У.бр.209/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.209/2023
Скопје, 03.07.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 03.07.2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 42 став 8 во делот „став (7)“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Репуб¬лика Северна Македонија“ бр. 96/2019 и 253/2023).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 42 став 8 во делот „став (7)“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019 и 253/2023), како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во наводите од иницијативата се наведува дека во Законот за прекршоците член 42 став 8 упатува на соодветна примена на член 26 став 7.

Но, со измените на Законот за прекршоците („Службен весник на Репуб¬лика Северна Македонија“ бр.253/2023) извршено е номотехничко поместување на ставовите на член 26, така што став 7 станува став 8.

При ваква состојба, според подносителот може да дојде до забуна во примената на одредбата, како од страна на оние кои треба да ја применуваат, така и од страна на оние на кои се однесува.

Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 42 став 8 во делот „став (7)“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Репуб¬лика Северна Македонија“ бр.96/2019 и 253/2023), по што истиот да се укине како спротивен на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 42 став 8 во делот „став (7)“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 и 253/2023) се предвидува дека рокот на застареност од член 26 став (7) од овој закон почнува да тече откако истекол рокот од последната рата за исплата на глобата.

III

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на член 42 став (8) во делот „став (7)“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Репуб¬лика Северна Македонија“ бр.96/2019 и 253/2023) со образложение дека истиот упатува на примена на член 26 став (7) од истиот закон, кој што со член 2 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 253/2023) е поместен, така што став 7 станал став 8.

Од анализата на горенаведените одредби од Законот произлегува дека станува збор за технички пропуст и истиот е сторен во моментот кога со член 2 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, ставот 7 од член 26 од Законот за прекршоците е поместен и станал став 8, и при ваква ситуација врз основа на уставно утврдените надлежности законодавецот бил должен да интервенира и во член 42 став (8) во делот „став (7)“ од Законот за прекршоците, со цел меѓусебно усогласување на одредбите на Законот.

Oд увидот на содржината на оспорената одредба јасно произлегува дека во конкретниот случај станува збор за технички пропуст од номотехничка природа, кој со системско толкување на целините на законските одредби е лесно воочлив, поради што не може да се доведе во прашање уставноста на оспорената одредба со принципот на владеењето на правото.

При ваква состојба, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата бидејќи наводите на подносителот на иницијативата се сведуваат на барање за постапување на Уставниот суд, за прашање за кое надлежен е законодавниот орган кој ги креира, изменува и дополнува законите кои ги донесува.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски