Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.74/2024
Скопје, 12.09.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 39 алинеја 1 и член 73 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 12 септември 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Врапчиште („Службен гласник на Општина Врапчиште“ бр.15/2006).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Врапчиште („Службен гласник на Општина Врапчиште“ бр.15/2006).
Образложение
I
На работниот состанок одржан на 25 декември 2023 година, Уставниот суд одлучи, врз основа на одредбата од член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), по сопствена иницијатива да оформи предмет за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 на ова решение.
На седницата одржана на 9 мај 2024 година, Судот донесе Решение У.бр.74/2024 со кое поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Врапчиште („Службен гласник на Општина Врапчиште“ бр.15/2006) затоа што оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на наведената одредба со Законот за локалната самоуправа, а согласно тоа, основано може да се постави прашањето и за согласноста на истата со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
II
Во текот на постапката, градоначалникот на Општина Врапчиште, до Судот достави допис број 08-788/3 од 8 јули 2024 година, со кој известува дека Советот на Општина Врапчиште, на седницата одржана на 21 јуни 2024 година, донел Одлука за бришење на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Врапчиште, бр.09-983/1, објавена во „Службен гласник на Општина Врапчиште“ бр.04/2024 од 9 јули 2024 година.
Од увидот во наведената одлука, Судот утврди дека во членовите 1 и 2 од истата е определено дека се брише нормативата од член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Врапчиште („Службен гласник на Општина Врапчиште“ бр.15/2006) поради констатирана неуставност и незаконитост од страна на Уставниот суд на Република Северна Македонија. Оваа одлука стапила во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Врапчиште“, согласно уредувањето содржано во член 3 од истата.
Имајќи предвид дека во текот на постапката, Советот на Општина Врапчиште ја избришал одредбата содржана во член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Врапчиште, односно истата престанала да важи и не е повеќе во правниот поредок, Судот утврди дека се исполнети условите од член 39 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за запирање на постапката.
III
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски