Издвоено мислење по предметот У.бр.131/2024 и У.бр.143/2024

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), по гласањето против Решението У.бр.131/2024 и У.бр.143/2024, со кое Уставниот суд на седницата одржана на 20 јуни 2024 година, одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 51/2024) и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 51/2024), како и да ги отфрли во дел иницијативите со кои се бара оценување на согласностa на оспорените закони со член 2 став 2 од основниот текст на законите, писмено и со почит кон изнесените ставови го образложувам моето несогласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со голема почит кон ставовите на мнозинството судии изнесени на одржаната расправа по поднесените иницијативи, како и во Решението У.бр. 131/2024 и У.бр.143/2024, со кое Уставниот суд на седницата одржана на 20 јуни 2024 година, одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на претходно наведените оспорени закони, како и да ги отфрли во дел иницијативите со кои се бара оценување на согласноста на оспорените закони со член 2 став 2 од основниот текст на законите, сакам да го изнесам моето мислење кое се разликува од ставовите на мнозинството судии.

Како прво, начелно се согласувам дека регулирањето на платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители е во надлежност на законодавната власт, односно платите да бидат регулирани со закон. Но, сепак, кај мене се појавија одредени дилеми за оспорените законски одредби, кои меѓусебно се контрадикторни и спротивни на уставната определба за владеење на правото, а со тоа и на правната сигурност како негов сегмент.

Во услови на непостоење на уставноправни норми за решавање на судирот на правните прописи по хоризонтала, ниту норми за тоа кој орган би ја решавал таа колизија на прописи, потребно е член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, со кој се гарантира владеењето на правото, а со тоа и правната сигурност како негов сегмент, пошироко да се толкува и применува од причина што законодавецот треба да носи јасни и прецизни норми, кои нема никого да доведат во заблуда при примената на законите, ниту да создаваат конфузија или да доведат до арбитрарно применување на истите.

Во конретниот случај, во член 2 став 2 од основниот текст на Законот за платите на јавните обвинители („Службен на Република Македонија“ бр. 110/2007, 103/2008, 161/2008, 153/2009, 67/2010, 97/2010, 135/2011, 231/2015, 248/2018 и 51/2024 година), наведено е дека платата на јавниот обвинител, утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намалена со друг закон или со одлука на државен орган. Истото законско решение и по однос на платите на членовите на Советот на јавните обвинители е содржано во член 2 став 2 од основниот текст на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.139/209, 67/2010, 97/2010 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024 година.

Овие норми се живи, односно постојат во правниот поредок и истите се спротивни на сега оспорените одредби од Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители. Ваквите одредби, по мое мислење доведуваат до арбитрарност при применувањето на Законот, односно во конкретниот случај нејасно е кои одредби треба да бидат применети. Ваквите норми, сами по себе се контрадикторни, а со тоа и неуставни, од повеќе причини.

Имено, ако се има во вид член 61 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката. Согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите. Од наведените уставни одредби неспорна е законодавната власт и носењето закони на Собранието на Република Северна Македонија. Од овие одредби, произлегува дека Собранието како законодавен дом е надлежен да донесува закони за јавните обвинители, за советот на јавните обвинители, а со тоа и за платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители.

Меѓутоа, она што според мое мислење е неуставно, е тоа што токму со член 2 став 2 од основните текстови на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, кои одредби се сè уште во сила, се ограничува уставната надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, како законодавен дом да донесува закони со кои ќе бидат регулирани одредени општествено-економски односи. Поконкретно, со овие законски одредби му се оневозможува на законодавецот да ги регулира платите на судиите и на членовите на Советот на јавни обвинители со закон, што впрочем е негова основна надлежност.

Поради наведеното, сметам дека овој суд, согласно со член 14 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), требаше по сопствена иницијатива да поведе постапка за оценување на уставноста на наведените законски одредби коишто го нарушуваат владеењето на правото.

Имајќи го предвид изнесеното, во конкретниот случај неосновани се изнесените ставови на мнозинството судии дека овој суд не е надлежен за решавање на колизија на прописите по хоризонтала, дотолку повеќе кога има спротивставени одредби во еден ист закон, кои доведуваат до арбитрарност во нивната примена, а со тоа и до целосно нарушување на принципот на владеење на правото што доведува до правна несигурност спрема сите субјекти во правниот промет. Впрочем тоа се случува во конкретниот случај со Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители. Исто така, по мое мислење, основани се наводите во иницијативата дека, иако оспорените законски одредби се понеповолни за јавните обвинители и за членовите на Советот на јавните обвинители, истите ќе се применуваат ретроактивно при исплатата на платите за изминатиот месец февруари 2024 година. Притоа, треба да се земе во вид дека дека оспорените одредби се донесени последниот ден од месецот, односно на 29 февруари 2024 година. По однос на ретроактивната примена на оспорените законски решенија, неосновани беа ставовите на мнозинството судии изнесени на расправата пред Судот, дека немало ретроактивност, дека забраната за ретроактивна примена на законите, важела само во кривичното право, дека во конкретниот случај и да имало била за многу мал период од еден месец. Меѓутоа, по мое мислење и длабоко убедување, дали ретроактивноста е за еден ден или за еден месец како што е во овој случај сепак постои. Забраната за повратно дејствие на законите и другите прописи се однесува генерално за сите закони и прописи, а не само за законите и прописите од кривичноправната област. Член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, е дециден и јасен, кога вели „законите и другите прописи неможат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е поповолно за граѓаните“.

Имено, со одредбите на веќе наведените оспорени закони, се оневозможува примената на дотогаш поповолниот Закон за платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители, што е во директна спротивност со член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија. Затоа, во овој случај треба да се прави јасна дистинкција помеѓу правото на плата како надоместок за сработеното од една страна и начинот и времето на исплата на платата од друга страна.

Правото на плата е паричен израз за вложениот труд на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители за целиот месец, којшто работодавецот треба да им го исплати во законски определениот рок во наредниот месец. Сосема е ирелевантно дали тука постои ретроактивна примена за еден ден, еден месец или повеќе. Но, сепак, во конкретниот случај, ретроактивно се применуваат неповолните закони, наспроти претходните кои неспорно се поповолни за јавните обвинители и за членовите на советот на јавните обвинители.

Надоврзувајќи се на горенаведеното, исто така, сметам дека со применувањето на оспорените законски решенија, се повредува и правото на сопственост коешто е загарантирано со член 30 од Уставот на Република Северна Македонија, на кое право му е овозможена и правна заштита согласно со член 8 алинеја 6 од Уставот. Со ретроактивната примена на оспорената законска одредба му се одзема на јавниот обвинител и на членот на Советот на јавните обвинители, правото на дел од платата што е негова сопственост, што тој си ја одработил за изминатиот месец, а за кој месец важел поповолен закон.

Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер

Конечно решение У.бр.131/2024 и У.бр.143/2024