У.бр.25/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.25/2024
Скопје 12.09.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 септември 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА насловот во глава X, точка 7 „Автентично толкување на општи акти” и членовите 178, 179, 180 и 181 од Деловникот на Советот на Општина Гевгелија („Службен гласник на Општина Гевгелија“ бр.5/2007 и 21/2007).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на насловот во глава X, точка 7 „Автентично толкување на општи акти” и членовите 178, 179, 180 и 181 од Деловникот на Советот на Општина Гевгелија („Службен гласник на Општина Гевгелија“бр.5/2007 и 21/2007).

3. Оваa одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение
I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), по сопствена иницијатива со Решението У.бр.25/2024 од 28 мај 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на насловот во глава X, точка 7 „Автентично толкување на општи акти” и члено-вите 178, 179, 180 и 181 од Деловникот на Советот на Општина Гевгелија („Службен гласник на Општина Гевгелија“ бр.5/2007 и 21/2007).

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Гевгелија, повикувајќи се на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.05/02) и член 38 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Гевгелија („Службен гласник на Општина Гевгелија” број 25/2006), на седницата одржана на 13.04.2007 година го донел Деловникот на Советот на Општина Гевгелија објавен во „Службен гласник на Општина Гевгелија” бр.5/2007 од 16 април 2007 година.

Советот на Општина Гевгелија на седницата одржана на 25.12.2020 година донел Одлука за измена и дополнување на Деловникот на Советот на Општината Гевгелија бр.07-3332/1 од 27.12.2007 година, која е објавена во „Службен гласник на Општина Гевгелија” бр.21/2007 од 28 декември 2007 година.

Имено, во насловот на глава X, точка 7.Автентично толкување на општи акти во член 178 е утврдено дека барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на општината и државни органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење. Во член 179 е уредено дека барањето за давање автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседателот на Советот кој веднаш барањето го доставува до Комисијата за статут и прописи. Во член 180 е определено дека Комисијата за статут и прописи по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од комисиите на Советот и органите на општинската администрација. Во член 181 е определено дека ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до советот на општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Според член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Со предметната иницијатива се оспорува уставноста и законитоста на насловот во глава X, точка 7 „Автентично толкување на општи акти” и членовите 178, 179, 180 и 181 од Деловникот на Советот на Општина Гевгелија („Службен гласник на Општина Гевгелија“ бр.5/2007 и 21/2007).

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, автентично толкување дава Советот на Општина Гевгелија, како орган на локалната власт.

Постапувајќи по предметната иницијатива, утврдивме дека Советот на Општината согласно член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа го донел оспорениот деловник.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

Оттаму, цитираните одредби од Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општината кои се означени во Деловникот како основ за негово донесување неспорно содржат овластување за донесување на Деловник на Општината, но ниту овие одредби ниту Уставот не содржат определување на надлежност за членовите на Советот да имаат право да поднесат барање за автентично толкување на прописите кои ги носи Општината.

Имајќи предвид дека станува збор за прашање, коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, произлегува дека органите на локалната власт немаат законска основа за иницирање и спроведување на постапка за давање автентично толкување, и не можат во деловник или статут изворно да го уредуваат овој институт и процедурата за истиот.

Врз основа на направената анализа произлегува дека предмет на уредување е определено право за член на Советот да бара автентично толкување на донесените акти, иако од Уставот и Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување за совет на општина или негов член да дава или бара автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту наведениот закон упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се уреди постапка за автентично толкување на општите акти.

Од овие причини Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, по сопствена иницијатива го покрена прашањето за согласноста на означената одредба од Деловникот на Општината со Уставот и Законот за локалната самоуправа. Со оглед на тоа дека нејзиното уредување во Деловникот на Општината, е без уставен и законски основ, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и уставната обврска за усогласеност на прописите со Уставот и законите, определена во член 51 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски