У.бр.80/2022 и У.бр.85/2022

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.80/2022
У.бр.85/2022
Скопје, 12.09.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеи 2 и 3 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12.09.2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на законитоста на член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.81/2022), донесена од Владата на Република Северна Македонија.

Образложение

I

Љубица Мијалова, Слободанчо Мијалов и Драгица Шукриева, сите од Радовиш, преку заеднички полномошник, адвокатот Зоранче Крстев од Радовиш и Здравствената установа АД „Цар Самоил“, с.Банско, Струмица преку полномошникот Драги Аљоков од Струмица до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите од иницијативата поднесена од Љубица Мијалова, Слободанчо Мијалов и Драгица Шукриева, сите од Радовиш, преку заеднички полномошник, адвокатот Зоранче Крстев од Радовиш, причината за оспорувањето е во тоа што подносителите на иницијативата на 21.01.2011 година до Министерството за финансии-Управа за имотно-правни работи-Одделение за управна постапка во Општина Радовиш поднеле групно барање за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, кое се наоѓа на ул. „22-ри Октомври“ бр.1/14 во Радовиш, на КП.бр.3813 и за КП.бр.3817 за КО Радовиш, во кое барање за приватизација, на страна 2 од барањето потпишани подносители меѓу другите, се и подносителката на иницијативата Драгица Шукриева,која се уште е активна подносителка на барањето за приватизација,бидејќи се уште е сопственичка на згради во останато стопанство, де факто деловен простор, изграден врз земјиштето во државна сопственост на КП.бр.3813 видно од ИЛ бр.5632 за КО Радовиш.

Додека, пак другата подносителка на иницијативата Љубица Мијалова на ден 21.01.2011 година била потписничка на барањето за приватизација, бидејќи тогаш нејзиниот деловен простор изграден врз КП.бр.3813 во државна сопственост, за кое се однесува барањето за приватизација на земјиштето, споменатиот деловен простор,тогаш бил нејзина сопственост, но во меѓувреме после подонесеното барање за приватизација, дошло до промена на сопственоста на деловниот простор, бидејќи истата го подарила на нејзиниот син Слободан Мијалов, кој сега е нов сопственик на деловниот простор видно од имотниот лист бр.81165 за КО Радовиш, но со оглед на фактот дека во поднесениот предмет за приватизација на градежното земјиште, се уште формален барател,односно странка на постапката за приватизација е Љубица Мијалова,поради која правна причина,двајцата и мајката и синот,се потписници на оваа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на уредбата, со соодветен општ и посебен правен интерес за оваа постапка пред Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Во понатамошниот текст на иницијативата се наведува дека правниот интерес, во смисла на посебен правен интерес на подносителите на иницијативата, се состои во тоа што, согласно Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост,со сите негови измени, вклучително и претпоследната Уредба за измена на Уредбата за висина на надоместокот за приватизација бр.51-2504/1 од 08.04.2011 година, објавена во „Службен весник” бр.48 од 11.04.2011 година, бил предвиден надоместок за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост сметано од по 245,00 денари по единица мкв, за комерцијални и деловни објекти во зона-централно подрачје за Радовиш, додека пак во Уредбата бр.41-2891/1 од 29.03.2022 година, за која се однесува иницијативата е предвиден надоместок за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, сметано од по 7.350,00 денари по единица мкв, за комерцијални и деловни објекти во зона- централно подрачје Радовиш.

Според подносителот на иницијативата, со ретроактивната- повратна примена на Уредбата бр.41-2891/1 од 29.03.2022 година во поглед на постапките за приватизација започнати пред денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместокот, определена со прегледот кој е составен дел на оваа уредба, така што со примената наназад на прегледот, подоносителите на иницијативата а и општо други граѓани се оштетени, поради разликата од 7.105,00 денари по единица мкв, меѓу двете уредби, односно меѓу двата прегледи, кои се составен дел од претпоследната и последната уредба од 245,00 денари по единица мкв, по претпоследната уредба и износот од 7.350,00 денари по последната уредба,односно се појавува разлика од 7.105,00 денари по единица мкв, кој износ по единица мкв, ја претставува штетата по граѓаните општо и посебно по подносителите на иницијативата, кои се материјално засегнати и имаат посебен правен интерес за поднесување на оваа иницијатива, особено се наведува, дека истите во текот на 2011 година поднеле барање за приватизација, а не по нивна вина, од причини непознати за нив, предметот до ден денес, до 2022 година, се уште не им е решен а согласно уредбата и прегледот на цени, за која се однесува поднесената иницијатива им се наложува по уредбата, да платат надоместок за приватизација од по 7.350,00 денари, поточно член 2 од споменатата уредба, кој гласи дека, повторно на постапките за приватизација, започнати пред денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместокот, определена со прегледот кој е составен дел на оваа уредба.

Исто така, во продолжението на иницијативата се наведува дека оспорената одредба е спротивна на член 8 и член 52 став 4 од Уставот, поради што се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.81/2022), донесена од Владата на Република Северна Македонија и истиот да се поништи како несогласен со Уставот, како и согласно член 27 од Деловникот Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба.

Во втората иницијатива, поднесена од Здравствена установа АД „Цар Самоил“, с.Банско, Струмица преку полномошник адвокатот Драги Аљоков од Струмица, се наведува дека оспорената одредба од Уредбата е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, на член 51 и на член 52 став 4 од Уставот.

Според подносителот на оваа иницијатива во член 2 од Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007, 26/2008, 115/2009, 46/2010 и 48/2011), каде Прегледот за висина на надомест за приватизација на градежно земјиште, се заменува со нов Преглед кој е составен дел на оваа Уредба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.81/2022), се подвлекува дека на постапките за приватизација на градежно земјиште започнати пред денот на влегување во сила на оваа уредба ќе се применува висината на надоместокот според Прегледот што е составен дел на оваа уредба.

Понатаму, подносителот на оваа иницијатива наведува дека очигледно е дека целата содржина на овој член од Уредбата со посебен нагласок дека и висината на надоместокот ќе се определи со прегледот е противуставна и противзаконска.

Исто така, доносителот на Уредбата создава тешка материјална и финансиска обврска за лицата кои постапката за приватизација ја имаат покренато многу порано од донесувањето на новата уредба.

Во понатамошниот текст на иницијативата се наведува дека за причините поради кои постапките, па и постапката на подносителот на оваа иницијатива не е завршена на време,нема никаква вина на страната на подносителот на оваа иницијатива.

Поради наведеното со иницијативата се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.81/2022), донесена од Владата на Република Северна Македонија и истиот да се поништи како несогласен со Уставот, како и согласно член 27 од Деловникот Судот да донесе Решение за запирање на извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба.

II

На седницата Судот утврди дека Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште, во член 2 предвидува дека на постапките за приватизација на градежното земјиште започнати пред денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместот определена со Прегледот кој е составен дел на оваа уредба.

III

Според член 110 ставови 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 38 алинеи 2 и 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и кога постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Поаѓајќи од анализата на наводите во конкретната иницијатива со која се бара оцена на уставноста и законитоста на член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште, утврдивме дека овој суд веќе постапувал и со Одлуката У.бр.36/2022 од 15 мај 2024 година го укина член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште. Одлуката е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.121/2024 од 10 јуни 2024 година, и од кога произведува правно дејство.

Во наведената одлука, Судот оцени дека „субјектите на правото кои повеле постапка за приватизација на градежно земјиште согласно претходниот правен режим и услови, и истите ги окончале таквите постапки, биле во иста правна и фактичка положба со субјектите кои повеле постапка, но истите не биле окончани (без разлика на причините за тоа) согласно правниот режим и услови во времето на поведувањето на постапките. Разликата што едните ги окончале, а другите не ги окончале започнатите постапки, не го менува фактот што под исти правни правила барале остварување на нивните права предвидени со закон и со уредба. Но, со измените на условите и висината на надоместот со оспорената одредба од Уредбата, оние субјекти кои не ги окончале постапките до денот на влегување во сила на измените, се ставаат во нееднаква и понеповолна положба во однос на оние кои ги окончале постапките, со што се доведува во прашање принципот на еднаквост, утврден во член 9 од Уставот.

Врз основа на наведената уставно-судска анализа на уставните одредби како и од анализата на оспорената одредба од член 2 од Уредбата, Судот утврди дека оспорената одредба од член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 и член 52 став 4 од Уставот.“

Од овие причини, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки Судот да се впушти во уставно-судска анализа на оспорениот член 2 од Уредбата, односно оспорениот член 2 од Уредбата веќе бил предмет на оцена на Судот и е укинат поради што истиот повеќе не е во правниот поредок, со што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на член 38 алинеи 2 и 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски