Уставниот суд информира дека 19. Седница ќе се одржи на 20 јуни 2024 година во 9:30 часот. На дневен ред закажани се седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права. Предвидено е да се одлучува по осум нацрт-одлуки и осум нацрт-решенија.
- Реферат У.бр.98/2024 и У.бр.139/2024
Подносител на иницијативaта по предметот У.бр.98/2024 : Петар Баришиќ
Оспорени: Член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека новите измени ги ограничува доверителите да го остварат побарувањето утврдено со правосилен поединечен акт на суд или друг орган, односно да го наплатат долгот по присилен пат, што според него е спротивно на член 30 став 3 од Уставот, член 17 од Универзалната декларација за правата на човекот и член 1 од Протоколот на Европската Конвенција за човековите права. Во однос на член 4 кој се однесува на започнатите постапки за наплата на побарувањата, смета ека тие ќе завршат согласно овој законт, подносителот наведува дека тоа ќе предизвика нееднаквост помеѓу доверителите, пред и по влегувањето во сила на Законот.
Подносител на иницијативата по предметот У.бр.139/2024: Љупчо Кузмановски, адвокат
Оспорен: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека со оспорените измени се нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Подносителот смета дека со примената на изменетото законско решение од 368 од Законот за облигациони односи, одредени правни и физички лица(доверители) ќе бидат ставени во нееднаква и нерамноправна положба што ќе предизвика нивна дискриминација за сметка на други правни и физички лица (должници) кои ќе бидат ставени во поповолна положба.
Наведено е дека оваа одредба ќе предизвика последици не само на правната држава, туку и други области како економијата, банкарството, финансискиот систем, странските инвестиции и измените кои се оспорени директно влијаат на финансиската дисциплина во државата.
- Реферат У.бр.99/2024
Оспорен: Член 273 став 10 и 11 од Кривичниот законик
Подносители на иницијативата: Aнтонио Апостолски и Кирил Стојановски, адвокати
Од наводите во иницијативата:
Со иницијативата се оспоруваат одредбите од Кривичниот законик што се однесуваат на перење пари и други приноси од казниво дело и се наведува дека со оспорените ставови се доведува до прашање самиот стандард на докажување. Оспорениот став 10 бара криминалното потекло на парите да се докаже преку основано сомнение што според подносителот претставува категорија на кривично процесно право, а не на материјалниот закон. Понатаму, се наведува дека и двата оспорени става од Кривичниот законик утврдувањето на вина го спуштаат на доста ниски граници само преку фактички околности односно свесноста за потеклото на имотот се сведува на оценка на објективни фактички околности базирани на основано сомнение што е спротивно на презумпцијата на невиност. Олеснувањето на криминалното потекло на парите да се докаже само на основа на основано сомнение не му е место во Кривичниот законик особено што закон со кој се уредува постапката пред судовите се носи со 2/3 мнозинство и е во спротивност со начелата на презумпција на невиност, приниципот in dubio pro reo и на слободна оцена на доказите, се наведува во иницијативата.
- Реферат У.бр.109/2024
Оспорен: Член 49 во дел „освен членот 8 во делот кој се однесува на заштита на жртвите од казниви дела и заштита на жртви од трговија со луѓе“ од Законот за бесплатна правна помош
Подносител на иницијативата: Oливер Давидовски
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека оспорениот член ја исклучува кривичната постапка и предвидува секундарна правна помош за застапување „во сите степени во граѓански судски постапки, управни постапки и управни спорови“, а со тоа, прашањето за адвокат кој ќе ги застапува правата на жртвите од кривични дела во кривични постапки е оставено да се уредува во Законот за кривичната постапка. На таков начин, со оставање во сила на само една одредба во преодните и завршните одредби на оспорениот закон и истата да важи без никакво временско ограничување се нарушува правната сигурност и е спротивно на начелото на владеење на правото.
- Реферат У.бр.131/2024 и У.бр.143/2024
(Oд предметот У.бр.131/2024)
Оспорен: Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители
Подносител: Здружение на јавните обвинители на Република Северна Македонија
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата со донесените законски измени се интервенира во платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавни обвинители на начин што се намалува коефициентот за утврдување на платата, а со самото тоа се намалува и висината на платата ако се земе предвид дека основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година според податоците на Државниот завод за статистика. Се наведува дека вака донесените законски измени претставуваат директна, законски забранета интервенција во платите која ќе резултира со намалување на платите со што се доведува во прашање уставно востановениот систем на поделба на власта, владеењето на правото и уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство.
Според подносителот, оспорените законски измени не се во согласност со Уставот кој забранува повратно дејство на законите и другите прописи имајќи во предвид дека во оспорените закони е пропишано дека коефициентите за утврдување на платите ќе започнат да се применуваат со исплатата на платата за месец февруари 2024 година, а од друга страна и во двата закони е пропишано дека влегуваат во сила со денот на објавување во Службен весник.
(Од предметот У.бр.143/2024)
Оспорени: Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија и Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители
Подносител: Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата, со донесените законски измени се интервенира во платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавни обвинители на начин што се намалува коефициентот за утврдување на платата, а со самото тоа се намалува и висината на платата ако се земе предвид дека основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година според податоците на Државниот завод за статистика. Се наведува дека вака донесените законски измени претставуваат директна, законски забранета интервенција во платите која ќе резултира со намалување на платите со што се доведува во прашање уставно-востановениот систем на поделба на власта, владеењето на правото и уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство. Според подносителот, оспорените законски измени не се во согласност со Уставот кој забранува повратно дејство на законите и другите прописи имајќи во предвид дека во оспорените закони е пропишано дека коефициентите за утврдување на платите ќе започнат да се применуваат со исплатата на платата за месец февруари 2024 година, а од друга страна и во двата закони е пропишано дека влегуваат во сила со денот на објавување во Службен весник.
- Реферат У.бр.167/2024
Оспорен: Член 38 став 2 во дел „Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис.“ од Законот за општата управна постапка
Подносител: Игорчо Точев од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис престанал да важи и не е повеќе во правниот поредок, а оспорената одредба од Законот за општата управна постапка упатува на примена на одредби на пропис што не е повеќе во правниот поредок што е спротивно на начелото на владеење на правото.
- Реферат У.бр.69/2023 и У.бр.70/2023
Оспорен: Правилникот за постапката за донесување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденција на доставените колективните договори и нивните измени
(Oд иницијативата У.бр.69/2023)
Подносител на иницијативата: Николче Мушаревски
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека во оспорениот Правилник не е определено значењето на изразот „колективен договор” бидејќи според подносителот е јасно дека Законот за работни односи ги разграничува видовите на колективни договори и само за општите и грански колективни договори предвидува регистрација, па следствено на тоа во правилникот требало да се предвиди обврска за регистрација кај надлежен орган само на општите колективни договори и гранските колективни договори. Се оспорува ставот 1 во членот 4 кој според наводите му дава на министерството можност да го усогласи колективниот договор со закон, бидејќи во спротивно Министерството со решение ќе го одбие барањето за упис во регистарот. За ова е наведено дека Министерството кое е орган на државната управа нема надлежност да оценува законитост на колективни договори како општи акти, туку тоа е работа на Уставниот суд.
(Од иницијативата У.бр.70/2023)
Подносител на иницијативата: Независен синдикат на одбраната претставуван од претседателот Ванчо Исајов
Од наводите во иницијативата:
Се оспорува Правилникот во кој меѓудругото има одредба со која се наложува согласност од Министерството за финансиси за колективните договори од јавниот сектор, кога со договорот се предвидуваат фискални импликации за Буџетот на Република Северна Македонија. Подносителот наведува дека е спорно во членот 2 од Правилникот тоа што се наметнува обврска за регистрација за сите колективни договори, односно не прави групирање на колективните договори како што бара членот 231 од Законот за работни односи.
- Реферат У.бр.170/2024
Оспорен: Член 4 став 1 точка 3, член 5, член 13 и член 14 од Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар донесен од Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 годин, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О. бр.0202/009 од 18.01.2024 година.
Подносител на иницијативата: Благоја Пандовски, адвокат од Скопје
Oд наводите во иницијативата:
Се наведува дека со оспорените одредби директно се ограничува правото на работа и учество на пазарот на цела категорија на граѓани кои пред заминувањето во пензија биле во редовен работен однос, односно дека иако претходно ја стекнале лиценцата за водење на сметководители во трговските друштва по заминувањето во пензија тие веќе не може да се занимаваат со сметководство дури и со договор за дело или како дополнителна дејност.
II- БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
Реферат У.бр.159/2023
Подносител на барањето: Шерифе М. и Ајредин М., преку полномошник адвокат Љупчо Кожовски
Предмет на барањето: Дискриминација по основ на национална и социјална припадност
Оспорени акти: Пресуда од Основен суд Битола и пресуда од Апелационен суд Битола од 2023 година
Од наводите во барањето:
Како втор и третообвинет за сторено кривично дело ”учество во тепачка”, подносителите сметаат дека поради нивната социјална и етничка припадност им било скратено правото на одбрана, што влијаело на нивното право на правично судење. Се наведува дека во текот на доказната постапка ниту еден доказ предложен од нивна страна не бил земен во предвид, за разлика од доказите на обвинителот кои биле прифатени.
III – ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ
1. У.бр.19/2024
Оспорен: член 15 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Пласница, број 07-198/2 од 30.03.2006 година („Службен гласник на Општина Пласница“ бр.2/2006 и 3/2019).
Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
2. У.бр.33/2024
Оспорен: член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Кичево, број 07-1102/12 од 29.03.2006 година, објавен во „Службен гласник на Општина Кичево” број 5/2006.
Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
3. У.бр.24/2024
Оспорен: член 14 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Свети Николе („Службен гласник на Општина Свети Николе“ бр.2/06).
Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
4. У.бр.45/2024
Оспорен: член 24 став 1 алинеја 4, насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 109, 110, 111 и 112 содржани во глава VIII „Постапка за усвојување на акти“ од Деловникот на Советот на Општина Боговиње, број 1176/2 од 30.06.2009 година.
Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
5. У.бр.56/2024
Оспорен: член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Чучер-Сандево број 08-470/4 од 29.04.2021 година, објавен во „Службен гласник на Општина Чучер-Сандево” број 6/2021.
Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
6. У.бр.61/2024
Оспорен: насловот на точка 9 „Автентично толкување на прописите” и членовите 109, 110, 111 и 112, содржани во поглавјето VIII „Постапка за донесување на прописите” од Деловникот на Советот на Општина Дебрца, објавен во „Службен гласник на Општина Дебрца” број 3/2005, 11/2014 и 6/2019.
Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
7. У.бр.71/2024
Оспорен: член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Конче број 07-209/1 од 28.03.2006 година („Службен гласник на Општина Конче” број 2/2006).
Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
8. У.бр.80/2024
Оспорен: насловот на поглавјето 10„Автентично толкување на општи акти“ и членовите 128,129,130,131 од Деловникот на Советот на Општина Пробиштип, бр.07-501/11 од 30.09.2005 година („Службен гласник на Општина Пробиштип “ бр.05/2005).
Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.