Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.50/2024
Скопје, 09.05.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 мај 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Карпош број 07-1299/2 од 13.03.2006 година („Службен гласник на Општина Карпош“ број 3/2006).
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Карпош број 07-1299/2 од 13.03.2006 година („Службен гласник на Општина Карпош“ број 3/2006).
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
На работниот состанок одржан на ден 25 декември 2023 година, Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, одлучи по сопствена иницијатива да оформи предмет за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Деловникот на Советот на Општина Карпош, означена во точката 1 од ова решение.
II
На седницата Судот утврди дека според член 15 алинеја 3 од Деловникот на Општината, член на Советот, меѓу другото, има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.
Според уставната одредба пропишана во член 68 став 1 алинеја 2, Собранието на Република Северна Македонија, има уставно овластување да донесува закони и да дава автентично толкување на законите.
Член 110 алинеја 2 од Уставот, пропишува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.
Со член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) се уредени надлежностите на советот, а според став 1 точка 1 на наведениот член, советот е надлежен да донесува статут на општината и други прописи.
Според член 62 став 1 од погоре наведениот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.
Со член 43 од Законот за локалната самоуправа се уредени правата и должностите на членовите на советот, а во таа смисла според став 2 на наведениот член, членовите имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот, а според став 5 од истиот член, членовите на советот имаат и други права и должности утврдени со статутот и други прописи, во согласност со овој закон.
Според тоа, со статут и други прописи може да се утврдат и други права и должности за членовите на советот, меѓутоа, како што произлегува од член 43 став 5 од Законот, уредувањето на други права и должности, треба да биде во согласност со Законот за локалната самоуправа.
Уставниот суд, согласно со член 27 став 1 од Деловникот, може во текот на постапката, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.
Поаѓајќи од наведените уставни одредби произлегува дека законите се носат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и закон, односно само Собранието има уставно овластување за донесување на закони и нивно автентично толкување, во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека Советот на Општина Карпош, врз основа на член 3 став 2 од Статутот на Општина Карпош („Службен гласник на Општина Карпош” број 1/2006), на седница одржана на 13.03.2006 година, донел Деловник на Советот на Општина Карпош со број 07-1299/2, според кој, член на Советот има право на седниците на Советот да поднесува барање за давање на автентично толкување на прописите.
Правото, коешто Советот на Општина Карпош го пропишал за членовите на Советот во Деловникот, е поврзано со институтот „автентично толкување на прописите”. Меѓутоа, Законот за локалната самоуправа, не содржи одредби од кои произлегува надлежност за совет на општина да може да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот дава овластување на општините да можат, во своите прописи (деловник или статут) да уредат одредби за давање автентично толкување на општи акти, па оттука, Советот на Општина Карпош излегол надвор од своите законски надлежности уредувајќи во Деловникот на Советот на Општината, право на членовите на Советот на Општината да можат на седниците на Советот да поднесуваат барање за давање на автентично толкување на прописите.
Институтот автентично толкување, мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го употребуваат, а како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт и тоа изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, при што, постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 152/2019). Во конкретниот случај, законска основа за овој институт нема за органите на локалната власт, па оттука, не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот.
Имајќи ги предвид одредбите од член 51 од Уставот според кои во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Во конкретниот случај, со основ се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Деловникот на Советот на Општина Карпош со Законот за локалната самоуправа, односно, со основ се постави прашањето и за неговата согласност со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.
Поради можноста од настанување штетни последици, а согласно со член 27 од Деловникот на Уставниот суд, Судот утврди дека се исполнети условите да се запре примената на спорната одредба од Деловникот на Општината, како и да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, до донесувањето на конечната одлука.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
V
Оваa решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска