Издвоено мислење по предметот У.бр.88/2018, У.бр.90/2018 и У.бр.91/2018

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.88/2018, У.бр.90/2018, У.бр.91/2018, донесено на 19.09.2018 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум бр.08-4666/1, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година и објавена во („Службен весник на Република Македонија“ бр.140/2018), го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Не се согласувам со ставот на мнозинството судии на Уставниот суд на Република Македонија кои одлучија да не се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум донесена од Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.140/2018).

Првенствено, сметам дека Уставниот суд требаше да оцени дали формулираното референдумско прашање во оспорената одлука во вистинска смисла на зборот им овозможува на граѓаните на Република Македонија да ја остварат власта на Референдумот закажан за 30 септември 2018 година, согласно членот 2 од Уставот, според кој во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување и членот 15 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

Спротивно на ставот на Судот, сметам дека наведената Одлука за распишување на референдум не е во согласност со членот 2, член 8 став 1 алинеја 3, членовите 51, 118, 119 и 120 од Уставот на Република Македонија, како и дека не е во согласност со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005) (членовите 2, 9, 15, 23, 29, 31, 32, 33, 34, 35, членовите 45 до 61 и членовите 63 и 64).

Референдумското прашање пропишано во членот 1 од Одлуката гласи:
Се распишува референдум за консултирање на граѓаните на целата територија на Република Македонија.
На референдумот граѓаните ќе се изјаснат за прашањето:
„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“
„ЗА“             „ПРОТИВ“

Имено, убеден сум дека цитираното референдумско прашање е двосмислено, непрецизно, наведувачко и збунувачко. Ова поради тоа што граѓанинот кој е за членство на Република Македонија во ЕУ или НАТО, а е против Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција, не би можел да го оствари уставното право од членот 2 од Уставот на Република Македонија поради вака формулираното прашање кое содржи три прашања кои по својот карактер и содржина се целосно различни. Оттука, сметам дека членот 1 од оспорената одлука не е во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на Уставниот поредок на Република Македонија кое што подразбира законите и другите прописи да содржат јасни, прецизни и недвосмислени правни норми.

Исто така, сметам дека членот 1 од оспорената одлука не е во согласност ниту со член 15 ставови 3 и 4 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

Од анализата на ставовите 3 и 4 на наведениот закон, кои се многу јасни и прецизни, произлегува дека доколку се гласа за повеќе прашања, за секое прашање се гласа на посебно гласачко ливче, односно дека прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдумот да може да одговори со: „ЗА“ или „ПРОТИВ“.

Во конкретниот случај тоа не е така бидејки во членот 1 од оспорената одлука на Собранието во референдумското прашање се споени три прашања во едно. Оттука, сметам дека одредбата на членот 1 од оспорената одлука не само што е противзаконита, туку таа е спротивна на членот 51 од Уставот според кој „Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“.

Прашањето за кое треба да се произнесат гласачите не го задоволува т.н. „троен тест на единство“ предвиден во Венецијанскиот кодекс за добри референдумски практики. Според овој тест, за исходот од прашањето да биде правно валиден, тоа мора да има: 1. Единство во формата; 2. Единство во содржината и 3. Единство во хиерархијата.

Исто така референдумското прашање во делот „со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“, сметам дека не е во согласност со владеењто на правото (член 8 став 1 алинеја 3) и начелото на Уставност и законитост (член 51) од Уставот бидејки е непрецизен, нецелосен недостасува датумот на склучување, односно не е наведен точниот назив на конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 и 845 од 1993 година на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.

Според член 118 од Уставот „меѓународните договори што се ратификуваат во согласност со Уставот се дел од внатрешниот поредок и не можат да се менуваат со закон“. Сметам дека во конкретниот случај во оспорената Одлука за распишување на референдум, која според хиерархијата на прописи е од понизок ранг во однос на меѓународните договори, не би можело да се скратува и менува точниот назив на горенаведената Конечна спогодба , поради тоа истата не е во согласност и со член 118 од Уставот.

Според ставот 1 на членот 1 од оспорената одлука: „Референдум се распишува за консултирање на граѓаните на целата територија на Република Македонија“.

Во ставот 2 на членот 1 првото прашање (од трите споени прашања) на кое граѓаните ке се изјаснат гласи: „Дали сте за членство во ЕУ“.

Сметам дека членот 1 од Одлуката не е во согласност со член 120 ставови 2 и 3 од Уставот според кои Одлуката за стапување во сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно одлуката за стапување во сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.

Исто така, сметам дека член 1 ставови 1 и 2 во делот: „Дали сте за членство во ЕУ“ не е во согласност со член 29 ставови 1 и 2 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, според кој Одлуката за стапување во сојуз или заедница со други држави се усвоени на референдум ако на референдумот за нив гласало мнозинството од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, како и дека Одлуката усвоена на референдум е задолжителна.

Тоа значи дека овој дел од референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ“ во никој случај не може да има консултативен карактер, туку Одлуката е задолжителна за сите и за Собранието на Република Македонија.

Поради тоа не можам да се согласам со оценката на мнозинството судии изложена во Решението на Судот, дека од формулацијата на референдумското прашање станувало збор за содржината на едно прашање со меѓусебно поврзана нужна целина. Напротив, повеќе од очигледно е дека граѓаните треба да гласаат за три различни прашања на едно гласачко ливче, а тоа значи дека референдумското прашање содржано во оспорената одлука не е во согласност со уставните и законските одредби што го регулираат ова прашање.

Исто така не можам да се согласам со оценката на мнозинстото судии дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Уставот и Законот за референдум, а притоа во Решението по однос на материјално – правните недостатоци е наведено дека точна е констатацијата на подносителите на иницијативите дека не постои консултативен референдум за сојузување, но, во овој случај, консултирањето на граѓаните не значело одлучување за членство во ЕУ и НАТО во апсолутна смисла на зборот.

Со оглед на фактот дека составен дел на референдумското прашање е „Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“, основано може да се постави прашањето дали може да биде предмет на референдумско прашање договор кој е склучен спротивно на членовите 119 и 120 од Уставот и членот 22 од Законот за склучување и ратификација и извршување на меѓународни договори.

Имено, согласно член 119 став 1 од Уставот: „Меѓународни договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија“.

Во конкретниот случај, министерот за надворешни работи не е овластен односно не е надлежен да склучува ваков вид на договор.

Исто така, сметам дека членот 4 од оспорената одлука не е во согласност со членовите 31, 32, 33, 34 и 35 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Ова, поради тоа што во членот 4 од Одлуката е пропишано дека референдумот ќе го спроведе Државната изборна комисија, меѓутоа според наведените одредби од Законот DE FACTO и DE JURE органи за спроведување на референдумот на државно ниво покрај ДИК се: општинските изборни комисии и избирачки одбори во рамките на надлежностите утврдени во Законот.

Тргнувајќи од наведените правни аргументи сметам дека Уставниот суд требаше да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука за распишување на референдум, а потоа да ја поништи оваа одлука.

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Јован Јосифовски

Решение У.бр.88/2018, У.бр.90/2018 и У.бр.91/2018