Издвоено мислење по предметот У.бр.90/2024

Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), по гласањето против Решението У.бр.90/2024 со кое Уставниот суд на седницата одржана на 18 септември 2024 година, одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработени во јавен сектор („Службен весник на Република Македонија” бр. 27/14, 199/14, 27/16, 35/18, 198/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 143/19 14/20 и 302/20), член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија” бр.27/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16, 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19, 14/20 215/21 и 99/22), и уставноста и законитоста на член 2 став 1 алинеја 8, во делот „припадност на заедницата/заедниците“, член 2 став 2 и 3, член 3 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“, од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор бр.12/1-42/4 од 27.02.2015 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 34/15), член 3 став 1 алинеја 8 од Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, начинот на неговото водење, начинот на пристап, користење, обработка на податоците, како и начинот на обезбедување одговорност за веродостојноста и безбедноста на податоците бр. 14/2-2766/3 од 29.08.2014 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 132/2014) и Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализација на годишниот план за вработување бр.0402-313/1 од 25.03.2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 63/2016), ние, судиите д-р Осман Кадриу, м-р Фатмир Скендер и Насер Ајдари писмено го образложуваме нашето несогласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со цела почит на ставот на мнозинството судии изнесени во Решението У.бр.90/2024 од 18.09.2024 година, накратко ги изнесуваме причините поради кои не се согласуваме со Решението за поведување постапка за оцена на уставноста и законитоста на горенаведените одредби. Но, во овој случај ќе се задржиме на дел од причините за неоснованоста на точката, во решението означена со римско V, сместена на последната страна од Решението.

По однос на другите причини поради кои не се согласуваме за поведување постапка за оцена на уставноста и законитоста на горе наведените одредби, истите ќе ги изнесеме во ново издвоено мислење, евентуално доколку Судот одлучи да ги укине оспорените одредби од наведените прописи.

Уставниот суд по нацртот на решението одлучуваше на седницата одржана на 25 септември 2024 година, при што истото беше усвоено со текст онака како што е внесен во неговата содржина.

Во точката под римско V на последната страна на Решението е наведено следното „Решението од точка 3 од диспозитивот на ова решение произведува првано дејство од денот на донесување, согласно со член 37 став 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија“.

Според нашето мислење оваа изрека претставува класичен пример за неуставност на наведеното решение од причина што истата е во спротивност со член 52 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во член 52 став 1 од Уставот е предвидено дека законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Како што е познато сите закони, подзаконски акти како и Одлуките на Уставниот суд, согласно со цитираната одредба од Уставот задолжително се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а примената односно правното дејство треба да настане по објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Во конкретниот случај, имаме едно апсурдно решение во кое е наведено дека Решението од точката 3 од диспозитивот на ова решение произведува правно дејство од денот на донесувањето, а не од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“. Ваквата определба на Судот дека донесеното решение произведува правно дејство од денот на донесувањето нема ниту теоретска можност да произведува правно дејство и да ги да даде очекуваните ефекти. Решението е донесено на 18.09.2024 година, а и до денот на издвоеното мислење (27.06.2024 година), не е објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Уставната норма дека законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“ најдоцна во рок од 7 дена од денот на нивното донесување, има за цел со нивната содржина да бидат запознаени како граѓаните така и државните органи и институции. Оттука произлегува и се поставува сосема логично прашање, како ќе можат граѓаните и државните органи и институции да се запознаат со содржината на оспореното решение – без истото да биде објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“?

Во член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд е предвидено дека Уставниот суд, по предлог на подносителот или по сопствена оцена, може по поведувањето на постапката, до донесување конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици. Според став 2 од истиот член, решението од ставот 1 на овој член, произведува правно дејство од денот на неговото донесување, а ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Ставот на мнозинството судии е дека одлуките на Судот немаат карактер на пропис во смисла на член 52 од Уставот на Република Северна Македонија.

Нашето мислење е во целосна спротивност со мислењето на мнозинството судии, но и под претпоставка да се прифати стојалиштето дека Решението на Судот не е пропис, што според нашето мислење не е точно, Решението задолжително се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“, бидејќи одлуките на Судот – почнуваат да произведуваат правно дејство по објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а никогаш не пред тоа.

Со ова решение, имајќи го во вид фактот дека истото произведува правно дејство од денот на донесувањето, а не по објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, се повредува уставното начело „Vacatio legis“, односно без да знаат граѓаните за неговото донесување и неговата содржина.

Ние, судиите кои поинаку мислиме, нам не ни е јасно како може една одлука да произведува правно дејство пред да биде објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Во конкретниот случај, не станува збор за поединечни управни или судски акти за кои постојат посебни законски правила кога и како стапуваат на сила и произведуваат правно дејство.

Во овој случај се работи за одлука која има Erga omnes дејство, а не inter partes. Следствено на наведеното, според предвидената обврска во член 37 од Актот на Судот, предметното решение треба да се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“

Поради погоре наведените причини, за кои сметаме дека се јасно елаборирани, следуваше писмено да го издвоиме мислењето по предметното Решение.

Судии на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
д-р Осман Кадриу
м-р Фатмир Скендер
Насер Ајдари

Конечно решение У.бр.90/2024