У.бр.147/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.147/2024
Скопје, 02.10.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 2 октомври 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 146 став 3, член 410-а, член 429-а од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија” бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015) и член 27 ставови 2 и 3 од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2009; 148/2011, 106/2013, 166/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.257/2020 и 205/2023).

Образложение
I

Златко Јолески, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите, означени во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата подносителот укажува на судската пракса со која тужбите на граѓаните на Република Северна Македонија кои се поднесени преку адвокати се отфрлаат како неуредни поради нецелосно платена судска такса, на кој начин се загрозува правната сигурност и правото на пристап до правда.

За подносителот е неспорно дека судската такса за водење на одреден судски предмет е задолжителна и треба да биде платена од граѓаните, а судот нема обврска да работи предмет за кој не е платена судската такса од оној кој ја иницирал постапката, но спорно и неправично е да се ускратува правото на граѓаните да водат судска постапка поради тоа што не приложиле правилно уплатена судска такса, без претходно судот да ги повика да ја доплатат, со назначување на правните последици од неплаќање на судската такса.

Според подносителот, оспорените законски одредби служат за отфрлање на тужбите на граѓаните со цел зголемување на бројот на судски завршени предмети, со што во неповолна положба се наоѓа странката која се јавува како тужител, особено во постапки каде роковите за повторно поднесување на тужбата се истечени од причина што тужбата претходно се сметала за повлечена поради неплатена или нецелосно платена судска такса. Притоа смета дека неплатената или нецелосно платената судска такса при поднесување на тужбата не смее да биде причина за неповедување на судски спор и ограничување на граѓаните да ги остварат своите права.

Врз основа на изнесеното, подносителот смета дека оспорените одредби од Законот за парничната постапка и Законот за судските такси се спротивни на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, како и на член 51 од Уставот на Република Северна Македонија поради што му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените одредби и истите да ги поништи.

II

Судот на седницата утврди дека според член 146 став 3 од Законот за парнична постапка „Ако тужителот не ја плати судската такса во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на тужбата, се смета дека тужбата е повлечена”.

Според член 410-а од истиот закон „тужбата се смета за повлечена ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса”, исто така, според член 429-а „тужбата се смета за повлечена, ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса.”

Во член 27 од Законот за судските такси се предвидува дека:

(1) Ако судот прими поднесок од странка, за кој не е платена такса или таксата не е платена целосно, или ако странката не доставила потврда за платената такса која се плаќа во готови пари, судот на подносителот ќе му достави налог за плаќање на таксата со укажување дека е должен да ја плати во рок од пет дена од денот на приемот на налогот и воедно ќе ја предупреди странката за последиците од неплаќање на таксата. Во овој случај странката плаќа такса и за доставениот налог за плаќање.
(2) Одредбите од ставот 1 на овој член не се однесуваат на такса за тужба во парнична постапка.
(3) Нецелосно платена такса за тужба во парнична постапка се смета за неплатена такса.

III

Согласно со член 110 алинеja 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

По повод претходно поднесени иницијативи, Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на одредбите од Законот за парничната постапка и Законот за судските такси кои и сега се предмет на оспорување со иницијативата.

Оспорените одредби од Законот за парнична постапка биле предмет на разгледување пред Уставниот суд при што со Решението У.бр.188/2008 од 17 декември 2008 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 146 ставови 2 и 3 и членовите 410-а, 417-а и 429-а од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005 и 110/2008”).

Имено, Судот со наведеното решение не го постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите на Уставот, меѓу другото, и од аспект на остварувањето на темелните вредности на уставниот поредок – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право (член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11).

Судот во образложението на Решението У.бр.188/2008, го изразил следниот став:

„Во конкретниот случај, законодавецот ја уреди со закон парничната постапка пред судовите, определувајќи, при поднесувањето на тужбата или најдоцна во рок од 15 дена односно за посебните постапки во рок од 8 дена, да се плати судската такса. Во тој рок Законот определува дека судот нема да постапува по тужбата, а потоа, ако не биде платена судската такса, ќе се смета дека тужбата е повлечена.

Со тоа, Законот обезбедува забрзување и економичност во судските постапки врз уставниот принцип на итност, како и дисциплина во плаќањето на трошоците на постапката како јавни давачки, водејќи притоа сметка за остварување на правото на секој граѓанин на судска заштита на своите слободи и права, независно од социјалното потекло и имотната положба. “

Оспорените одредби од Законот за судските такси, исто така, биле предмет на уставно-судска оцена пред Уставниот суд кој со Решението У.бр.57/2010 од 30 јуни 2010 година не поведе постапка за оценување на нивната уставност. Судот во наведеното решение, зазел став дека „од причина што постапката за плаќање на судските такси во парничната постапка е регулирана во Законот за парничната постапка, со оспорените ставови 2 и 3 на членот 27 од Законот за судските такси се врши изземање на оваа постапка за наплата на неплатената такса, што не е во спротивност со одредбите на Уставот на Република Македонија”.

Прашањето за уставноста на член 146 ставови 2 и 3 од Законот за парничната постапка, и дали со нив се повредуваат уставните одредби со сега доставената иницијатива било предмет на разгледување пред Уставниот суд кој веќе постапувал по повеќе предмети со кои утврдил дека се исполнети условите да ја отфрли иницијативата, со образложение дека за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, и тоа:

Во предметот У.бр.67/2010 од 17.11.2010 година, Уставниот суд jа отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 146 ставови 2 и 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008 и бр.83/2009). Обрaзложението на Решението се заснова на ставот на Судот изразен во предметот У. бр.188/2024 „Според ставот на Судот, законодавецот имал овластување со закон да ја уреди постапката пред судовите, при што законот мора да биде во согласност со Уставот и да го обезбеди правото на секој граѓанин да се повика на заштита на уставно утврдените слободи и права пред судовите, врз начелата на приоритет и итност независно од неговото социјално потекло и имотната положба, со што се обезбедува остварување на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, како и определбата на Република Македонија за социјална држава”.

Исто така, во предметот У.бр.123/2021 од 27.09.2022 година, Уставниот суд утврди дека се исполнети условите да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 146 ставови 2 и 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), бидејќи за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со сега доставената иницијатива повторно се бара оценување на уставноста на член 146 став 3, член 410-а и член 429-а од Законот за парничната постапка, како и член 27 ставови 2 и 3 од Законот за судските такси за кои подносителот смета дека се неуставни и спротивни на член 8 став 1 кој ги прокламира темелните вредности на уставниот поредок, меѓу кои основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право (алинеи 1, 3 и 11). Законските одредби подносителот на иницијативата ги оспорува од аспект на ограничување на правата на граѓаните да водат судска постапка поради неплатена или нецелосно платена судска такса при поднесување на тужба, при што укажува на судската пракса на отфрлање на тужбите на граѓаните кои се поднесени преку адвокати како неуредни, поради нецелосно платена судска такса.

Oд анализата на уставно-судска практика произлезе дека оспорените одредби од двата закони биле предмет на уставно-судска оцена, при што Уставниот суд не утврдил дека се спротивни на Уставот. Имајќи предвид дека правната и фактичката состојба од тогаш досега се непроменети, Судот оцени дека аспектите на оспорување изнесени во оваа иницијатива не се од влијание за заземање на поинаков став од она што Уставниот суд го утврдил во Решението У.бр.188/2008 од 17.12.2008 година и Решениeто У.бр.57/2010 од 30.10.2010 година со кои не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за парничната постапка и Законот за судските такси.

Со оглед на фактот дека во сега поднесената иницијатива не постојат основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски