Уставниот суд ќе ја одржи 26. седница на 2 октомври 2024 година со почеток во 9:30 часот. На дневен ред за дискусија се закажани четири иницијативи за оценување на уставност и законитост, шест предлози за одлучување по нацрт-одлуки и седум нацрт-решенија.
1.Реферат У.бр.147/2024
Оспорени одредби: Член 146 став 3, член 410-а и член 429-а од Закон за парничната постапка, член 27 став 2 и 3 од Законот за судските такси
Подносител на иницијативата: Златко Јолески, Адвокат од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Според подосителот, оспорените законски одредби служат за отфрлање на тужбите на граѓаните со што се зголемува бројот на судски завршени предмети и притоа во неповолна положба се наоѓа странката која се јавува како тужител, особено во постапки каде роковите за одново поднесување на тужбата се истечени од причина што тужбата претходно се сметала за повлечена поради неплатена или нецелосно платена судска такса. Во иницијативата се наведува дека неплатената или нецелосно платената судска такса при поднесување на тужбата не смее да биде причина за неповедување на судски спор и ограничување на граѓаните да ги остварат своите права. Подносителот смета дека оспорените одредби од Законот за парничната постапка и Законот за судските такси се спротивни на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, како и на член 51 од Уставот
2. Реферат У.бр.190/2024
Оспорени одредби: Член 2 став 3 во делот „до навршени 65 години живот“ и член 10 во делот „Одлуката за организација, состав и начинот на работата на Комисијата за оцена на работната способност“ од Правилникот за организацијата, составот и начинот на работата на Комисијата за оцена на работната способност донесен од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата Уставниот суд со Одлука У.бр.27/2020 и У.бр.289/2020 од 01.12.2022 година го укина делот „најдоцна до 65 годишна возраст“ содржан во член 44 став 2 од Законот за социјалната заштита и поради тоа оспорените одредби немаат смисла за постоењето во правниот поредок.
3. Реферат У.бр.123/2022
Оспорени одредби: Член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште.
Подносител на иницијативата: Друштво за градежништво, инженеринг, трговија и услуги „НАСТЕЛ” ДОО Скопје, застапувано од управител Зоран Азманов, преку полномошник Дуња Туртурова, адвокатка од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека оспорената Уредба не е во согласност со Уставот, односно со членовите 8 став 1 алинеја 3, член 50, член 51 и член 52. Се наведува дека оспорениот член од Уредбата дава повратно дејство и иако е понеповолна за странките се овозможува да се применува надоместокот утврден во Прегледот на веќе започнати постапки за приватизација кои се во постапка на решавање пред надлежен орган, а кои поради неажурност на органите сеуште не се решени.
4. Реферат У.бр.195/2024
Оспорени одредби:Нотарска тарифа за изменување и дополнување на Нотарската тарифа
Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорениот подзаконски акт е објавен во „Службен весник ” на 12 јуни 2024 година, а е донесен на 2 февруари 2024 година и наведува дека објавата е надвор од предвидениот рок во која законите и другите прописи треба да се објават по донесувањето. Во иницијативата е наведено дека Тарифата е во спротивност со член 52 став 2 од Уставот.
II- ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ
1. У.бр.19/2023
Оспорен акт: Правилник за начинот и постапката на утврдување на исплата на надоместок на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња, заведен под број 08-12159/20 од 28 октомври 2022 година, донесен од Советот на Општина Тетово и објавен во „Службен гласник на Општина Тетово” бр.14 од 31 октомври 2022 година.
2. У.бр.12/2024
Оспорен акт: Член 40 алинеја 4 од Деловникот на Советот на Град Скопје
3. У.бр.39/2024
Oспорен акт: Насловот во глава VIII точка 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 107, 108, 109 и 110 од Деловникот на Советот на Општина Теарце, бр.07-223/1 од 17.05.2005 година.
4. У.бр.48/2024
Оспорен акт: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Росоман
5. У.бр.63/2024
Oспорен акт: Член 40 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Велес
6. У.бр.148/2024
Оспорен акт: Член 26 став 2 во делот „во рок од 30 дена “ од Законот за управните спорови
Напомена: Ова соопштение содржи информации само за одлученото, Судот дополнително ќе ги објави целосните одлуки и решенија.