Уставниот суд ја закажува 21. Седница на 10 јули 2024 година (среда) во 9:30 часот со дневен ред за кој се предвидени четири иницијативи за оценување на уставност и законитост, еден предлог за решавање на судир на надлежности и осум предлози за одлучување по нацрт одлуки.
I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
- Реферат У.бр.4/2024
Оспорен: Член 36 и член 38 став 3 од Законот изменување и дополнување на Законот за заштита на децата
Подносител: Климентина Ангелеска
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата, секое трето живородено дете затоа што било родено трето не се смета за новороденче како ни за дете согласно оспорената законска одредба и не може да ужива никакви права уредени со Законот за заштита на децата во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација.
- Реферат У.бр.124/2024
Оспорен: Член 19 став 2 во делот „како и друг начин на стекнување на недвижности со и без надоместот меѓу правни и физички лица“ од Законот за даноците на имот
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека делот од оспорената одредба од Законот е нејасен, непрецизен, конфузен и како таков остава место за различно толкување бидејќи е нејасно што сè се подразбира под „друг начин на стекнување на недвижности со и без надоместок меѓу правни и физички лица“. Се наведува дека останува спорно дали оспорениот дел од законската одредба секогаш ќе претпоставува промет, односно постоење на правно дело и правно изразена волја на учесниците или би можело да се подразбере и стекнување на право на сопственост на недвижности врз основа на закон, каде не постои правно дело и правна изразена волја на учесниците.
- Реферат У.бр.144/2024
Оспорен: Член 22 став 1 алинеја 1 во делот „и членовите на стечајниот совет“, член 65 став 4 во делот „до стечајниот совет“, член 206 став 1 во делот „стечајниот совет“ и член 214 став 1 во делот „стечајниот совет“ од Законот за стечај
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека оспорените законски одредби коишто моментално се во примена сеуште се повикуваат на „стечајниот совет“ и покрај фактот што истиот е избришан и не постои во правниот промет што доведува до правна несигурност и повреда на владеењето на правото.
- Реферат У.бр.174/2024
Оспорен: Делот: „министерот“ од првиот ред на ставот 2 од членот 143 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 и 236/2022).
Подносителот наведува дека 143 став 2 од Законот за енергетика во кој е предвидено дека техничките прописи од ставот 1 на овој член ги донесува министерот по претходна согласност на министерот надлежен за работите од областа на транспортот, министерот надлежен за работите од областа на заштита на животната средина и министерот надлежен за работите од областа на внатрешните работи. Според подносителот оспорениот дел на ставот 2 од член 143 од Законот е недоволно прецизен и јасен, што не е во согласност со владеењето на правото пропишано во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
II- ПРЕДЛОГ ЗА РЕШАВАЊЕ НА СУДИР НА НАДЛЕЖНОСТ
Подносител: Основен суд Охрид
Од наводите за решавање на судир на надлежност:
Подносителот бара од Уставниот суд да утврди чија е стварната надлежност дали на Основниот суд Охрид или на Секторот за меѓународна правна помош при Министерството за правда за одлучување по барање за трансфер на осуденикот Б.П. во казнено-поправна установа во Република Бугарија.
III- ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ ОДЛУКИ
1. Оспорен: Одлука бр.27-6567/1 од 07.06.2022 година за донесување на Регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт ЈИ 03 донесена на 07.06.2022
Подносител на иницијативата: Дуња Туртурова и Бојан Милошевски, адвокати од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесениот Регулациски план на ГУП кој има важност за градска четврт ЈИ 03 содржи нерегуларности, односно предвидена е намена B (јавни институции), спротивно на постоечкиот и важечки ДУП каде што за тој простор е предвидена намена Б (комерцијални и деловни намени). Се наведува дека со донесувањето на Регулацискиот план на ГУП, противзаконито и противуставно е извршена пренамена на одреден простор кој бил предвиден за постоечки и сеуште важечки ДУП како простор за градење деловни/станбени објекти и се менува во простор за изградба на јавни институции. Според подносителите одлуката на Советот на Град Скопје ги доведува во нееднаква положба граѓаните и институциите кои имаат сопственост на недвижности на територијата на Општина Аеродром, да не можат да ја реализираат намената и правото загарантирано со важечкиот ДУП.
2. Оспорен: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Илинден. Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
3.У.бр.35/2024
Оспорен: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Oпштина Вевчни. Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
4.У.бр.42/2024
Оспорен: Член 16 алинеја 3 и член 146, 147 и 148 од Деловникот на Советот на Општина Струмица, број 07-1510/1 од 16.03.2006 година, објавен во „Службен гласник на Општина Струмица“ бр.2/2006. Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
5.У.бр.59/2024
Oспорен: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Брвеница бр.01-179/1 од 02.03.2006 година („Службен гласник на Општина Брвеница“ број 11/2006). Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
6.У.бр.62/2024
Оспорен: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.16/2014). Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
7.У.бр.69/2024
Оспорен: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Демир Капија, број 0701-487/5 од 23.12.2005 година. Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
8.У.бр.77/2024
Оспорен: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Ранковце број 01-349/3 од 18.07.2006 година. Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.