Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.12/2024
Скопје 02.10.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 37 став 4, член 72 алинеја 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 2 октомври 2024 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 40 алинеја 4 од Деловникот на Советот на Град Скопје, заведен под број 07-5204/1 од 13 декември 2011 година и објавен во „Службен гласник на Град Скопје“ број 17/2011 од 19 декември 2011 година.
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 40 алинеја 4 од Деловникот на Советот на Град Скопје, заведен под број 07-5204/1 од 13 декември 2011 година и објавен во „Службен гласник на Град Скопје“ број 17/2011 од 19 декември 2011 година.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), оформи предмет и со Решението У.бр.12/2024 од 28 мај 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Деловникот на Советот на Град Скопје означен во точката 1 од оваа одлука.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 3 од Статутот на Град Скопје „Службен гласник на Град Скопје“ број 16/2005, 8/2010 и 17 / 2011 од 13 декември 2011 година, Советот на Град Скопје, на педесет и четвртата седница одржана на 13 декември 2011 година, донел Деловник на Советот на Град Скопје, кој содржи 17 глави во кои се содржани 170 члена.
Согласно со член 40 алинеја 4, член на советот има право на седниците на советот, помеѓу другото, да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.
III
Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, е определено дека Судот може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.
Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).
Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.
Постапувајќи по предметот оформен од Судот се утврди дека Советот на Град Скопје, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, го донел оспорениот деловник.
Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Град Скопје го донесува Статутот на Град Скопје и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.
При таква фактичка состојба, Судот оцени дека недвосмислено произлегува дека Советот на Град Скопје, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел Деловникот на Советот на Град Скопје, во кој во член 40 алинеја 4 е содржано оспореното автентично толкување.
Врз основа на член 3 од Статутот на Град Скопје, Советот на Град Скопје донел Деловник на Советот на Град Скопје, во чиј член 40 алинеја 4 се наведува дека член на советот има право на седниците на советот, помеѓу другото, да поднесува барање за давање автентично толкување на прописите.
Во конкретниот случај, дадено е право на член на Советот на Градот Скопје да поднесе барање за автентично толкување на прописите на седница на Советот.
Оттаму, цитираните одредби од Законот за локалната самоуправа и Статутот на Градот Скопје кои се означени во Деловникот како основ за негово донесување неспорно содржат овластување за донесување на Деловник на Градот Скопје, но ниту овие одредби ниту Уставот не содржат определување на надлежност за членовите на Советот да имаат право да поднесат барање за автентично толкување на прописите кои ги носи Градот Скопје.
Имајќи предвид дека станува збор за прашање, коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е изречно уредено за законодавецот со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Судот оцени дека органите на локалната власт немаат законска основа за иницирање и спроведување постапка за давање автентично толкување, и не можат во деловник или статут изворно да го уредуваат овој институт и процедурата за истиот.
Врз основа на направената анализа произлегува дека предмет на уредување е определено право на член на Советот да бара автентично толкување на донесените акти, иако од Уставот и Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување за совет на општина или негов член да дава или бара автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту наведениот закон упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се уреди постапка за автентично толкување на општите акти.
Од овие причини Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, по сопствена иницијатива го покрена прашањето за согласноста на означената одредба од Деловникот на Општината со Уставот и Законот за локалната самоуправа. Со оглед на тоа дека нејзиното уредување во Деловникот на Општината, е без уставен и законски основ, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и уставната обврска за усогласеност на прописите со Уставот и законите, определена во член 51 од Уставот.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски