Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.75/2024
Скопје, 18.09.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав, д-р Дарко Костадиновски претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 18.09.2024 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 40 алинеја 4 од Деловникот за работа на Општина Липково („Службен гласник на Општина Липково“ бр.7/2022).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 40 алинеја 4 од Деловникот за работа на Општина Липково („Службен гласник на Општина Липково“ бр.7/2022).
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Судот, по сопствена иницијатива со Решението У.бр.75/2024 од 9 мај 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Деловникот за работа на Општина Липково, означен во точката 1 од оваа одлука.
II
На седницата Судот утврди дека согласно член 40 алинеја 4 од Деловникот за работа на Општина Липково, член на Советот има право на седниците на Советот, меѓу другото, да поднесе барање за давање автентично толкување на одредбите.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија согласно член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. А според ставот 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, според член 110 алинеја 2 од Уставот.
Советот на Општина Липково, врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) и член 40 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Липково („Службен гласник на Општина Липково” бр.1/2006, 3/2015 и 1/2019) го донел Деловникот за работа на Советот на Општина Липково, објавен во „Службен гласник на Општина Липково” бр.7/2022.
Во конкретниот случај, во член 40 алинеја 4 од Деловникот за работа на Советот на Општина Липково е утврдено дека член на Советот има право на седниците на Советот меѓу другото да поднесе барање за давање автентично толкување на одредбите.
Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 248/2023).
Законот за локалната самоуправа, во член 36 став 1 точка 1 определува дека советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, односно според член 62 став 1 од истиот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.
Во конкретниот случај, според Судот, станува збор за прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт. Од Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се предвиди автентично толкување на општи акти. Оттука, Судот цени дека Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа.
Врз основа на наведеното, а согласно со одредбите од член 51 од Уставот според кои во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, во конкретниот случај, Судот утврди дека член 40 алинеја 4 од Деловникот за работа на Општина Липково е во спротивност со Законот за локалната самоуправа, а со тоа и во спротивност со темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото, утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според која во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.
IV
Со донесувањето на оваа одлука Судот одлучи да го стави вон сила Решението У.бр.75/2024 од 9 мај 2024 година за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Деловникот за работа на Општина Липково.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски