У.бр.177/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.177/2023
Скопје, 10.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 4 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3, член 63 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10.07.2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА предлогот за решавање судир на надлежност меѓу Основниот суд Охрид и Министерството за правда, за одобрување трансфер во соодветна казнено-поправна установа во Република Бугарија.

Образложение
I

Од Основниот суд Охрид, до Уставниот суд беше поднесен предлог за решавање на судирот на надлежности настанат меѓу Основниот суд Охрид и Министерството за правда, за постапување по барањето за трансфер.

Според наводите на подносителот на предлогот за решавање надлежност, Министерството за правда – Сектор за меѓународна правна помош, до Основниот суд Охрид доставил Допис бр.22-1859/22 од 26.07.2022 година со кој приложил писмено барање од осудениот Бојан Петрески, лице со двојно државјанство – македонско и бугарско, за трансфер во соодветна казнено-поправна установа во Република Бугарија за доиздржување казна затвор, со молба до Судот да го извести Министерството за исходот од постапката.

Постапувајќи по Дописот бр.22-1859/22 од 26.07.2022 година, Основниот суд Охрид согласно со член 93 и член 97 став 3 од Законот за меѓународна соработка во кривична материја, прибавил изјава од осудениот Бојан Петрески од Охрид со која истиот дава согласност за трансфер во соодветна казнено-поправна установа во Република Бугарија за доиздржување на казната затвор, а исто така, Судот обезбедил примерок од правосилната пресуда на истиот суд со која осудениот Бојан Петрески е осуден на казна затвор, сè како што е предвидено во член 93 став 1 од Законот за меѓународна соработка во кривична материја, по што сите списи ги пратил во Министерството на натамошно постапување согласно со надлежностите на Министерството предвидени во Законот за меѓународна соработка за кривична материја („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/2021).

Секторот за меѓународна правна помош при Министерството за правда, наместо да ја продолжи постапката по барањето за трансфер од осудениот Бојан Петрески, со Дописот бр.22-1859/22 од 16.12.2022 година ги вратил списите со укажување Судот да постапи согласно со член 97 од Законот за меѓународна соработка за кривична материја и со барање до Судот да го извести Министерството за исходот од постапката.

Понатаму, подносителот на предлогот наведува дека Основниот суд Охрид ценел дека со извршените преземања ги исцрпел сите задолженија кои се предвидени во предметниот закон во постапката по барање за трансфер на осудено лице во државата чиј државјанин е истиот, се обратил со барање до Министерството за правда да укаже на одговорните лица во Секторот за меѓународна правна помош, да постапуваат согласно со законските обврски и да донесат соодветна одлука по однос на барањето од осудениот Бојан Петрески за трансфер во казнено-поправна установа во Република Бугарија.

Со Допис од министерот за правда, бр.22-2893/23 од 17.03.2023 година, Основниот суд Охрид бил известен дека е надлежен да цени со решение за тоа дали осудениот има или нема право да поднесе барање за трансфер во Република Бугарија како и дека е належен со решение да одлучи дали осудениот можел или не можел да се трансферира во Република Бугарија.

Имајќи го предвид гореизнесеното,подносителот на предлогот наведува дека неспорно се работи за судир на надлежност помеѓу Основниот суд Охрид, како носител на законодавната власт и Министерството за правда на Република Северна Македонија, како носител на извршната власт, поради што предлага Уставниот суд да донесе одлука по однос на надлежност за постапување по барањето за трансфер, согласно со член 110 алинеја 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

II

Судот во текот на претходната постапка утврди дека на 01.07.2022 година Бојан Петрески од Охрид со Пресудата К-123/16 од 28.02.2017 година на Основен суд Охрид, со Пресудата Кж-281/17 од 25.05.2017 година на Апелационен суд Битола, осуден на казна доживотен затвор, сега на издржување на казна затвор во КПУ- Идризово, преку Управата на КПУ-Идризово поднел молба бр.09-7265/1 од 01.07.2022 година до Секторот за меѓународна правна помош при Министерството за правда на Република Северна Македонија, со кое се бара да му се одобри трансфер во соодветна казнено-поправна установа во Република Бугарија за доиздржување на казната затвор.

Министерството за правда – Сектор за меѓународна правна помош, до Основниот суд Охрид доставил допис бр.22-1859/22 од 26.07.2022 година со кој приложил писмено барање од осудениот Бојан Петрески, лице со двојно државјанство – македонско и бугарско, за трансфер во соодветна казнено-поправна установа во Република Бугарија за доиздржување на казната затвор, со молба до Судот да го извести Министерството за исходот од постапката.

Постапувајќи по Дописот бр.22-1859/22 од 26.07.2022 година, Основниот суд Охрид, согласно со член 93 и член 97 став 3 од Законот за меѓународна соработка во кривична материја, прибавил изјава од осудениот Бојан Петрески од Охрид со која истиот дава согласност за трансфер во соодветна казнено-поправна установа во Република Бугарија за доиздржување на казната затвор, а исто така, Судот обезбедил примерок од правосилната пресуда на истиот суд со која осудениот Бојан Петрески е осуден на казна затвор, сè како што е предвидено во член 93 став 1 од Законот за меѓународна соработка во кривична материја, по што сите списи ги пратил во Министерството на натамошно постапување согласно надлежностите на Министерството предвидени во Законот за меѓународна соработка за кривична материја („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/2021).

Секторот за меѓународна правна помош при Министерството за правда, со Дописот бр.22-1859/22 од 16.12.2022 година ги вратил списите со укажување Основниот суд да постапи согласно со член 97 од Законот за меѓународна соработка за кривична материја и со барање до Судот да го извести Министерството за исходот од постапката.

Основниот суд Охрид ценел дека со извршените преземања ги исцрпел сите задолженија кои се предвидени во предметниот закон во постапката по барање за трансфер на осудено лице во државата чиј државјанин е истиот, се обратил со барање до Министерството за правда да укаже на одговорните лица во Секторот за меѓународна правна помош, да постапуваат согласно законските обврски и да донесат соодветна одлука по однос на барањето од осудениот Бојан Петрески за трансфер во казнено-поправна установа во Република Бугарија.

Со Дописот од Министерот за правда бр.22-2893/23 од 17.03.2023 година, Основниот суд Охрид бил известен дека е надлежен да цени со решение за тоа дали осудениот има или нема право да поднесе барање за трансфер во Република Бугарија како и дека Судот е надлежен со решение да одлучи дали осудениот можел или не можел да се трансферира во Република Бугарија.

Постапувајќи по Дописот од министерот за правда бр.22-2893/23 од 17.03.2023 година, Основниот суд Охрид на 24.01.2024 година со Решението Куикп-3/18 се огласил за стварно ненадлежен за одлучување по барањето од осудениот Бојан Петрески за трансфер од КПУ Идризово-Скопје, каде што издржува казна затвор, во соодветна казнено-поправна установа во Република Бугарија за доиздржување на казната затвор.

Во правната поука било предвидено дека Министерството за правда на Република Северна Македонија има право на жалба во рок од 8 дена од денот на приемот преку овој суд до Апелациониот Суд Битола. Решението станало правосилно на ден 12.03.2024 година.

Од страна на Секторот за меѓународна правна помош при Министерството за правда на Република Северна Македонија со писмо бр.22-422/2024 од 09.05.2024 бевме известени дека од страна на Министерството за правда не е донесено решение за прифаќање или одбивање надлежност.

III

Според член 110 алинеја 4 од Уставот, Уставниот суд решава за судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт.

Согласно со член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување.

Со член 62 од Деловникот на Уставниот суд се предвидува дека предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судир. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.

Според член 63 став 2 од Деловникот, субјектите од член 62 на овој деловник, кои поради прифаќање или одбивање надлежност не можат да остварат свое право, предлогот за решавање на судир на надлежност може да го поднесат откако и двата органи ќе ја прифатат или одбијат надлежноста со конечен или правосилен акт.

Во член 64 од Деловникот е предвидено дека предлогот за решавање судир на надлежност содржи предмет на спорот поради кој и настанал судирот, органите меѓу кои настанал судир и означување на конечните односно правосилни акти со кои органите ја прифаќаат или одбиваат надлежноста да одлучуваат по ист предмет.

Според член 65, пак, од Деловникот со одлука со која решава за судирот на надлежност, Уставниот суд го определува надлежниот орган за одлучување по предметот.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби произлегува дека за да постои судир на надлежност потребно е да постојат два правосилни или конечни акти со кои два органи се прогласуваат за надлежни или ненадлежни.

Во конкретниот случај, по Дописот од министерот за правда бр.22-2893/23 од 17.03.2023 година, Основниот суд Охрид на 24.01.2024 година со Решението Куикп-3/18 се огласил за стварно ненадлежен за одлучување по барањето од осудениот Бојан Петрески за трансфер од КПУ Идризово-Скопје, каде што издржува казна затвор, во соодветна казнено-поправна установа во Република Бугарија за доиздржување на казната затвор, а од друга страна, Секторот за меѓународна правна помош при Министерството за правда на Република Северна Македонија со писмо бр.22-422/2024 од 09.05.2024 нè извести дека од страна на Министерството за правда не е донесено решение за прифаќање или одбивање надлежност.

Со оглед на фактот дека постојат процесни пречки за да може Судот да се впушти во разрешување на прашањето кој орган има надлежност да постапува по горенаведеното барање, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на предлогот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски