Издвоено мислење по предметот У.бр.134/2008

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање “ЗА“ Одлуката У.бр.134/2008 од 17 декември 2008 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Во согласност со означената одредба од Деловникот на Уставниот суд, судијата може да го издвои своето мислење ако гласал против одлуката, но и ако гласал за одлуката, но смета дека таа, како во случајов, треба да се заснова врз поинакви основи.

Сметам дека Судот во овој предмет требаше да ги укине оспорените одредби од Правилниците, не само поради нивната несогласност со Уставот и законите означени во Одлуката, туку и поради нивната несогласност со одредби од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европските заедници и нивните земји членки, ратификувана со Закон (“Службен весник на РМ“ бр.28/2001 од 13 април 2001), како составен дел на внатрешниот правен поредок на Република Македонија. Вакво барање беше поставено и со иницијативата за поведување на постапката.

Иако за судиите на Уставниот суд не е спорно дека, согласно член 118 од Уставот на Република Македонија, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон, мнозинство од судиите сметаат дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за согласноста на подзаконските прописи со ратификуваните меѓународни договори, затоа што таква надлежност не е предвидена во членот 110 од Уставот. Ваквиот став опстојува подолго време во праксата на Судот и беше повторен и во овој предмет во решението за поведување на постапката. За разлика од тоа, јас сметам дека меѓународните договори ратификувани со закон претставуваат дел од внатрешниот правен поредок со статус на извор на правото со целосен ефект, што подразбира дека тие, од една страна, треба да бидат предмет на оцена од аспект на нивната согласност со Уставот и, од друга, да бидат критериум за оцена на законитоста на подзаконските прописи. Ова сфаќање за надлежноста на Уставниот суд, што сум го образложувал во повеќе наврати, се засновува врз статусот на ратификуваните меѓународни договори во хиерархијата на правните акти во уставниот поредок и уставното барање за негова хармонија преку почитување на принципите на уставност и законитост. Заштитата на овие принципи, пак, е суштинската функција на Уставниот суд според членот 108 од Уставот. Оттука, според моето мислење, ако ратификуваниот меѓународен договор станува дел од внатрешниот правен поредок во форма на закон и најмалку со таков ранг (иако со посилно правно дејство од другите закони) и пропишува правила на однесување на правните субјекти во определени области, тогаш подзаконските прописи со кои се регулираат односите во истите области мора да бидат во согласност со тој ратификуван меѓународен договор, како што секој подзаконски пропис мора да биде во согласност со закон. Надлежноста на Уставниот суд за оцена на таа согласност, според тоа, принципиелно и контекстуално може да се пронајде во член 110 од Уставот, иако не е изречно специфицирана.

Според тоа, на Одлуката на Судот и недостига образложение за несогласноста на укинатите одредби од правилниците и со Спогодбата за асоцијација и стабилизација, кога се работи за односите помеѓу РМ и ЕЗ.

Во членот 1 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, меѓу другото, се наведува дека цел на оваа асоцијација е промовирање на урамнотежени економски односи и постапно развивање на слободна трговска зона помеѓу Заедницата и Република Македонија. Според член 18 став 4 од Спогодбата, квантитативните ограничувања на увозот и мерките кои имаат исто влијание врз увозот во Република Македонија за производите што потекнуваат од Заедни­цата ќе бидат укинати со денот на стапувањето во сила на оваа Спогодба. Спогодбата влезе во сила на 1 април 2004.

Анализата на укинатите одредби од правилниците покажува дека тие не се во согласност и со членот 18 став 4 од Спогодбата за асоцијација и стабилизација, затоа што, поради нивната квалификација што ја направи Судот во својата одлука, пропишуваат мерки што имаат еквивалентен ефект, односно имаат исто влијание како и квантитативните ограничувања на увозот од ЕЗ. Имено, јасно е дека ако тие мерки го дестимулираат прометот на странски производи, а го фаворизираат прометот на домашните, како што оцени Судот, тогаш тие влијаат на намалување на нивниот увоз, односно се појавуваат како мерки со ефект на квантитативно ограничување на увозот. Третирањето на мерките за поттикнување на населението да купува домашни производи, како мерки со еквивалентен ефект на квантитативно ограничување на прометот, и како такви спротивни на членот 28 од Договорот за Европската заедница (консолидирана верзија), се наоѓа и во пресудите на Европскиот суд на правдата во Луксембург. Особено податлив за компарација е случајот “да купуваме Ирско“ (249/81) во кој Европскиот суд на правдата, по тужба на Комисијата против Република Ирска, ја оцени таа кампања на Ирска како спротивна на забраната за воведување кавантитативни ограничувања на прометот во Заедницата или мерки со еквивалентен ефект од член 28 од Договорот, дури и кога се водела преку приватноправни тела.

Врз основа на изнесеното, иако и без тоа оспорените одредби се укинати, сметам дека е пропуштена уште една прилика Уставниот суд да ја третира Спогодбата за стабилизација и асоцијација како ефективен извор на домашното право и критериум на сопствените одлуки за законитоста на подзаконските прописи, а со тоа и приликата да ја засили својата улогата на еден од клучните фактори во “европеизацијата“ на правниот поредок на Република Македонија.

Игор Спировски
Судија на Уставниот суд на
Република Македонија

Одлука У.бр.134/2008