Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.123/2022
Скопје, 02.10.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеи 2 и 3 и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 02.10.2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.81/2022), донесена од Владата на Република Северна Македонија.
Образложение
I
До Уставниот суд на Република Северна Македонија „Друштво за градежништво, инженеринг, трговија и услуги „НАСТЕЛ“ ДОО Скопје, застапувано од управител Зоран Азманов од Скопје, преку полномошник Дуња Туртурова, адвокат од Скопје поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата, членот 2 од Уредбата не е во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: член 8 став 1 алинеја 3, член 50, член 51 и член 52 став 4 според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Ова поради тоа што со оспорениот член од Уредбата се дава повратно дејство на Уредбата и иако е понеповолна за странките, се овозможува да се применува надоместокот утврден во Прегледот на веќе започнати постапки за приватизација кои се во постапка на решавање пред надлежен орган, а кои поради неажурност на органите се уште не се решени. Наспроти нив, има повластени баратели за приватизација чии барања се веќе решени со помал износ на надоместок согласно Уредбата пред неговата измена, од што произлегува дека со ретроактивното важење на оспорената Уредба барателите се дискриминирани и во понеповолна положба од другите баратели. Имено, подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот член од Уредбата предизвикува ретроактивно дејство кое исклучиво е на штета на граѓаните заради драстично високите износи за надомест кои се наметнати на сите постапки кои се започнати пред да влезе во сила оваа уредба.
Поради наведеното подносителот во иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште.
II
На Судот седницата утврди дека Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште, во членот 2 предвидува на постапките за приватизација на градежното земјиште започнати пред денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместот определена со Прегледот кој е составен дел на оваа уредба.
III
Според член 110 ставови 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 38 алинеи 2 и 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и кога постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Поаѓајќи од анализата на наводите во конкретната иницијатива со која се бара оцена на уставноста и законитоста на член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште, утврдивме дека овој суд веќе постапувал и со Одлуката У.бр.36/2022 од 15 мај 2024 година го укина член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште. Одлуката е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.121 од 10.06.2024 година и од кога произведува правно дејство.
Во наведената одлука, Судот оцени дека субјектите на правото кои повеле постапка за приватизација на градежно земјиште согласно претходниот правен режим и услови, и истите ги окончале таквите постапки, биле во иста правна и фактичка положба со субјектите кои повеле постапка, но истите не биле окончани (без разлика на причините за тоа) согласно правниот режим и услови во времето на поведувањето на постапките. Разликата што едните ги окончале, а другите не ги окончале започнатите постапки, не го менува фактот што под исти правни правила барале остварување на нивните права предвидени со закон и со уредба. Но, со измените на условите и висината на надоместот со оспорената одредба од Уредбата, оние субјекти кои не ги окончале постапките до денот на влегување во сила на измените, се ставаат во нееднаква и понеповолна положба во однос на оние кои ги окончале постапките, со што се доведува во прашање принципот на еднаквост, утврден во член 9 од Уставот.
Врз основа на наведената уставно-судска анализа на уставните одредби како и од анализата на оспорената одредба од член 2 од Уредбата, Судот утврди дека оспорената одредба од член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 и член 52 став 4 од Уставот.
Од овие причини Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки Судот да се впушти во уставно-судска анализа на оспорениот член 2 од Уредбата, односно оспорениот член 2 од Уредбата веќе бил предмет на оцена на Судот и е укинат поради што истиот повеќе не е во правниот поредок, со што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на член 38 алинеи 2 и 3 од Актот на Уставниот суд.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски