У.бр.7/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.7/2024
Скопје, 25 септември 2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 септември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на:
– Упатството за царинска вредност 01-074865/16-0002 од 01.06.2018 година; и
– Корисничкото упатство за пребарување во каталогот SchwackeNet 01-049268/18-0002 oд 21.06.2018 година, двете донесени од страна на директорот на Царинска управа на Република Македонија, денес Царинска управа на Република Северна Македонија.

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во диспозитивот на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорените акти не се во согласност со член 8 алинеја 3 и член 52 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата подносителот го цитира член 7 точка 2 потточка б) од GATT/ГАТТ/ОДЦГ (Општ договор за царини и трговија од 1994 година) и дава образложение дека „вистинска вредност“ се определува со „законодавство“ на државата на увоз што значи „пресметувањето на вистинската вредност“ може да биде предмет на регулирање само со закон, а не и со подзаконски акт или акт донесен од раководен орган на органот или органите задолжен или задолжени за пресметување и наплата на царинските давачки како јавни давачки при увоз на стоки.

Подносителот смета дека со оспорените упатства не може да се воспостави обврска како ќе се пресметува „вистинска вредност“ при увоз на стоки, како и дека не можат да бидат референтна основа според која може да се врши споредување или карактеризирање на стоките, а заради пресметка, утврдување и наплата на царински давачки за тој вид на стоки при увоз во нашата Република.

Понатаму подносителот наведува дека оспорените упатства не може да се сметаат ниту за „расположлив податок“ согласно член 34 од Царинскиот закон, од причина што самата одредба дава насоки да започне повторно од почеток и флексибилно да се преиспитува можноста за примена на некој од другите методи за утврдување на „вистинска вредност“.

Подносителот укажува дека при пресметка, утврдување и наплата на царинските давачки, се земаат предвид вредностите според оспорените упатства, додека пак, стоките кои ги тангираат овие упатства заради увоз во нашата Република, однапред се детерминира неможноста под конкурентни услови, иста или слична стока да биде продадена или понудена за продажба на вообичаен начин на трговија со што би постоела можност арбитрарно да се определуваат цените на стоките од оспорените упатства кои се предмет на увоз во Република Северна Македонија, а кои се од таков вид и според тоа создаваат правна несигурност што не е во согласност на член 8 алинеја 3 од Уставот на Република Сeверна Македонија.

Подносителот поднел барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до ЈП „Службен весник на Република Северна Македонија“ со кое побарал писмено да добие информација за тоа дали оспорените упатства се објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“. В.д директорот на ЈП „Службен весник на Република Северна Македонија“ донел Решение за позитивен одговор на барање за пристап до информација од јавен карактер заведено под бр.03-3/1 од 02.01.2024 година и според член 2 став 2 од изреката, се констатира дека нема објавени акти со таков назив, односно оспорените упатства не се објавени во службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“, ниту во службеното гласило кое во времето на донесување на оспорените упатства носело назив „Службен весник на Република Македонија“.

Ова од причина што оспорените акти не биле објавени во „Службен весник на Република Македонија“ во согласност со член 52 од Уставот, и истите не можеле да предизвикаат правно дејство.

Подносителот со иницијативата бара од Уставниот суд на Република Северна Македонија, оспорените упатства да бидат укинати како спротивни на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека оспореното Упатство за царинска вредност бр.01-074865/16-0002 од 01.06.2018 година е донесено од страна на директорот на Царинската управа, согласно неговите овластувања од член 7 став 4 од Законот за Царинска управа („Службен весник на Република Македонија“ број 46/2004, 81/2005, 107/2007, 103/2008, 64/2009, 105/2009, 48/10, 158/10, 53/11, 113/12, 43/14, 167/14, 33/15, 61/15, 129/15, 23/16, 120/18, 248/18) и истото престанало да важи со донесување на новото Упатство за царинска вредност, донесено од страна на директорот на Царинска управа и заведено под бр.01-074865/16-0004 од 29.10.2020 година. Оспореното Упатството е разработено на 13 поглавја означени со римски броеви, во кои секој став е означен со број и дадени обрасци и конкретни примери за негова употреба.

Оспореното Корисничко упатство за пребарување во каталогот SchwackeNet бр.01-049268/18-00002 од 21.06.2018 година е донесено од страна на директорот на Царинската управа и истото престанало да важи со донесување на новото Корисничко упатство за пребарување во каталогот SchwackeNet, донесено од страна на директорот на Царинската управа и е заведено под бр.01-049268/18-0003 од 22.12.2020. Оспореното Корисничко упатство е разработено во 4 поглавја означени со римски броеви.

III

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата се оспорува уставноста на Упатството за царинска вредност бр.01-074865/16-0002 од 01.06.2018 година и Корисничкото упатство за пребарување во каталогот SchwackeNet бр.01-049268/18-00002 од 21.06.2018 година како спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 и на член 52 од Уставот.

Уставниот суд на Република Северна Македонија има надлежност да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, оние прописи кои содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на општ начин и утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото.

Во конкретниот случај од содржината на оспореното Упатство за царинска вредност бр.01-074865/16-0002 од 01.06.2018 година, произлегува дека станува збор за акт кој го уредува начинот и постапката која ја спроведуваат организационите единици на Царинската управа на Република Северна Македонија при постапката на утврдување на царинската вредност на стоката при увоз.

Додека, пак, од содржината на оспореното Корисничко упатство за пребарување во каталогот SchwackeNet бр.01-049268/18-00002 од 21.06.2018 година, произлегува дека се опишува начинот на пребарување на податоците во електронскиот каталог SchwackeNet од страна на вработените во Царинската управа, со цел проценка на вредноста при постапката на увоз на нови и употребувани моторни возила, лесно доставни товарни возила, како и мотоцикли.

Имајќи го предвид одговорот од доносителот на оспорените акти, кој укажува дека истите претставуваат интерни акти, како и дека се надвор од правен промет, сепак сметаме дека оспорените акти не ги содржат обележјата на пропис подобен за уставно-судска анализа, а со тоа немаат уставна обврска за објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Впрочем, Уставниот суд веќе одлучувал за горенаведените оспорени упатства и со Решението У.бр.184/2023 од 31 јануари 2024 година, ја отфрлил иницијативата од причина што двата оспорени акти не претставуваат прописи и како такви тие не подлежат на уставната обврска за објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“ според член 52 став 1 од Уставот, ниту пак подлежат на уставно-судска контрола согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, поради ненадлежност.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски