Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против Решението У.бр. 122/2024 и У.бр.123/2024, со кое Уставниот суд, на седницата одржана на 15 мај 2024 година, одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024) и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024) и ја отфрли иницијативата во делот за оценување на судир на законите, писмено и со почит кон изнесените ставови го образложувам моето несогласување со следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со голема почит кон ставовите на мнозинството судии изнесени во Решението У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024 со кое Уставниот суд, на седницата одржана на 15 мај 2024 година, одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на претходно наведените оспорени закони, сакам да го изнесам моето мислење кое се разликува од ставовите на мнозинството на судиите.
Како прво, начелно се согласувам дека регулирањето на платите на судиите и на членовите на Судскиот совет е во надлежност на законодавната власт, односно платите да бидат регулирани со закон. Но, сепак, кај мене се појавија одредени дилеми за оспорените законски одредби, кои меѓусебно се контрадикторни и спротивни на уставната определба за владеењето на правото, а со тоа и на правната сигурност како негов сегмент.
Во услови на непостоење на уставноправни норми за решавање на судирот на правните прописи по хоризонтала, ниту норми за тоа кој орган би ја решавал таа колизија на прописи, потребно е член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, со кој се гарантира владеењето на правото, а со тоа и правната сигурност како негов сегмент, пошироко да се толкува и да се применува од причина што законодавецот треба да носи јасни и прецизни норми кои нема да доведуваат во заблуда при применувањето на законите или до арбитрарно применување на истите, ниту пак, да создаваат конфузност.
Во конретниот случај, во член 2 став 2 од основниот текст на Законот за платите на судиите наведено е дека платата на судиите, утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намалена со закон или со одлука на државен орган. Исто така, со член 60 од Законот за судовите, се определува дека платите на судиите не можат да се намалуваат додека трае судиската функција.
Овие норми се живи, односно постојат во правниот поредок и истите се спротивни на сега оспорените одредби од Законот за изменување на Законот за платите на судиите и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет. Ваквите одредби, по мое мислење доведуваат до арбитрарност при применувањето на Законот, односно во конкретниот случај нејасно е кои одредби треба да бидат применети. Ваквите норми, сами по себе се контрадикторни, а со тоа и неуставни, од повеќе причини.
Имено, ако се има предвид член 61 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката. Согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите. Од наведените уставни одредби неспорна е законодавната власт и носењето закони на Собранието на Република Северна Македонија. Од овие одредби, произлегува дека Собранието како законодавен дом е надлежно да донесува закони за судската власт, а со тоа и за платите на судиите.
Меѓутоа, она што според мое мислење е неуставно, е тоа што токму со член 2 став 2 од основниот текст на Законот за платите на судиите, како и со член 60 од Законот за судовите, кои одредби сè уште се во сила, се ограничува уставната надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, како законодавен дом да донесува закони со кои ќе бидат регулирани одредени општествено-економските односи. Поконкретно, со овие законски одредби се оневозможува законодавецот да ги регулира платите на судиите и на членовите на Судскиот совет со закон, што впрочем е негова основна надлежност.
Поради наведеното, сметам дека овој суд требаше по сопствена иницијатива да поведе постапка за оценување уставност на наведените законски одредби, коишто го нарушуваат владеењето на правото.
Имајќи го предвид изнесеното, во конкретниот случај неосновани се изнесените ставови на мнозинството судии дека овој суд не е надлежен за решавање колизија на прописите по хоризонтала, дотолку повеќе кога има спротивставени одредби во еден ист закон, коишто доведуваат до арбитрарност во нивната примена, а со тоа и до целосно нарушување на принципот на владеењето на правото кое доведува до правна несигурност спрема сите субјекти во правниот промет. Впрочем, тоа се случува во конкретниот случај со законите за платите на судиите и членовите на Судскиот совет.
Исто така, по мое мислење, основани се наводите во иницијативата дека, иако оспорените законски одредби се понеповолни за судиите, истите ќе се применуваат ретроактивно при исплатата на плати за изминатиот месец февруари. Притоа, треба да се земе во вид дека оспорените одредби се донесени последниот ден од месецот, односно на 29 февруари 2024 година.
Имено, со член 2 од оспорениот закон, се оневозможува примената на дотогаш поповолниот Закон за платите на судиите и членовите на Судскиот совет, што е во директна спротивност со член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија. Затоа, во овој случај треба да се прави јасна дистинкција помеѓу правото на плата како надоместок за сработеното од една страна и начинот и времето на исплата на платата од друга страна.
Правото на плата е паричен израз за вложениот труд на судијата за целиот месец, којшто работодавецот треба да му го исплати во законски определениот рок во наредниот месец. Сосема е ирелевантно дали тука постои ретроактивна примена за еден ден, еден месец или повеќе. Но, сепак, во конкретниот случај, ретроактивно се применува неповолниот закон, наспроти претходниот кој неспорно е поповолен.
Надоврзувајќи се на горенаведеното, исто така, сметам дека основани се и наводите во иницијативата дека се повредува и правото на сопственост коешто е загарантирано со член 30 од Уставот на Република Северна Македонија, на кое право му е овозможена и правна заштита согласно со член 8 алинеја 6 од Уставот. Со ретроактивната примена на оспорената законска одредба му се одзема на судијата правото на дел од платата, што тој си ја одработил за изминатиот месец, а за кој месец важел поповолен закон.
Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер