Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.83/2024
Скопје, 10.07.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 47 алинеја 1, член 71 алинеја 2 и член 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10.07.2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Пехчево бр.01-354/1 од 15.03.2024 („Службен гласник на Општина Пехчево” број 3/2024).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Пехчево бр.01-354/1 од 15.03.2024 („Службен гласник на Општина Пехчево” број 3/2024).
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, на работниот состанок одржан на ден 25 декември 2023 година, одлучи врз основа на одредбата од член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива да оформи предмет во кој ќе се води постапка за оценување на согласноста на оспорениот акт, со одредбите на Уставот.
На седницата одржана на 9 април 2024 година, Судот донесе решение да поведе постапка за оценување на уставноста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Пехчево, бр.01-354/1 од 15.03.2024 („Службен гласник на Општина Пехчево” бр. 3/2024) бидејќи оцени дека оспорениот член е незаконит, а со тоа и спротивен на темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот.
II
Во текот на постапката, доносителот на оспорениот акт, до Уставниот суд достави допис број 03-354/3 од 23 мај 2024 година, со кој го известува Судот дека Советот на Општина Пехчево на седницата одржана на 22 мај 2024 година, донел Одлука за измена на Деловникот за работа на Советот на Општина Пехчево, бр.08-354/2 од 22.05.2024 година, објавена во „Службен гласник на Општина Пехчево“ број 5/24 од 22.05.2024 година.
Од увидот во одлуката за измена на Деловникот за работа на Советот на Општина Пехчево („Службен гласник на Општина Гостивар“ број 5/24 од 22.05.2024 година), Судот утврди дека во член 1 од истата е наведено дека Советот на Општина Пехчево го брише член 15 алинеја 3 од Деловникот за работа на Советот на Општина Пехчево бр.01-354/1 од 15.03.2024 („Службен гласник на Општина Пехчево” број 3/2024). Оваа одлука стапила на сила со денот на објавување во „Службен гласник на Општина Пехчево“, согласно со член 2 од истата.
Имајќи предвид дека во текот на постапката, Советот на Општина Пехчево го избришал оспорениот член 15 алинеја 3 од Деловникот со што истиот престанал да важи и не е повеќе во правниот поредок, Судот утврди дека се настапени условите од член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за запирање на постапката.
III
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
IV
Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски