Правните советници од Уставниот суд беа дел од обука на која се обработуваат теми од областа на слободата на изразување и слободите на собирање и здружување, интерпретирани преку праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Во рамки на обуката беа разработени формите и основите на овие права и слободи на граѓаните преку конкретни примери од домашната пракса , анализа преку случаи на членот 10 (слобода на изразување) и членот 11(слобода на собирање и здружување) од Европската конвенција за човекови права.
На отворањето на работилницата свое обраќање имаше судијата м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева и Умер Ал-Катиб, шеф на оддел човечка димензија при Мисијата. Обуката е дел од активностите предвидени со Меморандумот за разбирање помеѓу Уставниот суд и Мисијата на ОБСЕ во Скопје кој беше склучен во февруари оваа година.
Целта на оваа обука е да се овозможи на правните советници подлабоко разбирање на овие две слободи, да ги покрие клучните принципи утврдени од Европскиот суд за човекови права и други механизми на темите на слобода на изразување и слобода на собирање и здружување, како и да ги подобри нивните вештини за правно пишување на одлуки во случаи на кршење на човековите права поднесени пред Уставниот суд.
Предавачи на обуката беа Мирјана Лазарова-Трајковска, судија на Врховниот суд и поранешен судија на ЕСЧП и Рената Дескоска, професорка на Правниот Факултет Јустинијан Први во Скопје и член на Венецијанската Комисија при Советот на Европа.
Советниците добија сертификати за успешно завршената обука.
Обуката се одржа во периодот од 19-21 септември, во Велес. Со оваа обука се исцрпени активностите кои беа опфатени во Меморандумот за разбирање, а согласно најавите од двете организации констатирана е желба за продолжување на соработката и понатаму.