Дневен ред за 24. седница закажана за 18 септември 2024 година

На 18 септември 2024 година (среда) во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 24. Седница со дневен ред за кој се предвидени пет иницијативи за оценување на уставност и законитост, шест предлози за одлучување со нацрт одлуки(предмети за кои веќе е исцрпена дискусијата) и  нацрт-решенија за осум предмети. 

1. Реферат У.бр.90/2024

Оспорени: Член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 елинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор, во делот „припадност на заедница“ 

Подносител: Државна комисија за спречување на корупцијата

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот. Со оспорениот дел „припадност на заедница“ подносителот смета дека се наметнува обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност. Припадноста е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо. Припадноста на заедница не е ниту општ ниту посебен услов за вработување на административни службеници пропишан со Законот за вработените во јавниот сектор, ниту со Законот за административни службеници, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се нарушува начелото на стручност и компетентност утврдено во Законот за вработените во јавниот сектор. Според подносителот, со оспорената одредба од Правилникот директно се прекршуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот на начин што правото на пријавување на јавниот оглас е ограничено на кандидатите за админстративен службеник кои припаѓаат на различна заедница од онаа наведена во јавниот оглас за конкретното работно место со што се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување. Со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно  место.

Реферат У.бр.128/2024

Оспорен: Делот „го назначува“ од член 31 став 1 од Законот за вработените во Министертвото за одбрана

Подносител: Игорчо Точев од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот со оспорената законска одредба доаѓа до судир на надлежностите/овластувањата коишто Владата ги има при именување на државен секретар во Министерството и надлежностите коишто ги има министерот според Законот за организација и работа на органите на управата кое што доведува до забуна во примената на самата одредба што не е во согласност со владеењето на правото од член 8 алинеја 3 од Уставот.

  1. Реферат У.бр.107/2021

Оспорен: Член 3 став 3 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021).

Подносител на иницијативата: Лила Лазевска од Скопје, преку полномошник Адвокат Благоја Пaндовски од Скопје

Содржина на оспорените одредби:

 Член 3

(3) Стапките на данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство се зголемуваат три пати во однос на стапките пропишани во ставот (1) на овој член.

(4) Стапките на данокот на имот за другиот недвижен имот опишан во членот 2 став (1) точка 1 од овој закон кој е во сопственост на државата или на општините, општините во градот Скопје и на градот Скопје како и во сопственост на физички и правни лица, а кој не се користи од сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година, се зголемуваат за три пати во однос на стапките пропишани во ставот (1) на овој член.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека воопшто не е јасно зошто се воспоставува даночна обврска за правното лице во ситуации кога имотот на правното лице претставува стечајна маса, предмет на стечајна постапка и истиот не може да се користи.

  1. Реферат У.бр.97/2023

Оспорен: Параграф 7 од Правилото за односите во вршењето на службата во Армијата на РСМ бр.02-294/1 од 16.07.2012г.

Подносител на иницијативата:  Здружение за развој Млади за јавен интерес

Содржина на одредбата: 

Воениот персонал на служба на АРМ мора секогаш да биде уредно облечен, избричен и потстрижен. Се потстрижуваат средно-зулфите до половина на увото, а косата да не паѓа на ушите и јаката на облеката, односно да не се витка преку работа на капата, шапката или баретката. Не смее да носи брада, а ако носи мустаќи, треба да бидат долги 0,8 см од горната уста и не смеат да преминуваат преку неа. Косата не смее да биде подолга од 5 см. 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите наведуваат дека праањето за носење брада е правно допуштено со уставот и Европската конвенција а ваквата одредба претставува мешање во правото на приватен живот. Се наведува дека е апсурдно што не се забранува носење на бркови, а притоа постои апсолутна забрана за носење на брада. 

5. Реферат У.бр.52/2024

Oспорен: Насловот на поглавјето 9.„Автентично толкување на општи акти” и членовите 116, 117, 118, и 119 од Деловникот на Општина Зелениково број 08-021 од 5 мај 1997 година и објаввен во (Службен гласник на Општина Зелениково” бр.1/1997).

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд

II-ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ

1. У.бр.45/2022

Подносител:Игорчо Точев од Кочани

Oспорен:

-Делот „германски марки (ДЕМ)” од член 9 став 3 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

-Делот „ДЕМ” од членовите: 22, 26 2, 86-б став 1 и 111 став 1 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

-Делот „Закон за инвестициони фондови” од член  85-б став 2 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

Дел од наводи во иницијативата:

Подносителот наведува дека со цитираните одредби изразувањето на една вредност од денари во германски марки (ДЕМ), сметано од 01.01.2002 година станува беспредметно и можат да доведат до забуна во примена на одредбите, што не е во согласност со владеењето на правото од членот 8 алинеија 3 од Уставот.

2. У.бр.75/2022

Подносител: Димитрија Атанасовски

Oспорени: Членовите 6, 9, 16 и 22 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” бр.61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/11, 53/11, 84/12, 188/13, 154/15, 23/160 и 151/21)

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со начинот на кој се определени стапките на пресметување на данок во членот 6 во износи од 0,10% до 0,20%, граѓаните се нееднакви пред Уставот, односно за ист имот или за иста вредност едни граѓани од едно населено место ќе плаќаат данок по стапка од 0,10% а други по стапка од 0,20%. Во некои случаи имотите се оддалечени од една до друга општина и се на само стотина метри, наведува подносителот. Меѓудругото во иницијативата е наведено дека според членот 16 од Законот за данок на имот се предвидува стапките на наследство и подарок да се определуваат за прв наследен ред од 2% до 3% и за трет наследен ред по стапка од 4% до 5%. Подносителот смета дека сите оспорени одредби се во спротивност со членот 8 став 1 и членот 9 став 2 од Уставот, кој ги опфаќа темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија и еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

3. У.бр.47/2024

Оспорен: Член 26 алинеја 5 и Глава VIII точка 9 „Автентично толкување на општ акт“ членовите 107, 108, 109 и 110 од Деловникот на Советот на Општина Дебар бр.07-312/3 од 8.08.2005 година („Службен гласник на општина Дебар” бр. 4 од 11.08.2005)

Подносител: Уставен суд на Република Северна Македонија

4. У.бр.50/2024

Оспорен: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Oпштина Карпош бр.07-1299/2 од 13.03.2006 година („Службен гласник на Oпштина Карпош“ бр.3/2006)

Подносител: Уставен суд на Република Северна Македонија

5. У.бр.64/2024

Оспорен: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Центар Жупа бр. 07-315/4 од 28.06.2007 година („Службен гласник на Општина Центар Жупа” бр. 03/2007)

Подносител: Уставен суд на Република Северна Македонија

6. У.бр.75/2024

Оспорен: Член 40 алинеја 4 од Деловникот на Совет на Општина Липково

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд