Уставниот суд денеска поведе постапка за одредби од Законот за вработени во јавен сектор, Законот за административни службеници, Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас при вработување во јавен сектор, односно одредби од акти оспорени од страна на Државната комисија за спречување на корупција.
Судот ги оцени како основани наводите во иницијативата на Комисијата и ги прошири сомнежите за неуставност и незаконитост и на други одредби и по сопствена иницијатива поведе постапка за одредби од истите закони и подзаконски акти кои произлегуваат од истите.
Во оваа фаза Уставниот суд изразува сомнеж дека се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот кои се признати во меѓународното право и утврдени во нашиот Устав, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, кои се темелни вредности на кои почива нашиот уставно-правен поредок.
Судот изрази сомнеж дека со одредбите за кои поведе постапка се доведува во прашање уставно-загарантираниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот, утврден со членот 9, понатаму, уставната гаранција секому, под еднакви услови да му е достапно секое работно место, утврдено со членот 32, како и членот 54 според кој, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско, по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Во суштина на аргументите во расправата беше посочена Одлуката на Уставниот суд во предметот У.бр.92/2023 во која е одлучено дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо, лично право е на граѓанинот да одлучи дали ќе се изјасни, како ќе се изјасни за својата припадност, вклучително и правото да не се изјасни. Расправајќи за одредби од Законот за матична евиденција одлучи дека националноста е приватно и внатрешно чувство и никој не може да биде принуден тоа чувство да го манифестира во јавноста, а уште повеќе тоа чувство да биде предмет на задолжителна институционално администрирање во регистрите на државата.
Пред Судот денеска се постави прашањето дали со оспорените одредби за кандидатите за административни службеници, идентично како и во Регистарот на вработените во јавниот сектор, се наметнува законска обврска за изјаснување на припадноста кон одредена заедница?
Исто така основано се постави прашањето дали одредбите од Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас претставуваат ограничување на правото на кандидатите кои припаѓаат на различни заедници од онаа наведена во јавниот оглас, со што се доведува под сомнеж нивната усогласеност со принципот на еднаквост и со уставната гаранција секому под еднакви услови да му биде достапно секое работно место.
Судот донесе и т.н. времена мерка за оспорените одредби ,што значи додека не се донесе конечна одлука не може да се применуваат.
Одредби за кои денеска е поведена постапка:
– член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“,од Законот за вработени во јавен сектор („Службен весник на Република Македонија” бр. 27/14, 199/14, 27/16, 35/18, 198/18 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 143/19 14/20 и 302/20);
-член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“,од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија” бр.27/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16, 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19, 14/20 215/21 и 99/22)
– член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор бр.12/1-42/4 од 27.02.2015 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 34/15);
По сопствена иницијатива:
Се поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– член 2 став 2 и 3 од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор бр.12/1-42/4 од 27.02.2015 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 34/15);
– член 3 став 1 алинеја 8 од Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, начинот на неговото водење, начинот на пристап користење, обработка на податоците, како и начинот на обезбедување одговорност за веродостојноста и безбедноста на податоците бр. 14/2-2766/3 од 29.08.2014 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 132/2014);