Во текот на март и април 2024 година во Уставниот суд се оформени 49 предмети по коишто се постапува. За 47 од нив се бара преиспитување на заштита на уставност и законитост, за две се бара Уставниот суд да утврди повреда на заштитата на слободите и правата на граѓани.
- У.бр.121/2024
Оспорен: Прилог дел XI точка 14 кон Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење стручни работи од областа на животната средина, во делот „автопати“
Подносител: Македонско здружение на млади правници од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата оспорената точка 14 од делот XI на Прилогот на Уредбата во делот „автопати“ е спротивна на одредбите од Архуската конвенција поради тоа што го исклучува учеството на јавноста за проекти за кои јавноста мора да има можност да учествува во донесувањето на одлуката и на овој начин уредбата на спротивен начин регулира материја што е претходно уредена со меѓународен документ ратификуван од Собранието со што оспорениот дел е спротивен на член 118 од Уставот. Меѓу другото, подносителот смета дека оспорената уредба е спротивна и на ставот на Венецијанската комисија и на ставот на Уставниот суд во Одлуката У.бр.113/2022, поради тоа што за иста активност предвидува различни обврски со што се создава нејасност и непрецизност во регулирањето, па субјектите кои градат автопати не можат, ниту со советување на адвокат да знаат со сигурност каков тип на документ треба да изработат, за да го прилагодат на законските одредби. Оттука, се наведува дека опстојувањето на одредби коишто се во директна колизија, предизвикуваат нарушување на правната сигурност, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото.
2. У.бр.122/2024
Оспорени: Закон за изменување на Законот за платите на судиите во целина и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Северна Македонија во целина
Подносител: Судски совет на Република Северна Македонија
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата со оспорените закони законодавецот извршил противуставна и незаконита интервенција во самостојноста и независноста на судската власт преку правно недозволено намалување на платите на судиите и на членовите на Судскиот совет. Се наведува дека уставно-правната положба на судовите и на Судскиот совет е нарушена со оспорената измена на законите бидејќи со нив законодавецот значително го намалил коефициентот за утврдување на платата на судиите, односно коефициенот за пресметка на платата на членовите на Судскиот совет. Преку намалување на коефициентите што претставуваат параметар за пресметување на платата на судиите и на членовите на Судскиот совет правно и фактички се оневозможува усогласување на нивните плати со динамиката на движење на просечната исплатена плата во претходната календарска година, со што се спречувало законското право на усогласување на платата согласно постојните правила за нејзино пресметување.
3. У.бр.123/2024
Оспорен: Закон за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на РСМ“ бр.51/2024)
Подносител: Здружение на судиите на Република Северна Македонија
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека со оспорените законски одредби со кои биле намелени коефициентите за пресметување на платите на судиите, се повредуваат уставните принципи на поделба на власта и владеењето на правото, како и самостојноста и независноста на судската власт што ја подразбира и нејзината финансиска самостојност која не може да биде загрозена со намалување на судиските плати и на ваков начин се ограничуваат слободите и правата надвор од случаите утврдени со член 54 од Уставот. Измената на Законот за платите на судиите се оспорува и од аспект на член 52 став 4 од Уставот со тврдење дека таа има повратно дејство бидејќи била донесена на крајот од февруари, во ситуација кога најголемиот дел на работните денови во месецот веќе биле реализирани во текот на кои во сила биле поповолните одредби од Законот за платите на судиите. На тој начин со оспорената одредба биле нарушени и легитимните очекувања на судиите. Се повредува и правото на сопственост бидејќи правото на плата претставува легитимно имотно очекување врз кое вработениот има право на сопственост.
4. Реферат У.бр.124/2024
Оспорен: Член 19 став 2 во делот „како и друг начин на стекнување на недвижности со и без надоместот меѓу правни и физички лица“ од Законот за даноците на имот
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека делот од оспорената одредба од Законот е нејасен, непрецизен, конфузен и како таков остава место за различно толкување бидејќи е нејасно што сè се подразбира под „друг начин на стекнување на недвижности со и без надоместок меѓу правни и физички лица“. Се наведува дека останува спорно дали оспорениот дел од законската одредба секогаш ќе претпоставува промет, односно постоење на правно дело и правно изразена волја на учесниците или би можело да се подразбере и стекнување на право на сопственост на недвижности врз основа на закон, каде не постои правно дело и правна изразена волја на учесниците.
5. У.бр.125/2024
Оспорен акт: Одлука на Советот на Општина Виница за пристапување кон изработка на Урбанистички проект со план за парцелација за градежна парцела на К.П.бр.9800 КО Виница со намена семјна станбена зграда согласно ДУП за град Виница
Подносител: Петруш Пецов од Виница
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорената одлука е незаконита и спротивна на Законот за урбанистичко планирање и на Законот за градење. Во иницијативата се наведува дека парцелата КП бр.9800 која граничела со подносителот на иницијативата е со терцијална делба, а сосопствениците не поднеле навреме барање да се изврши парцелирање на градежната парцела, туку самоиницијативно извршиле дива градба која зазема 3/4 од градежната линија од градежната парцела праволински кон куќата на подносителот.
6. У.бр.126/2024
Оспорен: член 213 ставови 16, 17 и 18 од Законот за водите
Подносители: Друштво за производство, промет и услуги ГОРСКА ДООЕЛ Скопје, Пелистерка АД Скопје, МЛ-ГАРИ ДООЕЛ и Друштво за производство, трговија и услуги КОЖУВЧАНКА, преку Симона Костадинова, адвокат од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека со оспорените законски одредби е воведена дополнителна давачка за флаширање на вода која е противуставна и противзаконска бидејќи со оваа давачка се наплатува два пати за користење на вода од едно водно тело за иста суровина, во услови кога како концедент се јавува еден ист субјект, Владата на Република Северна Македонија. Според подносителите, наведената јавна давачка создава правна несигурност кај обврзниците затоа што ги обврзува повторно да плаќаат надоместок што веќе го платиле со што се нарушува концептот на правна сигурност и легитимните очекувања на сите концесионери врз основа на склучениот договор за концесија. Воедно, со наметнување на давачката од оспорената законска одредба се ограничува конкуренцијата на пазарот на македонските производители во споредба со странските компании коишто продаваат странски, увозни води во нашата држава со што се повредува слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата положба на субјектите на пазарот.
7. У.бр.127/2024
Оспорен: Член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители
Подносители: Игорчо Точев, Анета Стевановиќ, Атеме Муамеди, Евица Јанковска и други судски советници во Управниот суд во Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителите на иницијативата сметаат дека во Законот не е пропишано подробно кој е тој „настан кој не можел да се предвиди“ како и што се подразбира под „крајна итност“ кој доведува или евентуално би можело да доведе до прекин во спроведувањето на приемниот испит што не е во согласност со начелото на владеење на правото и доведува до правна несигурност. Понатаму се наведува дека овие поими остануваат недоволно прецизирани и разработени во законот, а тоа се допушта да биде направено со подзаконски акт што би можело да излезе од општите правила и на арбитререн начин да се уредуваат состојби кои би означувале прилагодување на таквиот подзаконски пропис со околностите кои настанале или би можеле да настанат.
8. У.бр.128/2024
Оспорен: Делот „го назначува“ од член 31 став 1 од Законот за вработените во Министертвото за одбрана
Подносител: Игорчо Точев од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот со оспорената законска одредба доаѓа до судир на надлежностите/овластувањата коишто Владата ги има при именување на државен секретар во Министерството и надлежностите коишто ги има министерот според Законот за организација и работа на органите на управата кое што доведува до забуна во примената на самата одредба што не е во согласност со владеењето на правото од член 8 алинеја 3 од Уставот.
9. У.бр.129/2024
Оспорени: член 2 во делот „федерација“, член 4 став 1 во делот „општествено-политичките заедници“, член 4 став 3 во делоците „самоуправните судови“ и „општествениот правобранител на самоуправувањето“ и член 5 став 2 во делот „југословенските“, од Законот за организацијатата и за единствената методологија на прибирањето, евидентирањето и обработката на податоци и информации за потребите на правосудните органи од интерес за целата земја („Службен лист на СФРЈ“ бр.44/1989)
Подносител: Игорчо Точев од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата деловите на оспорените одредби од Законот се во спротивност со членот 1 став 1 од Уставот и член 5 став 4 од Уставниот закон за спроведување на Уставот; со член 8 алинеја 8 од Уставот и со член 2 точка 2 од Законот за локалната самоуправа и со Амандман XXV од Уставот и член 2 став 2 од Законот за судовите.
10. У.бр.130/2024
Оспорен: Изборниот законик, Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик и други подзаконски акти на ДИК за изборите 2024 година
Подносители: „Група избирачи“ Ана Бобинкова Мијаковска, Независна листа на предложени кандидати за пратеници во ИЕ 1 за парламентарните избори 2024 година од Скопје и Зоран Петковски од Куманово
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека одредбите од оспорениот Изборен законик се неуставни и со нив се врши дискриминација бидејќи не е овозможена еднаквоста на избирачкото право и на гласот и се остава простор за поголемо кршење и оневозможување на непречено остварување на тоа право. Понатаму, се наведува дека одредбата според која членовите на ДИК се бираат од редовите на парламентарните позициски и опозициски партии е противзаконита бидејќи членовите за организирање за спроведување на изборите треба да ги назначуваат непартиски избирачи зошто во спротивно тие не се независни туку зависат од политичките партии со што не може да се гарантираат слободни и фер избори. Според подносителите, независните кандидати поддржани од група избирачи се исклучени од правото на еднаквост на избирачкото право бидејќи со одредбите за собирање на потписи и за медиумско информирање за независните кандидати им е прекршено и се спречени рамноправно да учествуваат во изборниот процес и да се кандидираат со свои независни листи.
11. У.бр.131/2024
Оспорени: Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија во целина
Подносител: Здружение на јавните обвинители на Република Северна Македонија
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата со донесените законски измени се интервенира во платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавни обвинители на начин што се намалува коефициентот за утврдување на платата, а со самото тоа се намалува и висината на платата ако се земе предвид дека основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година според податоците на Државниот завод за статистика. Се наведува дека вака донесените законски измени претставуваат директна, законски забранета интервенција во платите која ќе резултира со намалување на платите со што се доведува во прашање уставно востановениот систем на поделба на власта, владеењето на правото и уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство.
Според подносителот, оспорените законски измени не се во согласност со Уставот кој забранува повратно дејство на законите и другите прописи имајќи во предвид дека во оспорените закони е пропишано дека коефициентите за утврдување на платите ќе започнат да се применуваат со исплатата на платата за месец февруари 2024 година, а од друга страна и во двата закони е пропишано дека влегуваат во сила со денот на објавување во Службен весник.
12. У.бр.132/2024
Оспорен: Член 122 од Законот за сопственост и други стварни права
Подносител: Дамјан Цветановски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека оспорената законска одредба која предвидува дека за доградбата, односно надградбата на зграда во етажна сопственост одлучува мнозинството сопственици на посебните делови од зградата кои претставуваат повеќе од половината на вредноста на зградата е во спротивност со уставно загарантираното право на сопственост од член 30 од Уставот. Оспорената законска одредба не го гарантира правото на сопственост на заедничките делови од објектот на сите сопственици на посебните делови и определено е дека мнозинството сопственици можат да одлучуваат и да располагаат со правото на сопственост на заедничките делови од објектот, во име и за сметка на сите сопственици на посебните делови, без нивна согласност. Подносителот на иницијативата наведува дека надградба или доградба на објект во етажна сопственост не претставува јавен интерес утврден со закон, туку инвестиција за која постои приватен интерес и оттука оспорената одредба предвидува и озаконува грубо кршење и нерасполагање со правото на сопственост на малцинскиот дел од станарите.
13. У.бр.133/2024
Оспорен: член 17 од Законот за државното правобранителствоПодносител: Аџи-Спирковска Гордана од Прилеп
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата, со оспорената одредба од Законот на државниот правобранител му е дадено право да наплаќа трошоци по адвокатска тарифа со што е ставен во поповолна и привилегирана положба во однос на сите останати законски застапници на правни лица и во поглед на граѓани, кои лично истапуваат пред судовите и не можат да истакнат и наплатат трошоци во постапката само затоа што не се адвокати.
14. У.бр.134/2024
Оспорен: Одредби од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за лиценца за вршење геодетски работи
Подносител: Комора на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи на РМ, преку полномошник Бобан Богдановски, адвокат од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека одредбата од оспорениот правилник со која на членовите на Комисијата им се признава право на паричен надомест за учество во работата на Комисијата е спротивна на член 32 став 3 и 5 од Уставот и на одредбите од Законот за административни службеници од причина што Законот не е предвидено тоа. Подносителот наведува дека пренесувањето на надлежност на Директорот и доверување на определени работни задачи на вработените во Агенцијата за катастар на недвижности не претставува дополнителен работен ангажман, туку извршување на работни обврски во рамките на нивниот заснован работен однос во Агенцијата. На вработените во Агенцијата не може да им се плаќа дополнителен надомест на плата врз основа на одлука на директорот и подзаконскиот акт бидејќи директорот нема законска надлежност да носи акти за плати на административните службеници. Со оспорениот правилник се пропишува нова изворна надлежност на Директорот на Агенцијата да ја утврдува висината на надоместокот за издадените лиценци/решенија, како и да издава лиценци и решенија во времетраење најмногу до една година е во спротивност со член 8 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот како и со член 118 став 5 од Законот за катастар на недвижности.
15. У.бр.135/2024
Оспорен: Член 59-а став 1 алинеја 5 од Законот за градење
Подносител: Дамјан Цветановски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата го оспорува членот од Законот за градење кој го регулира остварувањето на правото на градење во случаи кога се планира надградба или доградба на објект во етажна сопственост и смета дека е во спротивност со уставно загрантираното право на сопственост од член 30 од Уставот. Се наведува дека при изведување доградба и надградба на објектите во етажна сопственост, заштитата на правата коишто произлегуваат од сопственоста на заедничките делови од објектот не е загарантирана бидејќи мнозинството на станари може да ги „надгласаат“ останатите станари и да донесат одлука за надградба или доградба на објектот без нивна согласност и во случаите кога малцинскиот дел од станарите воопшто не прифаќа доградба или надградба на објектот.
16. У.бр.136/2024
Оспорен: Член 2 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители
Подносител: Александар Огненовски, адвокат од Скопје
Oд наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека со извршената измена во членот 45 став 13, и тоа во делот на измена на бројот „30“ со бројот „35“ се врши измена на бодовите кои се однесуваат на усниот дел од практичниот испит, кој е дел од целокупниот приемен испит за почетна обука на слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители. Подносителот смета дека законодавецот во еден ист член а во различни ставови од Законот овозможил збирот од писмениот и усниот дел од практичниот испит да изнесува вкупно 105 бода, што се во спротивност со вкупниот број на бодови кој го предвидел во практичниот дел од приемниот испит во ставот 14, а кој вкупно изнесува 100 бода и на овој начин практично е оневозможена примената на овој дел од Законот во делот на бодувањето на усниот дел од приемниот испит. На ваков начин се создава правна несигурност кај кандидатите за прием на почетна обука во академијата при добивањето на крајната оценка од приемниот испит која се добива преку пресметување на аритметичкиот збир од бодовите кои ќе се добијат од двата дела на приемниот испит.
17. У.бр.137/2024
Оспорен: Член 98 став 5 алинеја 7 и 10 од Законот за административните службеници
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
За подносителот е спорно уредувањето во оспорената законска одредба за престанокот на работниот однос на административниот службеник по сила на закон при што како причини за престанок на работниот однос по сила на закон се предвидуваат и „неоправданото отсуство од работа најмалку три работни дена последователно во еден месец“ и „неоправданото отсуство од работа најмалку пет работни дена во текот на една календарска година“. Понатаму се наведува дека Законот не дава никакво објаснување за тоа што претставува „неоправдано отсуство“ како и на кој начин и кој воопшто ќе ја утврдува „неоправданоста“ на отуствата во овие случаи, особено „неоправданоста“ на оние пет дена во текот на една година, кога тоа би се вршело, дали на крајот на секоја календарска година, што ја прави оваа одредба нејасна и остава простор за различно толкување и примена.
18. У.бр.138/2024
Оспорен: Член 45 став 13 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители
Подносител: Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата го оспорува уредувањето во законската одредба според која на усниот дел од испитот може да добијат најмногу 35 бода со тоа што секој член на Приемната комисија го оценува одговорот на кандидатот со најмногу пет бода и смета дека ваквото законско уредување е во колизија со други одредби од Законот, што доведува до повреда на начелото на правна сигурност на граѓаните и владеењето на правото. Во иницијативата се наведува дека со ваквото законско уредување Приемната комисија нема да може да постапува од причина што доколку се следи оваа одредба тогаш кандидатите ќе можат да освојат максимални 105 бода на Практичниот испит и 20,5 бода на Приемниот испит што е во спротивност со останатите одредби од Законот, а дополнително кандидатите нема да знаат колку бода можат да освојат вкупно на усниот испит и воопшто на приемниот испит бидејќи постои колизија помеѓу одредбите во самиот закон.
19. У.бр.139/2024
Оспорен: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи
Подносител: Љупчо Кузмановски, адвокат од Адвокатско друштво Кузмановски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека оспореното законско решение се нарушуваат темелните вредности и основните начела на Уставот и дека со примената на оваа законска одредба одредена категорија на правни и физички лица (доверители) ќе бидат ставени во нееднаква и нерамноправна положба што ќе предизвика нивна дискриминација, за сметка на други правни и физички лица (должници) кои ќе бидат привилегирани и ставени во поповолна положба иако со своето однесување и постапување покажале непочитување на своите обврски.
20. У.бр.140/2024 – Барање за заштита на слободи и права
Подносители на барањето: Слободан Трендафилов, Иван Пешевски, Стојанче Кашиковски и уште 15 други граѓани
Оспорени акти: Пресуда РЕВ1-77/22 од 09.11.2023 година на Врховниот суд
Од наводите во барањето:
Подносителите на барањето како членови во синдикални организации членки на Сојузот на синдикатите на Македонија, сметаат дека им е повредено правото на здружување од членот 20 од Уставот и правото на недискриминација од членот 9 од Уставот. Меѓу другото, во барањето се наведува дека со оспорениот поединечен акт им е оневозможено слободно управување, користење и располагање со членарината односно синдикалниот имот кој е создаден со истата и им е извршена повреда на уставно загрантираната слобода на здружување заради остварување и заштита на економско-социјалните права и уверувања. Во барањето се наведува дека лишувањето од правата во однос на Работничкиот дом изграден од синдикална членарина претставува повреда на нивната слобода на здружување. Со оспоренаа пресуда на Врховниот суд, според подносителите, извршена им е и дискриминација по основ на политичко уверување и општестевен статус.
21. У.бр.141/2024
Оспорен: член 6 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата го оспорува уредувањето во оспорената одредба според која врз основа на Заклучок за утврдување на трошоци доверителот ги побарува од должникот надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија, наградата на извршителот за извршените дејствија, реалните трошоци и такси. Во иницијативата се наведува дека со Одлука на Уставниот суд е укината одредбата од Законот за извршување која предвидувала постоење на Заклучок за утврдување на трошоци како еден вид на извршна исправа и поради тоа Заклучокот повеќе не може да опстојува во правниот сообраќај како извршна исправа. Оттука, подносителот смета дека оспорената одредба од Тарифата нема законска основа и истата е нејасна и неразбирлива затоа што не е јасно како и на кој начин доверителот ќе ги побарува од должникот надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија и тн, врз основа на „Заклучок за утврдување на трошоци“.
22. У.бр.142/2024
Оспорен: Делот „Извршниот одбор“ од член 2 точка 62 од Законот за платежни услуги и платни системи
Подносител: Игорчо Точев од Скоје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорениот дел од законската одредба доведува до забуна во однос на надлежностите на Народната банка односно органите на централната банка односно забуна во примената на оспорениот дел што е во спротивност со владеењето на правото. Ова од причина што, според подносителот, во оспорениот дел од законската одредба се предвидува „извршниот одбор“ на Народната банка, кој орган во Законот за Народната банка не е предвиден.
23. У.бр.143/2024
Оспорени: Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија и Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители
Подносител: Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата со донесените законски измени се интервенира во платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавни обвинители на начин што се намалува коефициентот за утврдување на платата, а со самото тоа се намалува и висината на платата ако се земе предвид дека основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година според податоците на Државниот завод за статистика. Се наведува дека вака донесените законски измени претставуваат директна, законски забранета интервенција во платите која ќе резултира со намалување на платите со што се доведува во прашање уставно востановениот систем на поделба на власта, владеењето на правото и уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство. Според подносителот, оспорените законски измени не се во согласност со Уставот кој забранува повратно дејство на законите и другите прописи имајќи во предвид дека во оспорените закони е пропишано дека коефициентите за утврдување на платите ќе започнат да се применуваат со исплатата на платата за месец февруари 2024 година, а од друга страна и во двата закони е пропишано дека влегуваат во сила со денот на објавување во Службен весник.
24. У.бр.144/2024
Оспорени: член 22 став 1 алинеја 1 во делот „и членовите на стечајниот совет“, член 65 став 4 во делот „до стечајниот совет“, член 206 став 1 во делот „стечајниот совет“ и член 214 став 1 во делот „стечајниот совет“ од Законот за стечај
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека оспорените законски одредби коишто моментално се во примена сеуште се повикуваат на „стечајниот совет“ и покрај фактот што истиот е избришан и не постои во правниот промет што доведува до правна несигурност и повреда на владеењето на правото.
25. У.бр.145/2024
Оспорен: Член 2 во делот „Образец бр.21“ од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот образец даден во прилог на Правилникот кој се се повикува на „Заклучок за утврдување на трошоци за извршување“ нема законска основа бидејќи со Одлука на Уставниот суд У.бр.143/2016 е укината одредбата од Законот за извршување која предвидувала постоење на Заклучок за утврдување на трошоци како еден вид на извршна исправа. Имајќи во предвид дека наведениот заклучок повеќе не егзистира во правниот поредок како еден вид извршна исправа, постоењето на оспорената одредба во правниот промет создава нејаснотија и различно толкување при примената.
26. У.бр.146/2024
Оспорен: Член 13 став 2 во делот „и заклучок“ од Законот за извршување
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека е нејасно како во оспорената одредба се уредува дека „како одлука во управна постапка, во смисла на овој закон, се смета…и заклучок на орган на државната управа…“, бидејќи во актуелниот Закон за општа управна постапка веќе не е предвиден „заклучокот“ како еден од видовите на управни акти како што било предвидено во претходниот Закон за општата управна постапка, кој одамна не е во примена. Оттука, подносителот смета дека оспорената законска одредба е спротивна на владеењето на правото и правната сигурност.
27. У.бр.147/2024
Оспорени: Член 146 став 3, член 410-а, член 429-а од Законот за парничната постапка и член 27 став 2 и 3 од Законот за судски такси.
Подносител: Златко Јолески, адвокат од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Се оспоруваат одредбите од Законот за парничната постапка и Законот за судските такси како спротивни на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и член 51 од Уставот од причина што според подносителот на иницијативата, со оспорените законски одредби неправично се ускратува правото на граѓаните да водат судска постапка поради тоа што во предметот на спорот не приложиле правилно уплатена судска такса без претходно судот да ги повика да ја доплатат судската такса со назначување на правните последици од неплаќање на судска такса. Се наведува дека неплаќањето или недоволно платена судска таксена обврска при поднесување на тужба не смее да биде причина за неповедување на судски спор и ограничување на правата на граѓаните.
28. У.бр.148/2024
Оспорен: член 26 став 2 во делот „во рок од 30 дена“ од Законот за управните спорови
Подносител: Александар Наумовски од Битола
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба од Законот се ограничува уставното гарантирано право на граѓанинот да се повика на заштита на правата пред судовите, се ограничува на со закон обезбеденото право на судска заштита против дејствија на јавните органи и се ограничува правото на судење во разумен рок, а воедно се ограничуваат слободите и правата на човекот, дискриминаторски за граѓаните врз основа на нивната општествена положба – правен статус во управна постапка креиран од јавните органи, граѓани спрема јавните органи и граѓани спрема други граѓани, сите учесници во иста постапка. Се наведува дека кога се допушта поведување управен спор поради недонесување на одреден акт во пропишаниот рок (молчење на управата), дејствие на пропуштање на јавните органи да одлучат во законскиот рок за правата, тоа право е допуштено без ограничување, за разлика од уредувањето во оспорената одредба коешто не допушта на субјектите по 30 дена од пропуштањето на јавните органи да донесат поединечен управен акт, да поднесат тужба до судот.
29. У.бр.149/2024
Оспорен акт: Упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024 година донесено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
Подносители: Билјана Ванковска-Цветковска и политичката партија ЛЕВИЦА
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека оспореното упатство го прекршува Изборниот законик при распределбата на минутажата за платено политчко рекламирање за Претседателските избори 2024 година од причина што Изборниот законик исклучиво оперира со терминот „партии“ и детално ја уредува медиумската минутажа за ППР која им следува на партиите во изборната кампања, а не на претседателските кандидати. Се наведува дека согласно Изборниот законик, за претседателските избори е пропишан принципот на еднаквост на сите претседателски кандидати без исклучок и тој принцип би бил испочитуван доколку вкупното време на ППР од 9:30 минути би бил рамноправно поделен на сите 7 кандидати (по 8.15 секунди за секој поединечно), а не согласно некаков нееднаков „сооднос“ определен според позицијата во Собранието на партиите кои на кандидатите им дале политичка поддршка.
30. У.бр.150/2024
Оспорен акт: Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјшиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште, посебно член 2.
Подносител: Никола Темелковски од Битола
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата оспорената уредба е спротивна на член 52 став 4 од Уставот според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство освен кога тоа е поповолно за граѓаните. Во конкретниот случај, со оспорената одредба од Уредбата граѓаните се ставени во нееднаква положба не по своја вина, затоа што се работи за барања за приватизација поднесени пред 5, 7 и 10 години и се дискриминирани само заради бавноста на државниот орган надлежен за решавање по подносените барања од граѓаните. Се наведува дека подносителот бил ставен во нееднаква положба со оние граѓани на кои им се решени барањата за приватизација пред стапувањето во сила на оспорената уредба.
31. У.бр.151/2024
Оспорени: – Член 47 став 5 и став 6 во делот „максималните износи од ставот (5) на овој член“ од Законот за земјоделство и рурален развој
– Член 3 став 25 од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директни плаќања за 2023 година
– Член 3 став 25 од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директни плаќања за 2024 година
Подносител: Земјоделски комбинат Пелагонија АД Битола
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата оспорените законски одредби се спротивни на Уставот, а оспорените уредби за 2023 и 2024 година се противуставни и противзаконити затоа што спротивно на Законот за земјоделство и рурален развој, во двете оспорени уредби е пропишано дополнително ограничување на директните плаќања. Подносителот наведува дека во конкретниот случај надлежен државен орган при носење на годишна уредба, своеволно и арбитрарно одлучува да воведе ново ограничување притоа нарушувајќи го создадениот правен континуитет со претходните уредби, воведувајќи некаков „збирен износ по корисник“ за сите предвидени подмерки во Уредбата, за кои сите засегнати субјекти имаат право на директни плаќања поединечно за секои од тие добра кои ги одгледуваат опфатени со подмерките. Се наведува дека со оспорените уредби директно се ограничува слободата на пазарот и претприемништвото и субјектите на пазарот се ставаат во нееднаква положба преку ограничување на мерка која треба еднакво да ги третира сите засегнати субјекти.
32. У.бр.152/2024
Оспорени: Член 2, член 4 и член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи
Подносител: Комора на извршители на Република Северна Македонија
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека во уредувањето во оспорените одредби според кое започнатите постапки за наплата на побарувања ќе завршат во согласност со новите одредби за застареност од истиот закон, недвосмислено станува збор за повратно дејство на законот што е спротивно на член 52 став 4 од Уставот. Подносителот смета дека Законот преку член 4 има повратно дејство бидејќи тој се применува на „незавршени односи“, коишто всушност се конечно утврдени со правосилна судска одлука. Понатаму, се наведува дека оспорените законски одредби се спротивни на правото на сопственост загарантирано со членот 30 од Уставот бидејќи побарувањето коешто е утврдено со правосилна судска одлука се смета дека е сопственост на доверителот, а донесувањето на оспорените законски одредби воопшто не се заснова на легитимна цел и не е во согласност со принципот на пропорционалност. Подносителот, смета дека одредбата од членот 2 од Законот е нејасна, конфузна и остава простор за различно толкување при нејзината практична имплементација, а членот 5 е спротивен на член 52 став 4 од Уставот бидејќи со оспорената законска одредба се предвидува дека овој закон влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на РСМ“ без притоа да биде наведена ниту една причина или образложение зошто Законот треба итно да влезе во сила со денот на објавувањето на законот.
33. У.бр.153/2024
Оспорен: член 69 став 1 и член 70-а став 3 од Законот за шумите
Подносител: Државен инспекторат за шумарство и ловство
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека оспорените законски одредби се спротивни на начелото на владеење на правото бидејќи инспекторите на државниот инспекторат кои активно учествуваат при регистација на правното лице за вршење на промет на дрво и дрвни сортименти, покасно требале да вршат инспекциски надзор дали истото правно лице е регистрирано согласно одредбите на Законот за шумите, така што правното лице во целост зависи од надзорот на инспекторите при самата постапка на регистрирање, а и после при самото работење што остава можност за мито и корупција, но и ограничување на слободата во платниот промет едни субјекти на надзорот да бидат привилегирани, а други репресирани. Понатаму, се наведува дека со одредбите од Законот за земјоделско земјиште е уредено на кој начин и како сопственикот на земјоделско земјиште ќе го одржува своето земјиште, а со оспорениот член 69 од Законот за шумите тоа се ограничува бидејќи како сопствениците ќе го одржуваат своето земјоделско земјиште ако истите не можат да го пренесат и плаќаат дополнителни трошоци со што неговото право на сопственост е повредено затоа што не само што е ограничен непречено да го користи туку и подложен е на дополнителни финансиски трошоци.
34. У.бр.154/2024
Оспорен акт: Одлука на Советот на Општина Гевгелија за измена на ДУП за дел од Блок 7 (Блок 7.5)
Подносители: Група граѓани од Гевгелија – Јован Туртуров и други
Од наводите во иницијативата:
Подносителите на иницијативата преку петиција од вкупно 258 граѓани на Општина Гевгелија бараат суспензија на ДУП за дел Блок 7 (Блок 7,5) затоа што двојно се зголемени градежните лицнии на површините за градеење, при што со Измената на ДУП-от коефициентот на изграденост е зголемен до 49%, со коефициент на искористеност до 2.0, а на штета на зелената површина која е намалена на само 20%. Ова е направено со двојно зголемување на сите површини за градење, дури и на постоечки градби без да се води сметка за континуитет на градбите, односно да нема засенчување на одредени објекти или приватноста на граѓаните.
35. У.бр.155/2024
Оспорен: член 141 став 4 и член 143 во делот „или ако постои реципроцитет“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување
Подносител: Славко Лазовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата ги оспорува одредбите од Законот според кои „Фондот му обезбедува на корисникот исплата на износите што му припаѓаат во случаите кога корисникот има живеалиште надвор од територијата на РСМ под услови предвидени со овој закон, со ратификуван меѓународен договор или ако постои реципроцитет“ и „На корисник на пензија и паричен надоместок за телесно оштетување – странски државјанин кој ќе се исели на постојано живеење во земјата чиј е државјанин, пензијата му се исплатува во странство ако со односната држава е склучен ратификуван меѓународен договор за плаќање на пензиите во странство или ако постои реципроцитет“. Според наводите оспорените законски одредби скратуваат право во областа на пензиското осигурување што е веќе остварено поради непостоење на реципроцитет бидејќи Законот не нуди решение што да се прави до моментот на воспоставување на реципроцитет, ниту определува рок во кој ќе се воспостави реципроцитет. На ваков начин, корисниците на пензија, државјани на Република Северна Македонија се наоѓаат во една правна неизвесност и несигурност и оттука подносителот го поставува прашањето за третманот на корисник на пензија доселен во РСМ од држава со која немаме воспоставено реципроцитет.
36. У.бр.156/2024
Оспорен: Член 140 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување
Подносител: Славко Лазовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот оспорената одредба е во спротивност со владеењето на правото од член 8 алинеја 3 и принципот на еднаквост од член 9 став 2 од Уставот бидејќи оспорената законска одредба има непосредни правни последици врз одредени лица кои од различни причини не го оствариле, иако се стекнале со право од пензиско осигурување – право на пензија, само поради неподнесување барање за остварување на тоа право. Според подносителот барањето за остварување на правото на пензија треба да се остварува по автоматизам, а не по поднесено барање од причина што странката може да биде објективно спречена во поднесувањето на барањето или да не му се познати или достапни начините на поднесување на барањето.
37. У.бр.157/2024
Оспорен: Член 40 став 1 алинеја 9 од Законот за извршување
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот оспорената законска одредба со која се пропишува дека извршителот меѓудругото го презема и следното извршно дејствие односно „врши продажба на подвижни и недвижни предмети и спроведува извршување на други имотни права во стечајна постапка по барање на стечајниот управник, освен продажба на деловниот потфат“ е нејасна и неразбирлива и остава простор за нејаснотии во практикувањето на правото со што се наручува правната сигурност и владеењето на правото. Се наведува дека оспорената одредба е спротивна на останатите одредби од Законот за извршување, како и на одредбите од Законот за стечај од причина што извршителот нема никакво учество во стечајната постапка, врз имотот на должникот.
38. У.бр.158/2024
Оспорен акт: Одлука за донесување на ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров, Скопје од 17.02.2024 година
Подносител: Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека завршната одредба од оспорената одлука за донесување на ДУП во која е уредено дека истата стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на Општина Ѓорче Петров, е спротивна на уставниот принцип на владеењето на правото и на одредбите од Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општина Ѓорче Петров од причина што Уставот определува објавување на прописот како услов за влегување во сила. Меѓудругото, се наведува дека оспорената одлука не е објавена на веб-страната на Општината што ја прави оспорената одлука формално-правно невалидна и спротивна на Законот за урбанистичко планирање. Според подносителот на иницијативата, донесениот ДУП поради непочитување на законската постапка и неприфаќањето на мислењата од стручните лица, како и без позитивно мислење од Град Скопје не е во согласност со ГУП на Град Скопје 2012-2022 при што реализација на истиот може да предизвика еколошка и безбедносна закана за жителите на град Скопје. Понатаму се наведува дека оспорениот ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров има промена на намена и регулација со што не е во согласност со процедурите и законите и предвидува изградба на 2% повеќе од максимално дозволеното со закон. Оттука, подносителот смета дека со предимензионирањето на висините на градбите и додавање на производни капацитети од хемиската индустрија загрозена е една од темелните вредности на Уставот – уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
39. У.бр.159/2024
Оспорен акт: Упатство за измена и дополнување на Упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024 година, посебно точката 1
Подносител: Политичка партија Левица
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека оспореното со упатство произволно и неточно се толкуваат одредбите на Изборниот законик и погрешно е утврдена фактичката состојба во однос на позиционирањето на политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија со поставената распределба на минутажата во етерот на претседателските кандидати. Подносителот на иницијативата смета дека оспореното упатство е во спротивност со член 51 од Уставот од причина што истото предвидува нееднаквост меѓу кандидатите за Претседател на Републиката и ги надминува законските рамки со што се нарушува нормативната хиерархија и го руши уставниот принцип на владеење на правото.
40. У.бр.160/2024
Оспорени: Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите и Автентичното толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата со оспорениот подзаконски акт се пропишува дека Управниот одбор на Адвокатската комора има право да дава автентично толкување на Тарифата, врз основа на што е и изготвено Автентично толкување на Тарифата, објавено во Службен весник на РМ. Подносителот наведува дека Уставот јасно декларира дека автентично толкување на законите дава законодавецот, а во Законот за адвокатурата не е содржана изречна одредба дека Адвокатската комора преку свој орган може да дава автентично толкување, со што Адвокатската комора ги пречекорила своите законски овластувања што е спротивно на принципот на владеење на правото и начелото на уставност и законитост.
41. У.бр.161/2024
Оспорен: Член 137 и член 150 став 3 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување
Подносител: Славко Лазовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата, посебно го оспорува делот „односно по донесувањето на решението во обновената постапка по службена должност“ од член 137 и делот „од конечноста на решението со кое е утврдена промената“ од член 15о став 3 од оспорениот закон. Според подносителот оспорените одредби имаат елементи на строга конкретност и се однесуваат за точно одредени лица врз кои преземените различни дејствија имаат различни последици, а истите лица пред да се преземат тие правни дејствија, се во иста фактичка и правна состојба. Се наведува дека оспорените делови се во спротивност со Уставот затоа што има исто лице, иста странка, ист орган, исто службено лице, а различни фактички и правни последици поради што оспорените одредби се во спротивност со начелото на рамноправност на граѓаните во правните односи, начелото на забрана на предизвикување штета, начелото на еднакви вредности на давањата и воздржување од постапување со кое се намалува имотната сигурност на граѓаните и нивната положба во општеството.
42. У.бр.162/2024
Оспорен: член 3 од Правилникот за образецот на барањето и потребната документација за утврдување на стаж на осигурување со зголемено траење, образецот на барањето и потребната документација за исплата на посмртна помош од средствата на солидарниот фонд, образецот на барањето и потребната документација за остварување на право на старосна пензија, семејна пензија, инвалидска пензија и паричен надоместок за телесно оштетување, барањето и потребната документација за утврдување инвалидност, образецот на предлогот за утврдување на инвалидност од лекарската комисија на Фондот за здравствено осигурување на РСМ и образецот на предлогот на работодавачот за утврдување на инвалидност на осигуреникот.
Подносител: Славко Лазовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба во делот „од средствата на солидарниот фонд“ од Правилникот не е во согласност со одредбите на Уставот и со член 3 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, и истата треба да се укине како спротивна на: принципот на владеењето на правото, начелото на еднаквост, член 34, член 35, член 51 и член 52 став 4 од Уставот.
43. У.бр.163/2024
Оспорен: член 69 став 4 од Законот за управните спорови
Подносител: Виолета Маневска од Битола
Од наводите во иницијативата:
Подносителот го оспорува уредувањето во оспорената одредба според кое „Жалбата не е дозволена против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или е прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот орган, како ни против пресуда со која судот му наложил на јавниот орган да го донесе поединечниот акт кон не бил донесен во утврдениот рок“ како спротивно на член 15 заменет со Амандманот 21 од Уставот, како и на член 50 и 54 од Уставот. Според подносителот, правото на жалба не може да се ограничува со дополнителните услови од оспорената законска одредба со што се допушта субејктивно и дикреционо право на судечкиот судија a priori при носење на самата одлука да дозволува или да недозволува право на жалба. Таквото дискреционо право на судечкиот судија овозможува и дискриминација на странките во спорот во зависност од мислењето на судијата да биде или да не биде дозволена жалбата, иако граѓаните се сите еднакви пред Уставот, а правото на жалба е уставно гарантирано.
44. У.бр.164/2024
Оспорен: член 69 став 4 од Законот за управните спорови
Подносител: Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, Технолошко-технички факултет Велес застапуван од законскиот застапник Декан проф.д-р Татјана Калевска
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата смета дека правото на жалба не може да се ограничува со дополнителните услови од оспорената законска одредба и управниот акт да е поништен или вратен на повторно постапување пред првостепениот орган со што се допушта субејктивно и дикреционо право на судечкиот судија a priori при носење на самата одлука да дозволува или да недозволува право на жалба. Таквото дискреционо право на судечкиот судија овозможува и дискриминација на странките во спорот во зависност од мислењето на судијата да биде или да не биде дозволена жалбата, иако граѓаните се сите еднакви пред Уставот, а правото на жалба е уставно гарантирано.
45. У.бр.165/2024 – Барање за заштита на слободи и права
Подносител на барањето: Билјана Ванковска – Цветковска од Скопје во својство на потврден независен претседателски кандидат
Оспорен акт: Точка 3 од Упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024 година
Од наводите во барањето:
Подносителката на барањето смета дека со оспорениот акт ѝ е сторена дискриминација по основ на политичка припадност и го повредува нејзиното уставно загарантирано право на политичко дејствување бидејќи распределбата на минутажата за платено политичко рекламирање (ППР) за Претседатеските избори 2024 е заснована на наприменлива и нерелевантна законска одредба in conreto. Имено, во барањето се наведува дека со упатството ѝ се скратува нејзиното право за ППР за најмалку 51,5 секунди со што ѝ се повредуваат нејзините уставно загарантирани права на политичко дејствување и еднаквост пред законите т.е забрана на дискриминација по основ на политичка припадност. Со ова дејствие сторена е и повреда на правото како граѓанин активно да учествува во политичкиот живот преку кандидирање за вршење јавни функции и да биде избрана на фер и демократски избори, како и дискриминација по основ на политичка припадност што ја доведува во нееднаква и понеповолна положба во однос на нејзиното политичко дејствување vis-à-vis останатите претседателски кандидати, особено оние со поголема доделена минутажа.
46. У.бр.166/2024
Оспорен акт: Одлука за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово транспорт“ – Тетово, донесена од Советот на Општина Тетово
Подносител: Даријан Сотировски од Тетово
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека Општината Тетово со оспорената одлука спротивно на одредбите од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, без законски основ Градскиот стадион во Тетово го дала на трајно користење на ЈП „Тетово транспорт“. Се наведува дека надлежност да дава на трајно користење и да утврдува престанок на корисничко право има само Владата, а не Советот на Општината.
47. У.бр.167/2024
Оспорен: Член 38 став 2 во дел „Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис.“ од Законот за општата управна постапка
Подносител: Игорчо Точев од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис престанал да важи и не е повеќе во правниот поредок, а оспорената одредба од Законот за општата управна постапка упатува на примена на одредби на пропис што не е повеќе во правниот поредок што е спротивно на начелото на владеење на правото.
48. У.бр.168/2024
Оспорени: Член 73 став 2 и став 3 алинеја 1, 2 и 3 и член 76 став 3 од Законот за дивеч и ловство
Подносител: Марјан Максимоски, адвокат од Кичево
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека со оспорените законски одредби се ограничува правото на сопственост на граѓаните, на начин што за сопствениците се наметнуваат обврски во вид на преземање на мерки за обезбедување и спречување на штета од дивеч, а согласно содржината на оспорените членови секое непочитување на така предвидените мерки ќе ја амнестира државата од обврска да ја надомести штетата што дивите животни ја причинуваат на граѓаните и нивните имоти.
49. У.бр.169/2024
Оспорени: Член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи
Подносител: Доне Лазаревски од Куманово
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека уредувањето во воведените законски измени во однос на застарувањето на правосилната судска одлука или одлука на друг надлежен орган или порамнување пред суд или пред друг надлежен орган која во извршна постапка трае 10 години од поднесено барање за извршување е спротивно на Уставот поради повреда на правото на сопственост и повреда на владеењето на правото како темелни вредности на Уставот. Во иницијативата се наведува дека оспорените законски измени се донесени без да се имаат предвид одредбите од членот 218 од Законот за извршување што ја прават обврската невозможна и недозволена со што договорите стануваат ништовни и дека со ваквото уредување должниците се во привилегирана положба поради неисполнување на својот дел од договорот за разлика од доверителите кои ја исполниле својата обврска и очекуваат поврат на сопственоста.
- Дел од овие предмети во меѓувреме се дискутирани и на седница и по нив е одлучено