У.бр.174/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.174/2024
Скопје, 10.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10 јули 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на делот „министерот“ од првиот ред на ставот 2 од член 143 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 и 236/2022).

Образложение
I

Игорче Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на делот „министерот“ од делот „министерот по претходна постапка“ од член 143 став 2 од Законот, означен во диспозитивот на ова решение. Според Судот, означувањето на оспорениот дел на начин како во диспозитивот на ова решение е посоодветно.

Иницијативата започнува со цитирање на член 143 став 2 од Законот за енергетика во кој е предвидено дека техничките прописи од ставот 1 на овој член ги донесува министерот по претходна согласност на министерот надлежен за работите од областа на транспортот, министерот надлежен за работите од областа на заштита на животната средина и министерот надлежен за работите од областа на внатрешните работи.

Според подносителот, оспорениот дел на ставот 2 од член 143 од Законот е недоволно прецизен и јасен, што не е во согласност со владеењето на правото пропишано во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што од целината на одредбата не е јасно определено кој министер ги донесува техничките прописи по претходна согласност со останатите министри наведени во одредбата.

Поради наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од законската одредба, а потоа истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека во член 143 став 2 од Законот е предвидено дека техничките прописи од ставот 1 на овој член ги донесува министерот по претходна согласност на министерот надлежен за работите од областа на транспортот, министерот надлежен за работите од областа на заштита на животната средина и министерот надлежен за работите од областа на внатрешните работи.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија која подразбира во правниот поредок да егзистираат јасни, прецизни норми кои не оставаат простор за различно толкување и примена.

Судот пристапи кон поширока анализа на одредбите од Законот за енергетика со цел да утврди дали постои основаност на наводите од иницијативата за повреда на уставноста.

Така, согласно со член 4 точки 16 – 20 како енергетски дејности, меѓу другите се наведени: преработка на сурова нафта и производство на нафтени деривати; производство на горива наменети за транспорт со намешување на нафтени деривати и биогорива; транспорт на сурова нафта преку нафтовод; транспорт на нафтени деривати преку продуктовод и трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт.

Во член 9 став 2 од Законот е определено дека Министерството надлежно за работите од областа на енергетиката во натамошниот текст на законот се означува како: Министерство.

Главата VIII. Пазар на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт, меѓу другото, го опфаќа и член 143 во кој е содржан оспорениот дел.

Според ставот 1 од оваа одредба, вршителите на енергетска дејност: преработка на сурова нафта и производство на нафтени деривати; производство на горива наменети за транспорт со намешување на нафтени деривати и биогорива; транспорт на сурова нафта преку нафтовод; транспорт на нафтени деривати преку продуктовод и трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, се должни објектите, уредите и постројките за вршење на енергетските дејности да ги користат и одржуваат во согласност со техничките прописи и стандарди и другите прописи за сигурно и безбедно работење и заштита на животната средина.

Според ставот 2 од член 143 од Законот, техничките прописи од ставот 1 на овој член ги донесува министерот по претходна согласност на министерот надлежен за работите од областа на транспортот, министерот надлежен за работите од областа на заштита на животната средина и министерот надлежен за работите од областа на внатрешните работи.

Во член 195 став 3 од Законот е определено дека министерот донесува технички прописи за проектирање, изградба, ставање во употреба, функционирање и одржување на енергетските објекти, уреди и инсталации.

Член 236 став 2 од Законот содржи таксативно набројување на подзаконски акти кои ги носи министерот за економија и тоа:

1) правилник за енергетски биланси и енергетска статистика од членот 13 од овој закон, во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон;
2) правилник за нивото и начинот на пресметка на оперативните резерви од членот 146 став (4) од овој закон, во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон;
3) правилник за условите на објектите за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива, или горива за транспорт од членот 148 став (2), во рок од 90 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон;
4) правилник за методологијата за пресметка на учеството на енергија произведена од обновливи извори на енергија во бруто финалната потрошувачка на енергија од членот 173 став (4), во рок од 90 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон;
5) правилник за технички спецификации од членот 179 став (2) од овој закон, во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон;
6) правилник за лиценцирање на инсталатери од членот 181 став (4), во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон;
7) правилникот за обновливи извори на енергија од членот 185 од овој закон, во рок од 90 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон;
8) правилник за спроведување на испит за ракувачи со енергетски уреди и постројки од членот 199 став (2), во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и
9) правилник за контрола на квалитет на електрична енергија.

Исто така, врз основа на увидот во регистарот на прописи на „Службен весник на Република Северна Македонија“ се утврди дека министерот за економија согласно со член 143 став 2 од Законот донел Правилник за користење и одржување на нафтовод и продуктовод, објавен во службеното гласило број 99/2024 година. Овој правилник, во друга постапка пред овој суд, (У.бр.175/2024) исто така е оспорен од истиот подносител на иницијативата, при што во таа иницијатива јасно се означува дека е донесен од министерот за економија.

Врз основа на анализата на вака цитираните одредби произлегува дека во член 143 став 2 од Законот, само министерот за економија не е поименично означен, покрај означените министри за транспорт, за заштита на животната средина и за внатрешни работи, како министри кои имаат свои законски надлежности во областа на енергетиката воопшто. Но, од целината на анализата на Законот, повеќе од јасно е дека министерот за економија е тој кој е законски овластен да носи технички прописи поврзани со пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и тоа по претходна согласност со надлежниот од наведените министри. Како и да е, станува збор за регулатива чие спроведување секако спаѓа во доменот на извршната власт која е предлагач на конкретниот закон што не остава простор за најаснотии чија е надлежноста за носење на конкретните технички прописи.

Оттаму, според Судот, оспорениот дел анализиран во симбиоза со целината на законските одредби е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот бидејќи претставува доволно прецизна и јасна норма која не остава простор за различно толкување при нејзината примена од страна на извршната власт.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски