У.бр.40/2024

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.40/2024
Скопје, 25.09.2024

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 септември 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Кратово („Службен гласник на Општина Кратово“ бр.7/2006).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Кратово („Службен гласник на Општина Кратово“ бр.7/2006).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението У.бр.40/2024 од 9 мај 2024 година по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека член 15 алинеја 3 е содржан во насловот 3 „Покренување иницијативи и поднесување предлози” од оспорениот деловник и истиот предвидува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Советот на Општина Кратово повикувајќи се на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр,05/2002) и член 15 од Статутот на Општина Кратово („Службен гласник на Општина Кратово” број 06/2006,) на седницата одржана на 13.11.2006 година го донел Деловникот на Советот на Општина Кратово објавен во „Службен гласник на Општина Кратово” бр.7/2006.

Деловникот на Советот на Општина Кратово содржи дел со наслов 3„ Покренување иницијативи и поднесување предлози” во кој е содржан член 15 алинеја 3 каде се уредува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, автентично толкување дава Советот на Општина Кратово, како орган на локалната власт.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

Член 15 алинеја 3 е содржан во насловот 3 „Покренување иницијативи и поднесување предлози” од оспорениот деловник и истиот предвидува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

Во конкретниот случај, предмет на уредување со Деловникот на Општина Кратово е член 15 алинеја 3 кој е содржан во насловот 3 „Покренување иницијативи и поднесување предлози”, иако од Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се предвиди автентично толкување на општи акти. Со оглед на тоа дека во Деловникот на Советот на Општина Кратово, член 15 алинеја 3 предвидува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите, со тоа што Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека се незаконити, а со тоа и спротивни на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, ниту пак е во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Од горенаведеното произлегува дека станува збор за прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите. Од уставно-судската анализа произлегува дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување и ваков правен институт не може да биде уреден со деловник или статут.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски