средства и облици за заштита на децата. Членот 4 уредува дека во примената на одредбите од овој закон се тргнува од принципите на заштитата на правото на живот и развој на детето, заштитата на најдобриот интерес на детето, обезбедување на минимум стандард за секое дете под еднакви услови, исклучување на каква било форма на дискриминација, почитување на правото на детето на слобода и безбедност на личноста, на сопствено мислење и слободно изразување, здружување и образование, услови за здрав живот и остварување на други социјални права и слободи на детето.

Со Законот за пензиско и инвалидско осигурување се уредуваат задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, остварувањето на правата од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Правата од пензиско и инвалидско осигурување се утврдени во член 5 од Законот, меѓу кои, покрај другите права, е предвидено и правото на семејна пензија, правото на старосна пензија и правото на инвалидска пензија.

Согласно со член 6 ставови 1 и 3 од Законот е предвидено дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се неотуѓиви, лични материјални права и не можат да се пренесуваат на други лица, а користењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, остварени според овој закон, може да престане или да се ограничи само во случаи и под услови предвидени со овој закон.

Согласно со Законот, со задолжителното пензиско и инвалид-ско осигурување во случај на смрт на осигуреникот, односно корисникот на пензија, се обезбедува семејна пензија за членовите на семејството.

Тргнувајќи од член 40 од Уставот, законодавецот во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, меѓу другото, ги определува и општите и посебните услови за остварување на правото на семејната пензија како и лицата кои можат да го остварат ова право.

Во член 57 став 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување утврден е кругот на членовите на семејството кои можат да остварат право на семејна пензија. Според оваа одредба од Законот, семејна пензија можат да остварат членовите на семејството: брачниот другар; децата (родени во брак или надвор од брак или посвоени, посиноците кои ги издржувал осигуреникот, внуците и други деца без родители кои ги издржувал осигуреникот) и родителите (таткото и мајката, очувот и маќеата) и посвоителот, што ги издржувал осигуреникот.

Со член 58 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е утврдено дека семејна пензија се остварува, само доколку осигуреникот исполнил и одредени услови. Во ставот 1 е утврдено дека членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија ако умрениот осигуреник: 1) наполнил најмалку пет години стаж на осигу-рување или најмалку десет години пензиски стаж; 2) ги исполнил условите за старосна или инвалидска пензија или 3) бил корисник на старосна или инвалидска пензија.

Според ставот 2 на членот 58, ако смртта на осигуреникот настанала како последица од повреда на работа или од професионална болест, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија, без оглед на должината на пензискиот стаж на осигуреникот.

Во рамките на ова свое овластување законодавецот таксативно ги навел општите и посебните услови што треба да ги исполни секој член од семејството кој има право на семејна пензија, при што за секој од членовите на семејството се предвидени определени посебни услови.

Притоа, според Законот, за сите определени категории на лица кои имаат право на семејна пензија важат истите услови предвидени за таа категорија и меѓу нив не се прави разлика во условите по кој било основ, што значи дека сите лица кои исполнуваат некои од предвидените посебни законски услови за таа категорија на членови на семејството – под еднакви услови можат да го остварат правото на семејна пензија.

Старосна пензија стекнува осигуреникот кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж согласно член 18 од Законот.

Согласно со член 50 став 1 од Законот, осигуреникот кај кого ќе настане општа неспособност за работа, како и осигуреникот со преостаната работна способност кој поради навршување на одредени години на живот не може со професионална рехабилитација да се оспособи за вршење на друга соодветна работа, стекнува право на инвалидска пензија ако ги исполнува условите предвидени со Законот.

Во конкретниот случај корисници на семејна пензија се членовите на семејството кои се таксативно наброени во член 57 од Законот, според кој правото на семејна пензија осигуреникот го остварува во случај на смрт, додека правото на старосна односно инвалидска пензија осигуреникот го стекнува со исполнување на условите пропишани во Законот од што произлегува дека истите не се во иста правна положба односно станува збор за различни категории на лица корисници на пензија.

Хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, коишто се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, загарантирани со член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, имаат универзално значење и примена и нивното остварување во практиката зависи од врската што постои помеѓу лицата.

Членот 9 од Уставот не може да биде повреден кога со оспорената законска одредба се уредуваат права и обврски на различен начин за различни субјекти, од причина што принципот на еднаквост важи само за оние субјекти во правото што се наоѓаат во еднаква правна положба и услови. Во конкретниот случај, станува збор за различни категории на лица корисници кои не се во иста правна положба.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го предвидува и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност коешто е препуштено на уредување со закон. Исто така, Уставот ја предвидува грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните која се остварува врз основа на начелото на социјална правичност. Овие уставни принципи произлегуваат од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата што се стекнуваат, нивната висина, начинот на стекнување и користење се во надлежност на законодавната власт, која има широк простор во уредувањето на сите релевантни услови коишто се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Родителите имаат примарна должност и одговорност да се грижат за подигање и развој на децата, а Републиката, во зависност од економскиот и социјалниот развој им дава соодветна помош на родителите, потребна за развојот на детето.

Уставниот принцип „сите се еднакви пред законот” го обврзува законодавецот да не внесува одредби во кои се прави разлика меѓу луѓето, како и обврска за органите и другите субјекти еднакво да ги применуваат законите што значи во исти случаи да донесуваат исти одлуки, водејки грижа за особеностите на случајот и негово индивидуализирање.

Оттука, Судот утврди дека наводите на подносителот на иницијативата дека со вака дефинираната оспорена законска одредба се воспоставува нееднаквост меѓу корисниците на секој друг вид пензија (старосна или инвалидска) кои имаат деца со пречки во психофизичкиот развој да не можат да го остварат правото на надоместок на трошоците за сместување и исхрана за време на стручно, односно работно оспособување за разлика од корисниците на семејна пензија кои имаат деца со пречки во психофизичкиот развој кои имаат право на овој надоместок, со што се повредуваат начелото на социјална правда и хуманизам, пропишано со член 8 став 1 алинеја 8 и начелото на еднаквост, пропишано со член 9 од Уставот, се неосновани.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски