Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први,” проф.д-р Сашо Георгиевски денеска потпишаа Меморандум за соработка.
Со овој Меморандум почнува реализирањето на еден од врвните приоритети на претседателот на Уставниот суд, д-р Костадиновски, којшто при преземањето на функцијата најави дека ќе се заложи за интензивирање на соработката и интеракцијата на Уставниот суд и науката.
„За мене најважно е да ја слушнеме правната мисла за важните уставно – правни теми и дилеми, кои ни се појавуваат секој ден при работата на секој предмет, на секоја седница. Идејата е да си помогнеме едни на други – правната мисла да ни помогне нас како судии за да го подигнеме и кредибилитетот и угледот на Уставниот суд, но од друга страна и ние да му помогнеме на Правниот факултет кој е најстрар најемнинентен субјект во нашата држава, да помогнеме и на неговиот кредибилитет и углед, рече претседателот на Уставниот суд, д-р Костадиновски.”
Деканот на Правниот факултет, проф.д-р Георгиевски го изрази своето задоволство од соработката најавувајќи силна и активна поддршка од фелата за суштински општествено-правни прашања, со акцент на темите од уставното судство.
„Не случајно Уставните судови во светот во своите редови имаат и претставници од Академијата и истакнати правници кои објавувале трудови и се занимавале со научна дејност. Ние веќе утврдивме агенда како ќе соработуваме што говори за желбата и подготвеноста за соработка, ” изјави деканот Георгиевски.”
Меѓу активностите предвидени во рамки на Меморандумот се:
– организирање посети на студенти на додипломски, постдипломски и
докторски студии, со присуство на седниците на Судот и презентација на неговата работа од страна на претставници на Службата на Судот;
– воспоставување програма за волонтирање на студенти во Судот;
– воспоставување програма за спроведување истражувања на студенти на
постдипломски и докторски студии во Судот;
– заедничко аплицирање за проекти од областа на уставното право,
уставното судство и уставната заштита на слободите и правата на човекот и
граѓанинот утврдени со Уставот пред домашни и странски донатори;
– учество на претставници на Правниот факултет при подготовка на посебните извештаи од член 13 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија;
– издавање зборници на научни и стручни трудови од областа на уставното
право, уставното судство и уставната заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени во Уставот;
– заедничко организирање работилници, конференции и слични настани за прашања од уставното право, уставното судство и на слободите и правата на
човекот и граѓанинот утврдени со Уставот;
– воспоставување соработка за ангажирање научни работници во работата на Судот
– учество на претставници на Правниот факултет на конференции.
Соработката помеѓу Судот и Правниот факултет ќе се остварува преку редовна координација на претставници на страните која ќе се одржува најмалку еднаш на секои три месеци.