Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.190/2024
Скопје, 02.10.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски , претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 и член 79 став 2 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 02.10.2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 3 во делот „ а до навршени 65 години живот“ од Правилникот за организацијата, составот и начинот на работата на Комисијата за оцена на работната способност („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.142/2021), донесен од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија.
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 10 во делот „Одлуката за организација, состав и начинот на работата на Комисијата за оцена на работната способност“ од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
До Уставниот суд на Република Северна Македонија Игорчо Точев од Скопје поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите во Иницијативата Уставниот суд со Одлука У.бр.27/2020 и У.бр.289/2020 од 01.12.2022 година го укина делот „најдоцна до 65 годишна возраст“ содржан во член 44 став 2 од Законот за социјалната заштита. Со оспорениот дел на член 2 став 3 од Правилникот е нарушен принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и правната сигурност на граѓаните во остварувањето на правата од социјалната сфера, а исто така таквото уредување нема основ во Законот за пензиското и инвалидското осигурување како пропис посилен во правото од подзаконски акт.
Од оспорениот дел на член 10 од Правилникот, според наводите во Иницијативата, не произлегува кој ја носи Одлуката за организација на работата и систематизација на работните места во Стручната служба на Фондот, а тоа не произлегува ниту од целината на Правилникот за организацијата, составот и начинот на работата на Комисијата за оцена на работната способност. Според наводите во иницијативата со оспорениот член 10 од Правилникот се дава можност арбитрерно одлуката да биде донесена од кој било во Фондот, што не е во согласност со начелото на владеењето на правото кое подразбира дека во правниот промет треба да постојат јасни и прецизни норми кои не оставаат можност арбитрарно да бидат толкувани од кого било. Ваквото тврдење произлегува од констатацијата дека не постои основ во самиот пропис – Законот за пензиско и инвалидско осигурување за носење на таков вид одлука.
Од наведените причини подносителот на иницијативата предлага судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените членови од Правилникот.
II
На седницата Судот утврди дека во член 2 од Правилникот се предвидува дека:
(1) Комисијата донесува наод, оцена и мислење за постоење на инвалидност за остварување права од инвалидското осигурување и постоење на неспособност за работа на член на семејството за остварување право на семејна пензија.
(2) Комисијата донесува наод, оцена и мислење за утврдување на инвалидност заради остварување право на работа со скратено работно време и распоредување на друга соодветна работа.
(3) Комисијата донесува наод, оцена и мислење за утврдување на неспособноста за работа кај лица над 26 години возраст, а до навршени 65 години живот за користење на право на гарантирана минимална помош.
(4) Комисијата може да донесе наод, оцена и мислење и кога тоа е утврдено со закон или други прописи.
Според член 10 од истиот Правилник внатрешната организација, распределбата на работата и други прашања за организацијата на работата на Комисијата, поблиску се уредуваат со Одлуката за организација на работата и систематизација на работните места во Стручната служба на Фондот.
III
Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување,матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Членот 130 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој е поместен во глава XII со наслов „Остварување, користење и губење на правата “ и е основ за донесување на оспорениот правилник, предвидува дека за остварување на правата врз основа на инвалидност и неспособност за работа врз основа на која се стекнува право на инвалидска, односно семејна пензија, како и телесно оштетување, фактичката состојба се утврдува врз основа на наод, оцена и мислење на Комисијата за оцена на работната способност.Комисијата се формира во рамките на Фондот. Со акт на Фондот се уредува организацијата, составот и начинот на работа на Комисијата за оцена на работната способност.
Во член 29 од Законот за социјалната заштита, меѓу другото, се утврдува дека висината на правото на гарантираната минимална помош се пресметува како основица за еден член на домаќинството, зголемена за коефициент од еквивалентната скала за другите членови на домаќинството, а најмногу за вкупно пет члена во домаќинството. Неспособноста за работа за лицата од став 5 на овој член се утврдува со наод, оцена и мислење од стручна комисија за утврдување на неспособност за работа формирана при Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Тргнувајќи од овластувањата дадени во член 130 став 2 од Законот, Фондот го донесе сега оспорениот Правилник со кој детално се уредува организацијата, составот и начинот на работата на Комисијата за оцена на работната способност.
Со оспорениот член 2 став 3 од Правилникот се предвидува дека Комисијата донесува наод, оцена и мислење за утврдување на неспособноста за работа кај лица над 26 години возраст, а до навршени 65 години живот за користење на право на гарантирана минимална помош.
Ако се има предвид содржината на член 2 став 3 и неговиот оспорен дел, произлегува дека воопшто не е можно едно лице по својата 65-та година возраст да користи право на гарантирана минимална помош, што значи дека возраста е ограничувачкиот услов за утврдување на неспособноста за работа на лица на навршени 65 години живот, како и пристапот до правото на гарантирана минимална помош. Оттука, јасно произлегува дека поради воспоставениот услов „возраст”, лицата над 65 години живот нема да може да го оствари правото на гарантирана минимална помош.
Во врска со ова, неспорно е дека во надлежност на државата е да ја креира и спроведува социјалната политика за граѓаните зависно од материјалните можности на државата, а во тој поглед законодавецот врз основа на уставното овластување, со закон да ги утврдува правата на граѓаните од сферата на социјалната заштита како и начинот и условите под кои граѓаните можат да ги остварат социјалните права.
Меѓутоа, кога станува збор за услови под кои граѓаните можат да ги остварат социјалните права (или права од други области), законодавецот има обврска во закон да утврди исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат правата од сферата на социјалната заштита, без притоа да се прави разлика помеѓу граѓаните врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или разликување по која било друга основа во остварување на парична помош од социјална заштита и социјални услуги.
Во конкретниот случај, со оспорениот подзаконски пропис Фондот за пензиското и инвалидското осигурување не ги следел принципите на еднаков и рамноправен третман на граѓаните, условувајќи го правото на утврдување на неспособност за работа, а која согласно одредбите од Законот за социјалната помош е дефинирана дека неспособно за работа се смета лице со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, со потешка или најтешка телесна попреченост, утврдена со наод и мислење од Службата за функционална проценка при Јавната здравствена установа, како и правото на гарантирана минимална помош со возраста на граѓанинот во член 2 став 3 од Правилникот.
Од извршената уставно-судска анализа произлегува дека според содржината на оспорената одредба на член 2 став 3 од Правилникот, ова право нема да може да го оствари и лице кај кое по 65 години возраст ќе се јави потреба за остварување на правото на користење на гарантирана минимална помош.
Уставниот принцип на еднакво постапување спрема еднаквите, независно од личните својства и карактеристики на граѓаните, нивната припадност или убедување или која било друга, состојба или статус, во конкретниот случај, според Судот, е повреден со пропишувањето на оспорениот дел на членот од подзаконскиот акт, со кој во суштина, по основ на возраст, се врши неоснована категоризација, а со тоа и нелегитимно спречување на едните да можат исто како и другите да ги уживаат подеднакво правата од социјалната сфера, уредени со Законот за социјалната помош, поради што Судот оцени дека оспорениот дел од член 2 став 3 од Правилникот основано може да се доведе под сомнение по однос на уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите од член 9 став 2 од Уставот.
Имајќи предвид дека Законот за социјалната помош со член 16, на граѓаните им гарантира еднаков и рамноправен третман до пристапот на правата од сферата на социјалната заштита, како и забрана на секаков вид и облик на дискриминација во остварувањето на парична помош од социјална заштита и социјални услуги, меѓу кои и возраста, а од оспорената одредба, произлегува дека тие сепак се исклучени од пристапот до остварување на правото на гарантирана минимална помош, токму поради возраста, со што субјектите се ставени во состојба на правна несигурност, според Судот, ваквото уредување во оспорениот подзаконски пропис, го доведува во прашање и принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и правната сигурност на граѓаните како негов составен дел.
По однос на оспорениот член 10 од Правилникот во делот на „Одлуката за организација на работата и систематизација на работните места во стручната служба на Фондот“ Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
Имено, во член 161 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е предвидено дека директорот на Фондот во рамките на своите права и должности утврдени со овој закон раководи со Фондот и го претставува и застапува Фондот пред трети лица, како и дека истиот донесува акти за организација и работа на Фондот и општ акт за систематизација на работите во Фондот во согласност со Владата;
Во член 1 од Правилникот е предвидено дека со овој Правилник се уредува составот, организацијата и начинот на работа на Комисијата за оцена на работната способност во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, начинот на донесување на наод, оцена и мислење, содржината на наодот, оцената и мислењето, обрасците кои се употребуваат во постапката и други прашања од значење за оцена на работната способност. Комисијата работи во рамките на Одделението за оцена на работната способност во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија.
Оспорениот член 10 од Правилникот предвидува дека внатрешната организација, распределбата на работата и други прашања за организацијата на работата на Комисијата, поблиску се уредуваат со Одлуката за организација на работата и систематизација на работните места во Стручната служба на Фондот. Според став 2 на член 1 од Правилникот, Комисијата работи во рамките на Одделението за оцена на работната способност во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија.
Имајќи ја во вид содржината на цитираната законска одредба vis a vis содржината на оспорениот член 10 од Правилникот, според Судот јасно и недвосмислено произлегува дека Фондот за пензиското и инвалидското осигурување има законска надлежност и овластување да донесува акт со кој се уредува организацијата и работата на Комисијата за оцена на работната способност во рамките на Фондот, како и општ акт за систематизација на работите во Фондот, во чии рамки делува Комисијата.
Во член 164 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се предвидува дека стручните, нормативно-правните, управните, управно-надзорните, материјално-финансиските, сметко-водствените, информатичките и другите работи на Фондот ги врши стручна служба чија внатрешна организација, делокруг на работа и услови за вработување поблиску се уредуваат со актите за внатрешна организација и систематизација на работите и задачите. За вршење на работите Фондот образува единствена стручна служба.
Имајќи ја во вид содржината на член 161 став 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување во кој децидно е уредено дека директорот на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување донесува акти за организација и работа на Фондот и општ акт за систематизација на работите во Фондот во согласност со Владата, неосновани се тврдењата во инцијативата дека со оспорениот член 10 од Правилникот се дава можност за арбитреарно постапување, односно можност арбитрарно одлуката да биде донесена од кој било во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување.
Поради наведените аргументи Судот оцени дека оспорениот дел од член 10 од Правилникот е во согласност со уставните норми на кои се упатува во иницијативата, односно дека не може да се постави прашањето за согласност на истиот со начелото на владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
V
Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски