Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.92/2024
Скопје, 12.09.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска- Данева, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024) на седницата одржана на 12 септември 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 37 став 1 точка 3 во деловите „овите“ и „28 ставови (6) и (9)“ од Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата („Службен весник на Република Македонија“ број 27/14, 154/15 и 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 150/2021).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, на 05.02.2024 година, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 37 став 1 точка 3 во деловите „овите“ и „28 ставови (6) и (9)“ од Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата („Службен весник на Република Македонија“ број 27/14, 154/15 и 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 150/2021).
Според подносителот на иницијативата, оспорените делови од член 37 став 1 точка 3 од Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата („Службен весник на Република Македонија“ број 27/14, 154/15 и 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 150/2021), упатуваат на примена на ставови од член 28 од истиот закон, кој согласно со член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата („Службен весник на Република Македонија” број 39/2016), е избришан.
Подносителот на иницијативата наведува дека согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, кога одредбите упатуваат на примена на други одредби, упатуваните одредби мора да се дел од правниот поредок, со цел да не се создава забуна во примената на истите. Но, тоа не е случај со оспорените делови од наведената одредба.
Поради наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата и истите да ги укине како спротивни на Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека согласно со член 37 став 1 точка 3 од Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата („Службен весник на Република Македонија“ број 27/14, 154/15 и 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 150/2021), трошоците за испитување на ѓубрињата, биостимулаторите и подобрувачите на својствата на почвата, при стручна контрола на производство, увоз, извоз, пласирање на пазарот и употреба, меѓу другото, се на товар на увозникот од членот 21 од овој закон за испитувањата на примероците од членовите 27 и 28 ставови (6) и (9) од овој закон ако резултатите од испитувањата не се во согласност со декларацијата, како и при пуштање во промет.
III
Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со иницијативата се оспорува уставноста на член 37 став 1 точка 3 во деловите „овите“ и „28 ставови (6) и (9)“ од Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата („Службен весник на Република Македонија“ број 27/14, 154/15 и 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 150/2021), со образложение дека истите упатуваат на примена на ставови од член 28 од истиот закон, кој согласно со член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата („Службен весник на Република Македонија” број 39/2016), е избришан и не е веќе дел од правниот поредок.
Од анализата на горенаведените одредби од Законот произлегува дека станува збор за технички пропуст и истиот е сторен во моментот кога со член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата, член 28 од Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата е избришан, и при една ваква ситуација врз основа на уставно утврдените надлежности законодавецот бил должен да интервенира и во член 37 став 1 точка 3 од Законот за квалитет и безбедност на ѓубриња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата, со цел меѓусебно усогласување на одредбите на Законот.
Oд содржината на оспорената одредба јасно произлегува дека во конкретниот случај станува збор за технички пропуст од номотехничка природа, кој со системско толкување на целините на законските одредби е лесно воочлив, поради што не може да се доведе во прашање уставноста на оспорената одредба со принципот на владеењето на правото.
При ваква состојба, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата бидејќи наводите на подносителот на иницијативата се сведуваат на барање за постапување на Уставниот суд, за прашање за кое надлежен е законодавниот орган кој ги креира, изменува и дополнува законите кои ги донесува.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски