Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судијката Татјана Васиќ-Бозаџиева денеска остварија работна средба со експерти-соработници на Федералниот Уставен суд на СР Германија.
Во фокус на средбата беа темите за надлежностите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, актуелностите поврзани со работењето на Судот, како и новите одредби од Актот со кои се интервенира во начинот на работењето и обраќањето до Уставниот суд . Претставниците од СР Германија покажаа интерес за начинот на којшто се избираат уставни судии, за водењето на постапките и процедурата на решавање на предметите.
Беа разменети искуства од богатата уставно-судска пракса на Судот во СР Германија за заштитата на човековите права и правни механизми како што е уставната тужба.
Претседателот Костадиновски ги информираше за приоритетите во неговиот мандат, со акцент на потребата од донесување на двотретински закон за Уставен суд со што ќе се овозмои поголема самостојност и независност на Судот, воведување на уставна тужба и поголема транспарентност. Костадиновски ја истакна досегашната успешна соработка со реализираните проекти преку германската амбасада во земјава и меѓународните организации предводени од германски експерти.
Делегацијата од СР Германија е во состав од 25 судии, обвинители,проценители, советници кои се ангажирани како надворешни соработници на Федералниот Уставен суд, меѓу нив и ценетиот експерт за владеење на правото, Рајнхард Прибе.






