Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и претседателот на Здружението на правници, проф. д-р Горан Коевски потпишаа Меморандум за соработка.
Со потпишувањето на Меморандумот ќе се интензивира соработката помеѓу судиите, советниците и членовите на Здружението преку организирање на едукативни работилници за размена на информации за правото на ЕУ и други меѓународни организации чија улога е клучна во градењето на механизмите на заштита на човековите слободи и права.
Оваа соработка се реализира во период кога Уставниот суд одбележува значаен јубилеј, 60 години од основање и крајната цел е унапредувањето на уставно-правната култура во нашата држава и Судот ги отвора вратите за соработка и со струката, со правниците, рече претседателот Костадиновски.
„Целта ни е идентична, да ја слушнеме, да ја консултираме правната мисла за важни уставно-правни предизвици кои ни се појавуваат во анализите на иницијативите од граѓаните и барањата за заштита на слободите и правата. Со Здружението на правници на Република Северна Македонија несомнено споделуваме една заедничка мисија, заедно да придонесеме и да го заштитиме владеењето на правото, развојот на демократијата и на демократските принципи и почитување на човековите слободи и права. Да придонесеме во нашето општество да се подигне и да се врати довербата на јавноста во судската власт, судиите и во правничката професија воопшто”, потенцираше Костадиновски.
Претседателот на Здружението Коевски ја поздрави иницијативата за соработка од страна на Уставниот суд, и ги претстави идеите за заеднички активности.
„Особено ми е чест што во нашите дебати на исклучително значајни теми и општествени прашања ќе вклучуваат и судии на Уставниот суд чие мислење е повеќе од добредојдено. Ме радува фактот што правната мисла ќе биде добие на вредност, па преку заеднички организирани настани ќе се дадат одговори на суштински прашања кои не’ засегаат сите”, рече Коевски.