Уставниот суд денеска(04.06.2024) по завршената координација продолжи со седница на која е избран новиот претседател д-р Дарко Костадиновски.
Во текот на седницата се одржаа два круга на гласање, при што прво беше предложен судијата проф. д-р Осман Кадриу кој не го доби потребното мнозинство од шест гласа.
Во вториот круг на гласање, на предлог на судијата проф. д-р Јадранка Дабовиќ Атанасовска , судијата Костадиновски го доби потребното мнозинство по што е избран за претседател на Уставниот суд на Република Северна Македонија и го започнува мандатот како претседател на Уставниот суд.
Костадиновски е избран за судија во Уставниот суд на 11 јануари 2018 година.
Роден на 27.11.1974 година во Скопје. По националност е Македонец. Дипломира на Правниот Факултет Јустинијан Први во Скопје 1997 година.
Во 2008 година станува Магистер на правни науки, а во 2012 година и Доктор на правни науки. Магистрира на темата “Меѓународната арбитража во современите меѓународно политички односи (на граница помеѓу правото и политиката)”, а докторира на темата “Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици на советодавните мислења на судот”.
Од 2001 година до јануари 2018 година, работи во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. До 2010 година работи како асистент на советникот за надворешна политика, и Раководител на одделението за ЕУ и НАТО.
Од 2010 до 2018 година е државен советник за надворешна политика.
Од 2015 до јануари 2018 година, ја извршува должноста Пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.
Има земено учество на бројни меѓународни и регионални Самити, Конференции и Форуми , од областа на меѓународното право особено во рамките на Обединетите нации и Советот на Европа, како и дипломатска академија и обука во рамките на “World learning”, во САД.
Автор е на книгите:
“Меѓународна арбитража”, 2008 година
”Меѓународниот суд на правдата – неопходност од реформи и промени (Советодавните мислења и нивните импликации)” 2015 година
“Сведоштва од три претседателски Кабинети”, 2019 година
„Лојалност кон Уставот – Издвоени мислења на судијата д-р Дарко Костадиновски“, 2021 година
„Лојалност кон Уставот- 2 Дилемите на конституционализмот”, толкување на Уставот, 2023 година
„Лојалност кон Уставот-3 Живиот конституционализам” , мај 2024 година