У.бр.134/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.134/2024
Скопје, 12.09.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 септември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 25-б ставови 4, 6, 7, 9 и 10, и Прилогот број 5 и Прилогот број 6 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.273/2023).

Образложение
I

Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи на Република Северна Македонија, преку полномошникот, адвокат Бобан Богдановски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 25-б ставови 4, 6, 7, 9 и 10, и Прилогот број 5 и Прилогот број 6 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.273/2023).

Одредбите од член 25-б од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи и прилозите кон истиот се оспоруваат од аспект на членовите 85, 86, 87, 88 и 89 од Законот за административни службеници, член 118 став 5 и член 128 став 6 од Законот за катастар на недвижности, но, исто така, и од аспект на член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставови 3 и 5 и член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Цитирајќи го член 128 од Законот за катастар на недвижности со кој се уредени овластувањата на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи (во натамошниот текст се користи: Комората), подносителот изнесува свое тврдење дека оспорената одредба од член 25-б став 4 од Правилникот со која на членовите на Комисијата, формирана од страна на директорот на Агенцијата за катастар на недвижности (во натамошниот текст се користи: Агенцијата), за вршење на одземените или ограничени јавни овластувања на Комората согласно со член 128 став 6 од Законот за катастар на недвижности, им се признава право на паричен надомест за учество во работата на Комисијата, е спротивна на член 32 ставови 3 и 5 од Уставот на Република Северна Македонија, а исто така, спротивна и на членовите 85, 86, 87, 88 и 89 од Законот за административни службеници.

Во продолжение, подносителот ја цитира уставната норма од член 32 став 5 и изнесува заклучок дека вработените имаат право на надоместок за нивната работа што го остваруваат во согласност со закон и колективен договор, односно правото на надоместок не може да се стекне врз основа на подзаконски акт. Но, исто така, ги цитира и членовите 85, 86, 87, 88 и 89 од Законот за административни службеници и укажува на тоа дека овој закон не предвидува дека на определени вработени може да им се исплаќа дополнителен надоместок поради учество во комисии формирани од страна на институцијата во која се вработени. Правото на исплата на плата и надоместоци на плата на административните службеници се регулира исклучиво со закон и со колективен договор. Според подносителот, вршењето на надлежноста на директорот на Агенцијата во случај на одземени јавни овластувања на Комората и притоа доверување на определени работни задачи на вработените во Агенцијата не претставува нивен дополнителен работен ангажман, туку извршување на работни обврски во рамки на нивниот заснован работен однос во Агенцијата. Оттука, и неговиот заклучок дека на вработените во Агенцијата (членови во Комисијата) не може да им се исплаќа дополнителен надоместок на плата врз основа на одлука на директорот на Агенцијата и подзаконски акт (предметниот правилник) со кој што, спротивно на закон, му се доверува надлежност на директорот да донесува решенија за исплата на предвидениот надомест.

Во однос на оспорената одредба од член 25-б став 6 од Правилникот со која се уредува правото на Агенцијата да наплаќа надоместок за издадените лиценци и решенија, во иницијативата се наведува дека е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот, како и член 118 став 5 од Законот за катастар на недвижности. Цитирајќи ја одредбата од член 118 став 5 од Законот за катастар на недвижности согласно која „за стекнување со лиценца за вршење на геодетски работи се плаќа надоместок на Комората“, како и член 118 став 6 од истиот закон во кој е уредено дека „висината на надоместокот за издавање лиценца за вршење на геодетски работи ја пропишува Управниот одбор на Комората“, подносителот изнесува констатација дека „ако вршите определено овластување во име на друго лице, тогаш правото кое што настанало со извршување на работата му припаѓа на лицето во чие име е извршена работата“. Во конкретниот случај, според него, со оглед дека Агенцијата ги врши јавните овластувања во име на Комората, надоместокот за издавање на лиценци ѝ припаѓа на Комората, односно Законот за катастар на недвижности не предвидува дека во случајот од член 128 став 6, Агенцијата има право да наплаќа надоместок во периодот додека ги врши пренесените јавни овластувања.

Според подносителот, со оспорената одредба од член 25-б став 7 од Правилникот се пропишува нова надлежност на директорот на Агенцијата – да ја утврдува висината на надоместокот за издадените лиценци и решенија, што пак, е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот, а исто така, спротивно и на член 118 став 5 од Законот за катастар на недвижности.

Во контекст на ова, подносителот укажува дека надлежностите на директорот на Агенцијата се утврдени во член 15 од Законот за катастар на недвижности, при што во однос на надлежностите за утврдување на висината на надоместоците кои што ги наплаќа Агенцијата, се предвидува дека директорот предлага тарифници утврдени со истиот закон, кои ги донесува Управниот одбор на Агенцијата. Во продолжение, цитирајќи ја одредбата од член 37 од Законот за катастар на недвижности, подносителот заклучува дека овој закон предвидува дека Агенцијата донесува само тарифник со кој се утврдува висината на надоместокот за користење и увид на податоците од ГКИС, односно Законот не предвидува право на директорот, ниту на Управниот одбор да пропишува надоместок за други работи. Оттука, со оспорената одредба од член 25-б став 7 од Правилникот, се предвидува нова надлежност на директорот којашто не е предвидена со закон. Воедно, се нагласува и дека согласно одредбите од истиот закон, Управниот одбор на Комората има исклучиво право да ја утврди висината на надоместокот за издавање лиценци.

Во продолжение на иницијативата се наведува и дека оспорените одредби од член 25-б ставови 9 и 10 од Правилникот со кои се уредува формата и содржината на образецот за лиценцата и решението, кои се дадени во прилозите број 5 и 6 на Правилникот, се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот, а исто така, спротивни и на член 128 став 6 од Законот за катастар на недвижности. Наведеното, подносителот го образложува со свое толкување дека на овој начин, повторно, се пропишува нова надлежност на директорот на Агенцијата за издавање лиценци и решенија во времетраење најмногу до една година. Тој наведува дека од содржината на образецот број 5 и образецот број 6 не произлегува дека лиценцата, односно решението ги издава Агенцијата во име на Комората. Наместо тоа, во отсуство на вакво прецизирање, произлегува заклучок дека како Агенцијата, така и Комората се надлежни за издавање за лиценци и решенија, односно станува збор за т.н.дуална надлежност за вршење на овие работи, што е спротивно на Законот за катастар на недвижности.

Подносителот, исто така, забележува дека оспорените обрасци дадени во прилозите број 5 и 6 на Правилникот, како овластено лице во име на Агенцијата ги потпишува директорот д-р Борис Тунџев. Неразбирливо, според него, е како на образец може да стои името и презимето на определено лице, имајќи предвид дека станува збор за носител на функција која е променлива. Оттука, со ваквото уредување во оспорените одредби и обрасците постапено е спротивно на начелото на законитост со пречекорување на надлежностите на директорот на Агенцијата.

Со оглед на наведеното, подносителот бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби и Прилогот број 5 и Прилогот број 6 од предметниот правилник. Воедно, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд, се бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби и прилози, а согласно член 29 од Деловникот, Судот да закаже и подготвителна седница.

II

На седницата Судот утврди дека со Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.273/2023), донесен од страна на Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижности, меѓу останатото, се додава нов член – 25-б со кој е уредено вршењето на јавните овластувања на Агенцијата во име на Комората.

Судот утврди дека во член 25-б став 4 од Правилникот е определено дека Комисијата од ставот (3) на овој член има право на надоместок во висина утврдена со решение од директорот на Агенцијата.

Согласно со член 25-б став 6 од Правилникот, надоместокот за издавање на лиценца/решение од член 14 на овој правилник се плаќа на Агенцијата. А, согласно со ставот 7 од истиот член од Правилникот, висината на надоместокот од став (6) на овој член се утврдува во зависност од направените трошоци потребни за вршење на увид во исполнетоста на условите потребни за вршење на геодетските работи, а ја пропишува директорот на Агенцијата.

Судот, исто така, утврди дека според ставовите 9 и 10 од истиот член од Првилникот, формата и содржината на лиценцата од став (1) на овој член е дадена во прилог број 5 кој е составен дел на овој правилник, како и формата и содржината на решението од став (1) на овој член е дадена во прилог број 6 кој е составен на овој правилник.

III

Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Секој вработен има право на соодветна заработувачка, согласно со член 32 став 3 од Уставот, а согласно со ставот 5 на овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, согласно со уредувањето содржано во член 51 став 1 од Уставот.

Уставниот суд, според член 110 алинеја 2 од Уставот одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Имајќи предвид дека на 1 септември 2024 година влезе во сила Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), постапката пред Судот продолжува согласно одредбите од истиот.

Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013, 41/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016, 172/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Реублика Северна Македонија“ бр.124/2019), согласно со член 15 став 1 алинеја 19, определува дека директорот на Агенцијата издава и одзема лиценци за вршење на геодетски работи во случајот од член 128 став 6 од овој закон.

Во член 118 од наведениот закон е уредена постапката и начинот на издавање на лиценца за вршење на теренски геодетски работи. Согласно став 1 од овој член, трговецот поединец овластен геодет, односно трговското друштво за геодетски работи за да започне со работа е потребно да има лиценца за вршење на геодетските работи (во натамошниот текст: лиценца). Во ставот 2 е утврдено дека Управниот одбор на Комората ја издава лиценцата од ставот (1) на овој член на трговецот поединец овластен геодет, односно трговското друштво за геодетски работи кој покрај условите од член 104 став (1) алинеи 1, 2, 3 и 4 од овој закон, ги исполнува потребните услови за простории и опрема за извршување на геодетските работи и во називот на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи не го содржи зборот „катастар“. Согласно ставот 3, за увидот во исполнетоста на условите од ставот (2) на овој член Управниот одбор на Комората формира комисија од три члена од кои двајца се од редот на Комората и еден на предлог на Агенцијата. Во ставот 4 е определено дека Комисијата составува записник за извршениот увид за исполнетоста на условите од ставот (2) на овој член. Според став 5, за стекнување со лиценца за вршење на геодетски работи се плаќа надоместок на Комората. Согласно ставот 6 од истиот член од Законот, висината на надоместокот за издавање на лиценца се утврдува во зависност од направените трошоци потребни за вршење на увид во исполнетоста на условите потребни за вршење на геодетските работи. Висината на надоместокот за издавање лиценца за вршење на геодетски работи ја пропишува Управниот одбор на Комората. Во ставот 7 е утврдено дека податоците за издадените лиценци Комората е должна веднаш да ѝ ги достави на Агенцијата. А, според ставот 8, издадените лиценци на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи се запишуваат во Именикот на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи што го води Комората.

Во член 120 став 1 од Законот е утврдено дека за извршување на геодетските работи од членот 103 од овој закон, трговските друштва за геодетски работи може да основаат подружници за вршење на геодетски работи. Во ставот 2 е определено дека подружниците од ставот (1) на овој член можат да започнат со работа доколку имаат вработено најмалку еден овластен геодет и потребни простории и опрема за извршување на геодетските работи. Согласно ставот 3, увидот во исполнетоста на условите од ставот (2) на овој член го врши комисијата од член 118 став (3) од овој закон. Според ставот 4, Комисијата составува записник за извршениот увид за исполнетоста на условите од ставот (2) на овој член. Во ставот 4 од овој член од Законот е определено дека врз основа на записникот од ставот (4) на овој член претседателот на Управниот одбор на Комората донесува решение.

Во член 128 од истиот закон се утврдени овластувањата на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи. Согласно ставовите 1 и 2 од овој член од Законот, Комората има јавни овластувања утврдени со овој закон и за истите води евиденција. Јавните овластувања се однесуваат на издавање и одземање на лиценца за вршење на геодетски работи, водење на Именикот на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за вршење на геодетски работи и на изготвување на тарифник за висината на надоместокот за извршените геодетски работи. Во ставот 3 од истиот член од Законот е определено дека надзор над вршењето на јавните овластувања од ставот (2) на овој член спроведува Агенцијата преку укажување на определени материјални и процедурални недостатоци во работата на Комората, давање препораки за доследно спроведување на овој закон во делот на извршувањето на јавните овластувања и – давање мислења и стручна помош. Согласно ставот 4, ако Комората не ги отстрани недостатоците од ставот (3) алинеја 1 на овој член, јавните овластувања и се одземаат или ограничуваат најмногу до една година, со решение на директорот на Агенцијата. Во ставот 5 е утврдено дека решението од ставот (4) на овој член е конечно и извршно, а против истото е дозволена тужба пред управен суд во рок од 15 дена од денот на приемот на решението. Согласно ставот 6, пак, одземените или ограничените јавни овластувања од ставот (2) на овој член во име на Комората ги врши Агенцијата, согласно со овој закон, во рок најмногу до една година.

Од анализата на одредбите на Законот за катастар на недвижности, јасно произлегува дека уредувајќи ги прашањата за вршењето на геодетските работи, законодавецот ѝ доделил јавни овластувања на Комората за издавање и одземање лиценца за вршење на геодетските работи од страна на трговецот поединец овластен геодет, односно трговското друштво за геодетски работи, согласно со уредувањето во член 118 од Законот. Воедно, законодавецот утврдил и можност со цел извршување на теренските геодетски работи, трговските друштва за геодетски работи да основаат подружници, при што Комората донесува посебно решение согласно со одредбите од член 120 од Законот.

Освен наведеното, во член 128 од Законот со кој се утврдени овластувањата на Комората, пропишана е можност, јавните овластувања да ѝ бидат одземени или ограничени во период најмногу до една година, во случај доколку не ги отстрани материјалните и процедуралните недостатоци во работењето, кои претходно ги констатирала Агенцијата, што произлегува од ставовите 3 и 4 од овој член од Законот. Во периодот на одземени или ограничени овластувања, истите во име на Комората ги врши Агенцијата, согласно со ставот 6 од истиот член од Законот. Во оваа насока, и член 15 од Законот кој ги пропишува работите што ги врши директорот на Агенцијата, во алинејата 19 определува дека директорот издава и одзема лиценци за вршење на геодетски работи во случајот од член 128 став 6 од овој закон.

Со цел операционализација на Законот за катастар на недвижности, со член 123 став 1 од наведениот закон, законодавецот го овластил Управниот одбор на Агенцијата да го донесе Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2013 и 29/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.313/2020, 69/2021, 273/2023 и 104/2024), со кој се уредува начинот на издавање, престанок на важење и одземање на лиценцата за вршење на геодетски работи, формата и содржината на образецот на лиценцата за вршење на геодетските работи, условите за простории и опрема потребни за извршување на геодетските работи, формата, содржината и начинот на запишување и водење на Именикот на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, одземањето и ограничувањето на јавните овластувања на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи од страна на Агенцијата за катастар на недвижности, како и вршењето на одземените или ограничените јавни овластувања на Агенцијата во име на Комората.

Предметниот Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.273/2023) содржи три члена, од кои со член 2 се пропишува дека по членот 25 се додаваат две нови глави VI-А и VI-Б, два нови наслови и два нови члена, 25-а со кој е уредено одземањето или ограничувањето на јавните овластувања на Комората и 25-б со кој е пропишано вршењето на јавните овластувања на Агенцијата во име на Комората, чиишто ставови 4, 6, 7, 9 и 10 и прилозите број 5 и 6 кон Правилникот се оспорени со предметната иницијатива.

Во конкретниот случај, Судот цени дека неосновани се тврдењата на подносителот на иницијативата според кои членувањето на вработените во Агенцијата во Комисијата за извршувањето на работите поврзани со спроведување на постапката и увид во исполнетоста на условите за издавање на лиценца и решение согласно Законот за катастар на недвижности, не може да се смета за нивен дополнителен ангажман, туку тоа претставува нивна работна обврска, за чиешто извршување треба да добиваат надомест во вид на плата, а не и дополнителен надоместок, поради што уредувањето содржано во оспорената одредба од член 25-б став 4 од Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи е спротивно на член 32 ставови 3 и 5 од Уставот и членовите 85, 86, 87, 88 и 89 од Законот за административни службеници.

Од анализата на оспорената одредба нормирана со ставот 4 на членот 25-б од Правилникот, а во корелација со целината на членот 25-б и Законот за катастар на недвижности, произлегува дека за извршување на работите поврзани со издавањето и одземањето на лиценцата и решението, во случај на одземени или ограничени јавни овластувања на Комората согласно член 128 став 6 од Законот за катастар на недвижности, директорот на Агенцијата формира Комисија, составена од три члена и нивни заменици кои ги именува директорот од редот на вработените во Агенцијата. Што значи, се работи за посебна Комисија, формирана од страна на директорот на Агенцијата, чиишто членови имаат право на надоместок во вид на награда, во висина утврдена со решение од директорот.

Имајќи предвид дека постапката за издавање и одземање на лиценца и решение за вршење на геодетски работи по правило е во надлежност на Комората, ваквата определена надлежност за Агенцијата, во период од една година, претставува нова дополнителна надлежност која не спаѓа во нејзиниот делокруг на работа. Следствено на наведеното, и извршувањето на работите поврзани со спроведување на постапката и увид во исполнетоста на условите за издавање на лиценца и решение, како и за одземањето на истите, согласно Законот за катастар на недвижности, може да се смета за дополнителна работа на вработените во Агенцијата именувани за членови во Комисијата. Односно, нивното членување во Комисијата претставува нивен дополнителен ангажман кој не е нивна работна обврска за чиешто извршување тие добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, поради што несомнено имаат право на дополнителен надоместок во вид на награда што, пак, е во функција и на обезбедување на уставно загарантираното право на соодветна заработувачка од член 32 став 3 од Уставот.

Во член 85 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 142/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019, 14/2020, 215/2021 и 99/2022), на кој се повикува подносителот во иницијативата, со ставот 1 е предвидено дека административниот службеник има право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон, освен ако со посебен закон и со колективен договор поинаку не е уредено. Додека, во Законот за катастар на недвижности, во член 11 став 1 алинеја 11 е предвидено дека Управниот одбор на Агенцијата донесува акти за плати, надоместоци на плати и други надоместоци на помошните работници, како и акти за оценување на помошните работници во Агенцијата. Од наведените законски одредби произлегува дека Законот за административни службеници предвидува можност за различно регулирање на правото на плата и надоместоците на платата со посебен закон, што во конкретниот случај e направено со член 11 став 1 алинеја 11 од Законот за катастар за недвижности на начин што се предвидува овластување за Управниот одбор на Агенцијата, со подзаконски акт да го регулира правото на плата и надоместоците на плата. Токму во согласност со ова законско овластување, Управниот одбор на Агенцијата во оспорената одредба од член 25-б став 4 од Правилникот предвидел дека Комисијата формирана од страна на директорот на Агенцијата која ќе ги извршува работите поврзани со издавањето и одземањето на лиценца и решение има право на надоместок во висина утврдена со решение од директорот на Агенцијата.

Што се однесува до наводите дека оспорената одредба е спротивна и на членовите 86, 87, 88 и 89 од Законот за административни службеници, Судот констатираше нејасност во однос на истите, од причина што наведените законски одредби уредуваат прашања што се однесуваат на правото на плата, односно сосема друго прашање од предметот на уредување на оспорената одредба од член 25-б став 4 од предметниот правилник.

Наводите на подносителот дека оспорената одредба од член 25-б став 6 од Правилникот, со која се регулира правото на Агенцијата да наплаќа надоместок за издадените лиценци и решенија, е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот, како и на член 118 став 5 од Законот за катастар на недвижности, според Судот, исто така, се неосновани.

Имајќи предвид дека согласно член 128 став 6 од Законот за катастар на недвижности, одземените или ограничени јавни овластувања во име на Комората ги врши Агенцијата, според Судот, неспорно е дека доколку надлежноста за спроведување на постапката за издавање на лиценца и решение преминува на Агенцијата, согласно тоа и правата и обврските како резултат на спроведувањето на истата, преминуваат на Агенцијата во рок најмногу до една година. Притоа, Судот ја имаше предвид и одредбата од член 118 став 6 од Законот за катастар на недвижности каде е определено дека висината на надоместокот за издавање на лиценца е утврдена во зависност од направените трошоци потребни за вршење на увид во исполнетоста на условите потребни за вршење на геодетските работи. Следствено, јасно произлегува дека надоместокот за издавање на лиценца се наплаќа заради покривање на реално направените трошоци каде што несомнено влегуваат трошоците за увид на исполнетост на условите пропишани со Законот за катастар на недвижности. Оттука, оправдано и основано е уредувањето во оспорениот член 25-б став 6 од Правилникот, согласно кој надоместокот за издавање на лиценца и решение кој претходно се плаќал на Комората, за периодот додека Агенцијата ги извршува овие надлежности да се плаќа на Агенцијата.

Во контекст на ова, според Судот, одземена или ограничена надлежност за одреден временски период подразбира непостоење надлежност, односно неизвршување определени работи за тој временски период од страна на Комората, поради што нелогично е тврдењето на подносителот дека „ако Агенцијата ги врши овластувањата во име на Комората, правото кое што настанало со извршување на работата, односно надоместокот за издавање на лиценца и припаѓа на Комората“. Имено, законодавецот во Законот за катастар на недвижности изречно и прецизно ја уредил надлежноста на Агенцијата, во услови на одземени или ограничени јавни овластувања на Комората поради утврдени материјални и процедурални недостатоци во нејзиното работење. Притоа, во услови на одземени јавни овластувања за издавање на лиценца и решение, Комората не може да ја спроведува постапката, па соодветно на тоа не може да има и трошоци за спроведување на истата. Освен тоа, ако се земе предвид дека причината за одземање на јавните овластувања на Комората е незаконското работење, евентуалното плаќање на надоместокот на сметката на Комората не би соодветствувало со целта и ефектот на изречената мерка – одземање на овластување. Оттука, сосема неосновано и нелогично е Комората да очекува да ѝ се исплаќа надоместокот за издавање на лиценца и решение во услови кога ниту има јавни овластувања за издавање на истите, ниту пак има реални трошоци за спроведување на постапката за издавање на истите.

Наводите на подносителот на иницијативата дека со оспорената одредба од член 25-б став 7 од Правилникот се пропишува нова надлежност на директорот на Агенцијата да ја утврдува висината на надоместокот за издадени лиценци и решенија, Судот, исто така, ги оцени како неосновани. Токму во член 15 од Законот за катастар на недвижности, во став 1 алинеја 19 е определено дека директорот издава и одзема лиценци за вршење на геодетски работи во случајот од член 128 став 6 од наведениот закон. Следствено, доколку директорот има законски утврдена надлежност за издавање лиценци во име на Комората во точно предвидени случаи со Законот за катастар на недвижности, соодветно и постапките поврзани со издавање на лиценци и другите надлежности утврдени за Комората, а кои согласно закон преминуваат во надлежност на Агенцијата, меѓу кои е и овластувањето за утврдување на висината на надоместокот за издавање лиценца за покривање на реалните трошоци во постапката за издавање лиценца, ги спроведува директорот, односно поблиску ги уредува Управниот одбор на Агенцијата со предметниот подзаконски акт. Според Судот, подносителот погрешно се повикува и на член 118 став 5 од Законот за катастар на недвижности во кој е уредено дека „за стекнување со лиценца за вршење на геодетски работи се плаќа надоместок на Комората“. Ова од причина што надлежноста за пропишување на висината на надоместокот во редовна постапка за издавање лиценца кога истата е во надлежност на Комората е уредена во ставот 6 од наведениот член 118 од Законот. Но, со член 128 став 6 е уреден исклучок од редовната постапка за издавање лиценца, во случај на одземени или ограничени јавни овластувања на Комората, кога оваа надлежност наместо Комората ја извршува Агенцијата. Воедно, и заклучокот на подносителот на иницијативата дека согласно Законот за катастар на недвижности, Управниот одбор на Комората има исклучиво право да ја утврди висината на надоместокот за издавање на лиценца, Судот го оцени како неоснован бидејќи повторно, подносителот не ја имал предвид содржината на член 128 став 6 од истиот закон.

Оттука, оспорената одредба од член 25-б став 7 од Правилникот, според Судот, не може да се проблематизира од аспект на член 118 став 5 од Законот за катастар на недвижности, како што наведува подносителот на иницијативата, а следствено уставно не може да се проблематизира ниту од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во поглед на оспорените ставови 9 и 10 од член 25-б од Правилникот, со кои се регулира образецот на лиценцата за вршење на геодетски работи и образецот на решението за вршење на теренски работи, наводите на подносителот дека истите не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот, како и со член 128 став 6 од Законот за катастар на недвижности, Судот смета дека се неосновани.

Во основот за донесување на двата обрасци се наведуваат член 15 став 1 алинеја 19 и член 128 став 6 од Законот за катастар на недвижности, со кои е уредена надлежноста на директорот на Агенцијата за издавање на лиценци, како и надлежноста на Агенцијата за издавање на лиценци само во случај на одземени или ограничени јавни овластувања на Комората. Оттука, погрешно е тврдењето на подносителот дека со овие одредби од Правилникот се пропишува нова, изворна надлежност на директорот на Агенцијата, напротив истата е утврдена со Законот за катастар на недвижности, поради што не може да стане збор ниту за т.н. дуална надлежност на Агенцијата и Комората бидејќи Агенцијата ја извршува надлежноста за издавање лиценци и решенија само во случај на одземени или ограничени овластувања на Комората, и тоа во период најмногу до една година.

Што се однесува до тврдењето на подносителот на иницијативата дека во обрасците „мора да биде јасно нагласено дека Агенцијата во име на Комората издава лиценца“, Судот цени дека наведувањето на член 128 став 6 од Законот за катастар на недвижности во законскиот основ за донесување на обрасците несомнено упатува на тоа во кој случај Агенцијата и во кое својство издава лиценца и решение. Според Судот, подносителот на иницијативата прави несоодветна компарација со „застапување односно настапување во име на друго лице“ бидејќи во конкретниот случај се работи за законски утврдена надлежност на Агенцијата која произлегува токму од член 128 став 6 од Законот за катастар на недвижности.

Во однос на забелешката на подносителот дека во оспорените обрасци е наведено името и презимето на директорот на Агенцијата, д-р Борис Тунџев, Судот констатираше дека по поднесувањето на иницијативата, донесен е Правилникот за изменување на Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2024) во чиј член 1 е уредено дека во Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/13, 29/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.313/20, 69/21 и 273/23 ), во членот 25-б, во ставот (9) се менува содржината на прилогот број 5 и во ставот (10) се менува содржината на прилогот број 6 кои се составен дел на овој правилник. При вакви околности, според Судот, станува збор за очигледна техничка грешка во обрасците која е корегирана со донесувањето на наведениот правилник, а согласно тоа исправена е и забелешката на која укажува подносителот во иницијативата.

Со оглед на направената уставно-судска анализа, Судот цени дека оспорените одредби од член 25-б ставови 4, 6, 7, 9 и 10, и Прилогот број 5 и Прилогот број 6 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.273/2023) не може да се доведат под сомнение во однос на Законот за катастар на недвижности, Законот за административни службеници, како и во однос на уставните одредби од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот.

Имајќи го предвид изнесеното, според Судот, не се исполнети и условите од член 37 од Актот на Уставниот Суд на Република Северна Македонија за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од член 25-б ставови 4, 6, 7, 9 и 10, и Прилогот број 5 и Прилогот број 6 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.273/2023).

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски