Уставниот суд денеска организираше свечена пригодност по повод заминувањето во пензија на Јаготка Гијовска, една од вработените со најдолг стаж во Судот.
Гијовска целиот свој работен век, 40 години го посвети на професионално извршување на работните задачи во одделението за архивско работење на Уставниот суд и со својот ангажман и посветеност придонесе да се унапредува работата.
Претседателот Костадиновски искажа пофални зборови за досега вложениот труд на Гијовска и ја посочи како пример за редок професионалец во јавната администрација:
„Институциите не се зградите или објектите, тоа се луѓето внатре, професионалците кои ја вршат својата работа со љубов, како што тоа за Уставниот суд беше нашата колешка Гијовска. Вратите на Судот ќе бидат секогаш отворени за Вас и за сите кои со голема љубов и посветеност си ја вршат работата,” рече костадиновски.
Службеничката Гијовска на колегите им пренесе неколку значајни моменти од нејзиното долгогодишно работење во Судот, сподели сеќавања и се заблагодари на колегијалноста и досегашната соработка со секој од вработените.
„Овде дојдов кога имав само 24 години и го посветив целиот мој живот на Уставниот суд. Се сеќавам имаше драматични моменти, нема да заборавам кога загина претседателот Борис Трајковски, два дена во судот собиравме документација, се подготвувавме, исто така во сеќавање ќе ми остане кога беше пандемијата, па еден ден во ист момент пристигнаа 128 иницијативи кои требаше да ги внесувам и архивирам веднаш, тоа беше навистина невообичаено искуство, се работеше под протоколи со маски”, раскажа Гијовска.