У.бр.127/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.127/2024
Скопје, 25.09.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 и 79 став 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024) на седницата одржана на 25 септември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.53/2024).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Игорчо Точев и другите, на 12.03.2024 година, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.53/2024).

Според подносителите на иницијативата, со оспорениот член се повредува член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителите на иницијативата во рамките на воведниот дел на образложението на иницијативата цитираат неколку одредби од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, кои се однесуваат на приемниот испит, постапката за полагање на истиот, квалификациониот тест и техничката неможност на функционирање на електронскиот систем, при што ги цитираа и оспорените одредби со напомена дека истите се составен дел на глава IV. Обука на кандидати за судии и јавни обвинители со поднаслов 1. Прием на почетна обука.

Според подносителите на иницијативата, од содржината на оспорената одредба произлегува дека, за да дојде до полагање на квалификациониот тест во хартиена форма, потребно е да станува збор за:
– електронски систем кој не е во функција;
– електронскиот систем кој не е во функција да е како резултат на настан кој не можел да се предвиди и
– да постои крајна итност за да не дојде до прекин во спроведувањето на примениот испит.

Ваквиот начин на регулирање, според подносителите на иницијативата, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, односно со начелото на владеење на правото од причина што оспорената одредба не е доволно јасна, прецизна, лесно применлива и сфатлива за оние кои ја донеле, за оние кои ја применуваат и за оние наспрема кои треба да се применува.

Можноста со подзаконски акт, да се разработува член 40 став 8 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, може да доведе до арбитрарно определување односно пропишување на „настан кој не може да се предвиди и итност“, и да доведе до правна несигурност бидејќи се остава можност со подзаконски акт да се прошируваат и пропишуваат основи за тоа што се се подразбира под „настан кој не можел да се предвиди“ како и „крајна итност“.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека според член 39 став 1 од Законот, на многу јасен и недвосмислен начин се определува дека квалификациониот тест се полага по електронски пат со цел проверка на знаењето на кандидатите од областите предвидени со таа одредба и од предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители не произлегува зашто се препишува исклучок и отстапување од општото правило пропишано во наведениот член.

Според подносителите на иницијативата, оспорените одредби треба да бидат во хармонија и во логична правна и функционална поврзаност, а со тоа и да се следи правната норма од член 39 став 1 од Законот, што во конкретниот случај не е така бидејќи ситуациите предвидени со оспорените одредби се недоволни прецизирани и разработени во закон како пропис и се допушта истите да се прецизираат со подзакоснки акт, со што може да се излезе од општите правила и на арбитрарен начин да се утврдуваат истите.

Подносителите на иницијативата, повикувајќи се на член 36 став 2 и член 39 став 1 од Законот, наведуваат дека со подзаконски акт, може да се пропише само начинот на кој ќе се употребува електронскиот систем при полагање на квалификациониот тест, што не е случај со член 40 од Законот, којшто е дополнет со оспорените одредби, бидејќи со истите на недоволно прецизен начин се пропишуваат околностите под кои може да се полага квалификациониот тест и писмено, што е отстапување од општото правило за полагање на квалификациониот тест по електронски пат.

Исто така, се наведува дека во член 43 од Законот е пропишано како ќе се постапува кога за време на полагањето на тестот се појавуваат технички проблеми со компјутерот и во таа смисла нејасни и недоволно прецизни се определбите за отстапување од општото правило за полагање на квалификациониот тест по електронски пат, како што е предвидено во оспорените одредби.

Врз основа на горенаведеното, подносителите предлагаат Уставниот суд на Република Северна Македонија, да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби како спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и истите да ги укине. Исто така, се предлага Судот да донесе мерка со која се запира извршувањето на оспорените одредби, како и дејствијата и актите преземени врз основа на истите, се до окончување на постапката.

II

На седницата Судот утврди дека со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.53/2024), во Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 129/23), во член 40 по став 6 се додаваат два нови става 7 и 8, кои гласат:
(7) По исклучок од ставот (1) на овој член, во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настан кој не можел да се предвиди, а поради крајна итност за да не дојде до прекин во спроведувањето на приемниот испит, квалификацискиот тест може да се спроведе во хартиена форма, а резултатот да се добие со електронски читач, без вклученост на човечкиот фактор, водејќи сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите.
(8) Начинот на спроведување на квалификацискиот тест во случај од ставот (7) на овој член поблиску се уредува со акт кој го донесува Академијата.

III

Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 51 од Уставот, во Републиката Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член 1 од Законот за академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.129/23 и бр.53/24) се наведува дека со овој закон се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители, нејзиниот статус, дејност, органите на управувањето, финансирањето, почетната и континуираната обука.

Според член 2 став 1 од истиот закон, Академијата има за цел професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавнообвинителската функција, како и стручно и ефикасно извршување на работите на стручните служби во судството и јавното обвинителство. Согласно со став 2 од истиот член, Академијата врши прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука за унапредување на стручноста на судиите и на јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и во јавното обвинителство, специјализирана обука за судиите поротници, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, како и заради вршење аналитичко-истражувачка дејност од областа на правосудната теорија и практика.

Во член 35 став 1 од истиот закон, се предвидува дека приемниот испит за почетната обука се состои од полагање на: тест за степенот на познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски или германски); психолошки тест; тест за интегритет; квалификациски тест и практичен испит.

Согласно со член 39 став 1 од истиот закон, квалификацискиот тест се полага по електронски пат, со цел проверка на знаењето на пријавените кандидати од областа на материјалното и процесното право, меѓународното право, правото на Европската Унија и најзначајните пресуди на Европскиот суд за човекови права.

Член 40 од истиот закон, го уредува начинот на спроведување на квалификацискиот тест, каде во став 1 е наведено дека тестот се полага во просторија за полагање испит, посебно опремена за полагање на испитот со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето.

Со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 53/24), во член 40 се додадени два нови става, 7 и 8. Според став 7 од овој член по исклучок од став 1 на овој член, во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настан кој не можел да се предвиди, а поради крајна итност за да не дојде до прекин во спроведувањето на приемниот испит, квалификацискиот тест може да се спроведе во хартиена форма, а резултатот да се добие со електронски читач, без вклученост на човечкиот фактор, водејќи сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите, а во став 8 од истиот член се наведува дека начинот на спроведување на квалификацискиот тест во случај од став 7 на овој член поблиску се уредува со акт кој го донесува Академијата.

Според член 1 од Статутарната одлука за дополнување на Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павле Шатев“ („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 62/24), во член 45, по став 8 се додаваат нови ставови 9, 10, 11, 12 и 13. Согласно со став 9 од истиот член, по исклучок на член 40 став 1 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, а во согласност со член 40 стави 7 и 8 од Законот за Академија за судии јавни обвинители, во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настани кои не можеле да се предвидат, а поради крајна итност, квалификацискиот тест може да се спроведе во хартиена форма, а резултатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејќи сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите. Според став 10 од истиот член како настани кои не можеле да се предвидат од ставот (9) на овој член, се сметаат оние настани кои не настанале по вина на Академијата и кои не можеле да се предвидат во моментот на распишување на јавниот оглас за прием во почетна обука, како што се: случаите кога единствениот електронски систем за полагање на испитите во државните институции не е во можност да спроведува испити повеќе од три месеци, со што не постои можност за придржување кон законските рокови за спроведување на фазите во рамките на приемниот процес; во случај кога договорниот орган кој во име и за сметка на институциите корисници ја спроведува групната јавна набавка на услуги за одржување на софтвер за полагање на испити во државни институции и кој е надлежен за координацијата на активностите помеѓу системот за електронско тестирање и институциите корисници, доставил писмено известување до Академијата дека единствениот систем за спроведување на испити нема да биде во функција во периодот кога Академијата треба да го спроведе квалификацискиот тест; доколку договорниот орган кој во име и за сметка на институциите корисници е задолжен да ја спроведува групната јавна набавка на услуги за одржување на софтвер за полагање на испити во државни институции, не ја спроведе постапката за јавна набавка и со тоа не обезбеди економски оператор кој би можел да го спроведе електронското тестирање; доколку носителот на јавната набавка на услуги за одржување на софтвер за полагање на испити во државните институции ја извести Академијата дека полагањето на квалификацискиот тест не може да се спроведе согласно Законот за Академијата за судии и јавни обвинители и договорот за јавна набавка на услуги за одржување на софтвер за полагање на испити во државните институции, а особено доколку не може да се гарантира анонимноста и интегритетот на тестирањето. Во став 11 од истиот член е предвидено дека одлуката за тоа дали настапил услов за спроведување на квалификацискиот тест во хартиена форма ја донесува Управниот одбор на Академијата, откако директорот на Академијата ќе достави писмено известување за настапување на некој на условите од став 10 од овој член, заедно со целокупната документација за истото. Согласно со став 12 од истиот член доколку Управниот одбор констатира дека е исполнет услов од став 10 од овој член ќе донесе одлука со која ќе ја задолжи приемната Комисија да одржи седница на која ќе усвои нова временска динамика за спроведување на понатамошниот тек од приемниот испит. Според став 13 од истиот член кога квалификацискиот тест се спроведува во хартиена форма, тестирањето се спроведува согласно правилата утврдени во Правилникот за полагање на приемен испит.

Со член 1 од Правилникот за дополнување на Правилникот за полагање приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во Правилникот за полагање приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ број 02-370/4 од 18.09.2023 година, по член 22 се додава нов член 22-а со кој на детален начин е регулирана постапката за полагање на квалификациониот тест, по исклучок, кога истиот се полага согласно член 40 став 7 и 8 од Законот за академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/23 и 62/24).

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека квалификациониот тест е составен дел на приемниот испит за почетната обука за судии и јавни обвинители и истиот се спроведува согласно Програмата за приемен испит која се објавува најмалку три месеци пред полагањето на приемниот испит додека начинот и посебните услови за полагање на одделни делови се уредуваат со Статут и актите на Академијата.

Квалификациониот тест, начелно се полага по електронски пат, со цел проверка на знаењето на пријавените кандидати од областа на материјалното и процесното право, меѓународното право, правото на Европската Унија и најзначајните пресуди на Европскиот суд за човекови права и истиот се полага во просторија за полагање испит, посебно опремена за полагање на испитот со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето.

Со оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители, со кој во член 40 се додадени два нови става 7 и 8, законодавецот како носител на законодавната власт предвидува исклучок од начелната форма (првичната форма) на полагање на квалификациониот тест односно од електронската форма во хартиена форма и тоа во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настан кој не можел да се предвиди, а поради крајна итност за да не дојде до прекин во спроведувањето на приемниот испит, водејќи сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите, и исто така во став 8 од истиот член се предвидува дека начинот на спроведување на квалификацискиот тест во случај од став 7 на овој член поблиску се уредува со акт кој го донесува Академијата.

Наводите на подносителите на иницијативата дека определбата на законодавецот за овозможување на полагање на квалификациониот тест во хартиена форма во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настан кој не можел да се предвиди, а поради крајна итност да не дојде до прекин во спроведувањето на приемниот испит, притоа без да ги дефинира на јасен начин кои се тие настани кои не можело да се предвидат и која е таа крајна итност, ја прави одредбата недоволна јасна и прецизна и како резултат на тоа истата не би можело лесно да се сфати и примени како од оние кои ја донеле, оние кои ја применуваат така и од страна на оние наспрема е насочена и како резултат на ова може да дојде до арбитрарна примена и создавање на правна сигурност, спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, Судот оцени дека се неосновани од причина што во член 40 став 8 од Законот е предвидено дека начинот на спроведување на квалификациониот тест во случајот од став 7 на овој член поблиску се уредува со акт кој го донесува Академијата и врз основа на ова законско овластување Академијата за судии и јавно обвинители извршила измени и дополнување во Статутот на Академијата и Правилникот за спроведување на примениот испит со цел операционализација на наведената законска одредба односно со цел да се предвидат ситуациите кога истиот може да се спроведува во хартиена форма, начинот на одлучување за спроведување на квалификациониот тест во хартиена форма и начинот на спроведување на истиот и тоа со Статутарна одлука за дополнување на Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 62/2024) донесена од страна на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, на седницата одржана на 14.03.2024 година, во член 45 по став 8 се додадени пет нови ставови 9, 10, 11, 12 и 13, со кои се допрецизирани ситуациите кога квалификациониот тест се спроведува во хартиена форма и начинот на одлучување за спроведување на истиот во наведената форма. Според став 9 од овој член по исклучок на членот 40 став (1) од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, а во согласност со член 40 став (7) и (8) од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настани кои не можеле да се предвидат, а поради крајна итност, квалификацискиот тест може да се спроведе во хартиена форма, а резултатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејќи сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите. Согласно со став 10 од овој член како настани кои не можеле да се предвидат од ставот (9) на овој член, се сметаат оние настани кои не настанале по вина на Академијата и кои не можеле да се предвидат во моментот на распишување на јавниот оглас за прием во почетна обука, како што се случаите кога единствениот електронски систем за полагање на испитите во државните институции не е во можност да спроведува испити повеќе од три месеци, со што не постои можност за придржување кон законските рокови за спроведување на фазите во рамките на приемниот процес; случајот кога договорниот орган кој во име и за сметка на институциите корисници ја спроведува групната јавна набавка на услуги за одржување на софтвер за полагање на испити во државни институции и кој е надлежен за координацијата на активностите помеѓу системот за електронско тестирање и институциите корисници, доставил писмено известување до Академијата дека единствениот систем за спроведување на испити нема да биде во функција во периодот кога Академијата треба да го спроведе квалификацискиот тест; доколку договорниот орган кој во име и за сметка на институциите корисници е задолжен да ја спроведува групната јавна набавка на услуги за одржување на софтвер за полагање на испити во државни институции, не ја спроведе постапката за јавна набавка и со тоа не обезбеди економски оператор кој би можел да го спроведе електронското тестирање; случајот кога носителот на јавната набавка на услуги за одржување на софтвер за полагање на испити во државните институции ја извести Академијата дека полагањето на квалификацискиот тест не може да се спроведе согласно Законот за Академијата за судии и јавни обвинители и договорот за јавна набавка на услуги за одржување на софтвер за полагање на испити во државните институции, а особено доколку не може да се гарантира анонимноста и интегритетот на тестирањето. Во став 11 од истиот член е предвидено дека одлука за тоа дали настапил услов за спроведување на квалификацискиот тест во хартиена форма донесува Управниот одбор на Академијата, откако директорот на Академијата ќе достави писмено известување за настапување на некој на условите од став (10) од овој член, заедно со целокупната документација за истото. Според став 12 од овој член доколку Управниот одбор констатира дека е исполнет услов од ставот (10) од овој член ќе донесе одлука со која ќе ја задолжи приемната комисија да одржи седница на која ќе усвои нова временска динамика за спроведување на понатамошниот тек од приемниот испит. Согласно со став 13 од истиот член кога квалификацискиот тест се спроведува во хартиена форма, тестирањето се спроведува согласно правилата утврдени во Правилникот за полагање на приемен испит.

Со член 1 од Правилникот за дополнување на Правилникот за полагање приемен испит во Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, донесен од страна на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители на седницата одржана на 15.03.2024 година, во Правилникот за полагање приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители по член 22 се додал нов член 22-а, со кој се регулира начинот на полагање на квалификациониот тест, во случаите, кога по исклучок, квалификациониот тест се полага согласно член 40 став 7 и 8 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители и член 45 став 9 од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Наводот на подносителите на иницијативата дека ситуациите „настан кој не можел да се предвиди“ и „крајна итност“ се недоволно прецизирани и разработени во закон како пропис и допуштањето истите да се дефинираат со подзаконски акт, овозможува да се излезе од општите правила и на арбитрарен начин да се уредуваат наведените ситуации кои и не нужно би означувале прилагодување на таквиот подзаконски акт со околностите кои настанале или би можело да настанат, Судот оцени дека се неосновани од причина што подзаконските акти со кои се допрецизираат наведените ситуации ги донесува Управниот одбор на Академијата како највисоко тело на институцијата составена од 9 члена, судии и јавни обвинители и претставници од највисоките тела во државата и тоа: Статутот на Академијата согласно член 5 став 3 од Законот го донесува Управниот одбор на Академијата со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на членови и Правилникот за полагање на приемен испит го донесува Управниот одбор на Академијата со мнозинство гласови од вкупниот број на членови и врз основа на наведеното произлегува дека не останува простор за арбитрарност и често менување на подзаконските акти на Академијата, а со тоа загрозување на начелото за владеење на правото и правната сигурност.

Наводите на подносителот на иницијативата дека оспорените одредби од член 40 од Законот со кои на недоволно прецизен начин се пропишуваат околностите под кои квалификациониот тест може и писмено да се полага, не се во согласност и хармонија со другите членови од Законот кои се однесуваат на квалификациониот тест, како што е член 39 став 1 од Законот според кој квалификациониот тест се полага по електронски пат и член 36 став 2 од Законот според кој начинот и поблиските услови за полагање на одделни делови од приемниот испит се уредуваат со Статут и актите на Академијата, и дека со подзаконски акти може да се регулира само начинот на употреба на електронскиот систем при полагање на квалификациониот тест, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што во наведените законски одредби во ниту еден дел не се наведува дека квалификациониот тест се полага исклучиво во електронска форма и дека со подзаконски акти на Академијата се регулира само начинот на користење на електронскиот систем како што наведува подносителот на иницијативата. Имено, со член 40 став 7 и 8 од Законот, се овозможува како исклучок спроведувањето на квалификациониот тест и во хартиена форма и тоа кога единствениот електронски систем за полагање испити не е во функција како резултат на настан кој не можел да се предвиди, а поради крајна итност за да не дојде до прекин на спроведување на приемниот испит и начинот на спроведување на истиот, поблиску се уредува со акт на Академијата, што и практично се случило, со измена и дополнување на Статутот на академијата и Правилникот за полагање на приемен испит. Покрај наведеното, а во корелација со оспорените одредби и наводите на подносителот на иницијативата, сметаме дека Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на одредби од ист закон односно согласноста на одредби од два закони.

Клучно прашање е дали оние кои полагаат квалификационен тест по електронски пат или полагаат тест во пишана форма со запазување на сите елементи да не може да се влијае врз резултатот со човечки фактор се во различна правна ситуација и дали имаат негативни поледици кои можат да доведат до правна несигурност?

Судот смета дека дефинирањето и попрецизното определување на поимите „настан кој не можел да се предвиди“ и „крајна итност“, „да не дојде до прекин на спроведување на примен испит“, немаат клучно влијание врз положбата на кандидатите кои испитот го полагаат по електронски пат или во хартиена форма на образец со ист начин на поставување на прашањата како и на компјутер, и избор од повеќе понудени одговори. Условите од член 40 став 7 треба да бидат кумулативно исполнети, и ова не дава можност тие да бидат арбитрарно определувани. Кандидатите имаат исти услови и не им се менува ништо, бидејќи тестот во електронска форма и во хартиена форма е потполно идентичен и во ништо не се разликува. Единствена разлика е дали при пополнувањето се користи електронски уред – компјутер или одговорите на образец рачно ќе се пополнат и електронски ќе се прочитаат. Ова не претставува промена на начинот на полагање на испитот за кој кандидатите однапред се известени, туку за начинот на пополнување на обрасци – компјутерски или рачно. Анонимноста, шифрирањето, неможноста човечки фактор да влијае врз резултатите, и заштитата на податоците се обезбедени и на двата начини на полагање. И покрај тоа што на кандидатите позицијата им е иста без разлика дали полагаат електронски или во хартиена форма потполно идентичен тест со електронско читање, законодавецот се определил ваквиот начин на полагање на квалификациониот тест да биде исклучок. Имено, квалификациониот тест наместо по електронски пат ќе се спроведе во хартиена форма кога кумулативно ќе се исполнат три услови: да постои „настан кој не може да се предвиди“, „да постои крајна итност“ и поради ова „да не дојде до прекин во спроведување на примениот испит“.

Во однос на наводите на подносителите на иницијативата дека во член 43 од Законот, со наслов „Техничка неможност на функционирање на електронскиот систем“ е пропишано како ќе се постапува кога за време на полагањето на тестот се појават технички проблеми со компјутерот и во таа смисла се нејасно и недоволно прецизирани со закон определбите за отстапување од општото правило за полагање на квалификациониот тест по електронски пат, сметаме дека истите се неосновани од причина што наведениот член се однесува на ситуациите кога се појавуваат технички проблеми за време на полагањето на квалификациониот тест по електронски пат додека оспорените одредби се однесуваат на ситуациите кога не постои начин за спроведување на наведениот тест по електронски пат поради ситуациите наведени во член 45 став 10 од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 172/2023 и 62/2024).

Во однос на барањето на подносителите на иницијативата за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 37 став 1 од Актот на Уставниот Суд на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот едногласно одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски