У.бр.206/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.206/2023
Скопје, 09.10.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 9 октомври 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 88 ставови 8 и 9 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2023).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 88 ставови 8 и 9 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2023).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение
I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Игорчо Точев од Скопје, со Решението У.бр.206/2023 од 2 мај 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 88 ставови 8 и 9 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2023), затоа што пред Судот, со основ се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека со член 88 став 8 од Законот за дивечот и ловството е предвидено „Членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците“.

Во член 88 став 9 од Законот е наведено „Наградата на членовите на Прекршочната комисија од ставот 9 на овој член за секоја донесена одлука по барање за поведување на прекршочна постапка, не може да биде поголема од 5% од просечната месечна нето-плата исплатена во Република Северна Македонија во претходната календарска година според податоците на Државниот завод за статистика“.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со Амандманот XX на Уставот со кој се дополнува член 13 од Уставот на Република Северна Македонија, е предвидено дека за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, а против конечната одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 88 став 1 од Законот за дивечот и ловството, се наведува дека „Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство може да формира повеќе прекршочни комисии кои ќе бидат надлежни за водење на прекршочната постапка за прекршоци за одделни подрачја од Република Северна Македонија.“

Според член 88 став 8 од Законот „Членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.“

Согласно со член 88 став 9 од Законот „Наградата на членовите на Прекршочната комисија од ставот 9 на овој член за секоја донесена одлука по барање за поведување на прекршочна постапка, не може да биде поголема од 5% од просечната месечна нето-плата исплатена во Република Северна Македонија во претходната календарска година според податоците на Државниот завод за статистика.“

Од анализата на оспорените одредби, а во корелација со изнесените одредби, односно одредбата од Амандманот XX на Уставот со кој се дополнува член 13 од Уставот на Република Северна Македонија, Судот утврди дека водењето на прекршочната постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно истото претставува негова надлежност.

Оттаму, вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на членовите на Прекршочната комисија кои се вработени во органот на државната управа и не е нешто што е надвор од нивните надлежности. Следствено на ова, членувањето на вработените во тој орган, односно во Комисијата за прекршоци не може да се смета за нивен дополнителен ангажман, туку истото претставува нивна редовна работна обврска за чие извршување треба да добиваат плата за извршената работа, но не и дополнителен надоместок во вид на награда.

Според горенаведеното, Судот утврди дека оспорените одредби од Законот за дивечот и ловството, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски