Судијката на Уставниот суд проф.д-р Ана Павловска Данева во интервју за порталот Фактор.мк зборуваше за повеќе теми поврзани со актуелни прашања во јавноста и одлуки и ставови на Уставниот суд.
За најавите за распуштање на правосудни тела Данева посочи дека треба да се бара индивидуална одговорност, но не и колективно распуштање.
„Што значи „длабок рез“ во судството? Носење нови закони, ветинг, реорганизација на судовите? Не мора! Доволно е да се почне со тоа што надлежните органи (Антикорупциска комисија, Управа за јавни приходи, Финансиска полиција, Управа за перење пари) ќе спроведат организирана акција за проверка на потеклото на имотот на судиите, почнувајќи од оние во највисоките судови, па се до новоизбраните во основните судови. Понатаму, да се стават на увид резултатите од редовното и вонредното оценување на судиите кое според најновите правила си го спроведуваат самите судии, повисоките судии ги оценуваат пониските. Да се повика Судскиот совет да ја извести јавноста што е преземено во однос на најслабо оценетите судии. И обратно, да се запознае јавноста со судиите кои добиле највисоки оцени за својата работа според квантитативните и квалитативните критериуми по кои биле оценувани”, посочи судијата Данева.
За темата поврзана со рекацијата на Здружението на судиите во врска со предметот за платите на судиите и на членовите на Судскиот совет, проф. д-р Данева изјави:
„Здружението на судии со неверојатна леснотија изнесе политички (наместо правни) квалификации за работата на Уставниот суд кој наводно со одлуката да не ги укине одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите сакал да и се додвори на власта. Ваквата изјава најверојатно звучи фино, па дури и „моќно“ за секој судија кој посакува поголема плата за својот труд. Но, она што недостасува се правните аргументи на кои таа би требало да се базира. Одлуката на Уставниот суд се повикува на бројни одлуки на Европскиот суд за човекови права во кои се констатира дека државите не сториле повреда на меѓународното право кога со закон ги ограничиле или намалиле платите на судиите доколку тоа не било сторено селективно, дискриминирачки и било во согласност со економските прилики на државите. Исто така, седниците на Уставниот суд се отворени за јавноста, ние бевме убедени дека претставници на Здружението на судии ќе присуствуваат на Седницата кога се расправаше за нивната иницијатива, тоа изненадувачки, не се случи. Поинаква ќе беше состојбата ако Здружението ја проследеше нашата расправа, сега ќе можеа јавно да ги дебатираат и спорат изнесените аргументи на судиите на Уставниот суд. Уште нешто многу важно, Здружението на судиите изјави дека одлуката на Уставниот суд ќе ја оспори пред Европскиот суд за човекови права во Стразбург, но ќе мора да имаат предвид дека одлуки на Уставни судови за апстрактна контрола на уставноста на законите како такви, не се предмет на одлучување на ЕСЧП. Да, може да ја тужат нашата држава во Стразбург, но не Одлуката на Уставниот суд како таква, изјави Данева.
Во врска со Заклучокот на Уставниот суд кој беше донесен по основ информациите за престанок на функцијата на судија, Данева кажа:
„Уставниот суд донесе едногласен Заклучок во врска со ова случување. Во него јасно и недвосмислено е искажан и мојот, и ставот по ова прашање на сите судии на Судот. Јавноста беше информирана за нашиот Заклучок преку тематски одржана прес конференција со што јасно им укажавме на институциите кој какви надлежности има согласно Уставот.
Она што остана неразјаснето и недоречено е целта заради која Судскиот совет упати ваков допис до Собранието. Што се однесува до ставовите на експертската јавност, како од академската заедница, така и од невладиниот сектор, тие целосно кореспондираа со наводите во Заклучокот на Уставниот суд”,изјави проф. Д-р Данева.