Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.45/2022
Скопје, 18.09.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав, д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Атанасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 18 септември 2024 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 9 став 3 во делот „германски марки (ДЕМ)“, член 22, член 26 став 2, член 86-б став 1 и член 111 став 1 во делот „ДЕМ“ од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1993, 48/1993, 21/1998, 25/1999, 39/1999, 81/1999, 49/2000, 6/2002, 31/2003, 38/2004, 35/2006, 84/2007, 123/2012 и 25/2015).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на правните акти во деловите означени во точката 1 од оваa одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на правните акти во деловите означени во диспозитивот на оваа одлука.
Според наводите во иницијативата, подносителот бара поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од член 9 став 3, член 22, член 26 став 2, член 86-б ставови 1 и 2 и член 111 став 1 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, од причина што не се во согласност со начелото на владеење на правото.
Подносителот наведува дека во член 9 став 3 од Законот делот од одредбата „германски марки (ДЕМ)“ и делот „ДЕМ“ од член 22, член 26 став 2, член 86-б став 1 и член 111 став 1 од истиот закон, каде како слободна конвертибилна валута стои германска марка ДЕМ, која престанала да важи сметано од 01.01.2002 година, а изразувањето на една вредност од денари во германски марки ДЕМ станува беспредметно и оспорените делови од одредбите можат да доведат до забуна во нивната примена,што е во спротивност со владеењето на правото.
Исто така, подносителот наведува дека во соопштението на Народната банка на Републиката, објавено на ден 23.10.2001 година на интернет-страницата на Народната банка, се наведува дека од 1 јануари 2002 година евро-банкнотите ќе станат законско средство за плаќање во 12 земји на евро-зоната, а тоа значи дека меѓу другите валути престанала да важи и германската марка (ДЕМ).
Во иницијативата се наведува дека во член 86-а став 2 оспорениот дел „Законот за инвестициони фондови“ од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, упатува на примена на пропис, а со тоа и примена на одредби од пропис кој од 05.02.2009 година не е повеќе дел од правниот промет. Законот за инвестициски фондови објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2009 влегол во сила на ден 05.02.2009 година, а тоа значи дека престанал да важи Законот за инвестициони фондови „Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2000 и 29/2007, на кој закон упатува оспорената одредба.
Во овој контекст, подносителот наведува дека кога една одредба се повикува на примена на друга одредба односно се повикува на примена на одредби од закон, потребно е законот кој ги содржи одредбите на чија примена се упатува, да е дел од правниот поредок.
Според подносителот, повикувањето на примена на одредби или закон кој не е повеќе во правниот поредок доведува до заблуда при операционализација на одредбата или законот кој упатува на примена на одредбата односно одредбите од законот кои повеќе не се во правниот промет, не е во согласност со начелото на владеење на правото предвидено во Уставот на Република Северна Македонија.
Поради горенаведеното, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од член 9 став 3, член 22, член 26 став 2, член 86-а став 2, член 86-б став 1 и член 111 став 1 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал и истите да ги укине.
II
На седницата Судот утврди дека во член 9 став 3 е содржан делот „германски марки (ДЕМ)“ од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1993, 48/1993, 21/1998, 25/1999, 39/1999, 81/1999, 49/2000, 6/2002, 31/2003, 38/2004, 35/2006, 84/2007, 123/2012 и 25/2015).
Во член 22, член 26 став 2, член 86-б став 1 и член 111 став 1, е содржан делот „ДЕМ“ од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/1993, 48/1993, 21/1998, 25/1999, 39/1999, 81/1999, 49/2000, 6/2002, 31/2003, 38/2004, 35/2006, 84/2007, 123/2012 и 25/2015).
Во член 86-а став 2 е содржан делот „Законот за инвестициони фондови“ од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1993, 48/1993, 21/1998, 25/1999, 39/1999, 81/1999, 49/2000, 6/2002, 31/2003, 38/2004, 35/2006, 84/2007, 123/2012 и 25/2015).
Содржината на оспорените одредби од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал е следна:
Во член 9 став 3 се наведува дека утврдената вредност од став 1 на овој член се изразува во германски марки (ДЕМ), според средниот девизен курс на Народната банка на Република Македонија на датумот на процената. (Одредбата се оспорува во делот „германски марки (ДЕМ)“).
Според член 22, акциите, односно уделите издадени според овој закон се изразуваат во ДЕМ, а се плаќаат со: а) денари; в) денари стекнати со продажба на ефективна конвертибилна странска валута; г) хартии од вредност издадени од Република Македонија и д) странска конвертибилна валута кога акциите, односно уделите се продаваат на странско лице. (Одредбата се оспорува во делот „ДЕМ“).
Во член 26 став 2 се наведува дека корисникот на попустот од член 25 на овој закон има право акциите, односно уделите да ги купува со основен попуст од 30% од номиналната вредност, зголемен за 1% за секоја полна година на работен стаж во претпријатието, со тоа што износот на купените акции, односно уделот со попуст не може да го надмине износот од 25.000 ДЕМ. (Одредбата се оспорува во делот „ДЕМ“).
Според член 86-б став 1, друштвото од член 86-а на овој закон ќе управува со инвестиционен фонд кој ќе се основа со акции во износ од 1.000.000 ДЕМ, кои ги поседува Агенцијата, односно Република Македонија. (Одредбата се оспорува во делот „ ДЕМ“).
Со член 111 став 1 се предвидува дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, додека не се отпочне со реализација на избраниот начин на трансформација, претпријатијата не можат да продаваат градежни објекти и други основни средства со вредност поголема од 50.000 ДЕМ без согласност на Агенцијата. (Одредбата се оспорува во делот „ ДЕМ“).
Согласно со член 86-а став 2, друштвото од став 1 на овој член се основа согласно со Законот за инвестициони фондови и Законот за трговските друштва. Одредбата се оспорува во делот „Законот за инвестициони фондови“.
III
Согласно со член 8 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал („Службен весник на РМ“ бр.38/1993, 48/1993, 21/1998, 25/1999, 39/1999, 81/1999, 49/2000, 6/2002, 31/2003, 38/2004, 35/2006, 84/2007, 123/2012 и 25/2015), се уредуваат условите, начините и постапката за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (во натамошниот текст: претпријатие) во претпријатија во кои е определен сопственикот, како и начините и постапката за продажба на акциите и уделите кои во постапката за трансформација ѝ се издадени на Агенцијата. Трансформација на претпријатието со општествен капитал (во натамошниот текст: трансформација) од став 1 на овој член се врши со организирање на претпријатието во акционерско друштво или друштво со ограничена одговорност со капитал во приватна сопственост, односно со определен сопственик, под условите и постапката утврдени со овој закон и со Законот за трговските друштва. Трансформацијата се врши и со продажба на општествениот капитал или на сите средства на претпријатието.
Со иницијативата се оспорува уставноста на член 9 став 3 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, во делот од одредбата „германски марки (ДЕМ)“, и делот „ДЕМ“ од член 22, член 26 став 2, член 86-б став1 и член 111 став 1 од истиот закон, каде како слободно конвертибилна валута стои германска марка ДЕМ, која престанала да важи сметано од 01.01.2002 година, а евро-банкнотите се законско средство за плаќање.
Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, во својата основа го има елементот правна сигурност што подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни и прецизни норми. Од анализата на оспорените делови од член 9 став 3, член 22, член 26 став 2, член 86-б став 1 и член 111 став 1 од од Законот, произлегува дека содржината на оспорените одредби може да доведе до заблуда при примена на одредбата како што е наведено во иницијативата, поради што имплицира повреда на уставниот принцип на владеење на правото.
Уставниот суд укажува дека законодавецот не ги направил потребните измени на оспорените правни норми во овој закон, дваесет и две години по официјалното престанување на важењето на германската марка. Судот цени дека во функција на правната сигурност и владеењето на правото, во законските норми не треба да се користи валута, која престанала да постои, затоа што не постои и официјален курс за замена на оваа валута во денарска противредност. Оттука, Судот цени дека со укинување на „германски марки (ДЕМ)“ во оспорените норми на Законот, законодавецот ќе го измени Законот користејќи важечки валути, доколку му е потребно изразување со валутна клаузула во денарска противредност.
Во член 86-а став 2 оспорениот дел „Законот за инвестициони фондови“ од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, во кој се наведува дека друштвото од став 1 на овој член се основа согласно со Законот за инвестициони фондови и Законот за трговските друштва, упатува на примена на пропис, а со тоа и примена на одредби од пропис кој од 05.02.2009 година не е повеќе дел од правниот промет. Законот за инвестициски фондови објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2009 влегол во сила на ден 05.02.2009 година, а тоа значи дека престанал да важи Законот за инвестициони фондови „Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2000 и 29/2007, на кој закон упатува оспорената одредба.
Во член 153 од Законот за инвестициски фондови („Службен весник на Република Македонија“ број 12/2009), е наведено „Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за инвестициони фондови („Службен весник на Република Македонија“ број 7/2000 и 29/2007)“.
Согласно со член 154 од истиот закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Од анализата на член 86-а став 2 во оспорениот дел „Законот за инвестициони фондови“ од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, произлегува дека оспорената одредба упатува на закон кој повеќе не е дел од правниот поредок, кој може да доведе до заблуда при примена на одредбата како што е наведено во иницијативата дека при повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за да таквото уредување претставува една логична, правно-функционална целина, поради што и имплицира повреда на уставниот принцип на владеење на правотo.
Со предметната иницијатива се бара поведување постапка и укинување на член 86-а став 2 во делот „Законот за инвестициони фондови“ од Законот, бидејќи упатувал на примена на одредби од пропис којшто не е во правниот поредок.
Во врска со наводите, Судот оцени дека станува збор за прашање во надлежност на законодавецот, кое не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните, односно нема реални можности оспорениот дел од член 86-а став 2 од Законот да предизвика некаква забуна кај органите во практикувањето на правото, бидејќи и според Законот за инвестициони фондови, а и според Законот за инвестициски фондови, нема суштинска разлика во предметот на уредување.
Уставниот суд цени дека упатувањето во норма од важечки закон, на закон што престанал да постои, кога материјата која била уредена со тој закон е уредена со друг понов закон, не мора секогаш да доведе до правна несигурност, затоа што при примена на нормата, може да се согледа што во моментот на примена на еден закон, претставува позитивно право, односно кој закон од упатувачката норма, е во важност во моментот во примена. Меѓутоа, често со иницијативите се бара важечките закони да бидат меѓусебно усогласени што секако би придонело и за поголема правна сигурност, но тоа не е во надлежност на Уставниот суд. Во таа насока, Уставниот суд смета дека законодавецот треба да води сметка за ваквите состојби и во функција на постигнување на поголема правна сигурност, кога еден закон престанува да постои на начин што е заменет со нов закон, што ја уредува истата правна материја, во преодните и завршни одредби на новиот закон да нормира, дека се менуваат и дополнуваат и упатувачките правни норми во другите закони, кои се повикуваат на законот што престанал да постои. Уставниот суд укажува дека законодавецот треба во својата работа да користи правилна номотехника без упатувачки норми на други конкретни важечки закони во моментот на донесување на законот, туку норми за упатување со описна содржина, како на пример „примена на правни прописи со кои се уредува определената материја“.
Во конкретниот случај, барањето со иницијативата е всушност барање, Уставниот суд, преку уставниот механизам – поведување постапка да изврши номотехничка корекција во Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, со цел да се изврши меѓусебно усогласување на закони. Меѓутоа, ваквото барање е надвор од уставните надлежности од член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, според кои Уставниот суд, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, што значи не одлучува за меѓусебната согласност на законите или нивните одредби. Во надлежност на законодавецот е да ги креира прописите, истите да ги менува и дополнува, а воедно преку своите механизми и да врши технички исправки и корекции на прописите коишто ги донесува.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот цени дека во овој дел од наводите на иницијативата исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
V
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски