Кацарска: Беше привилегија да се служи на сите граѓани и да се брани правото од неправото и неправдата

Целосен говор од прес конференцијата на претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска по повод завршување на три годишинот мандат:

Почитувани граѓани, почитувани медиуми

За неколку дена затворам едно значајно поглавје од моето служење на сите вас, како претседател на Уставниот суд на Република Северна Македонија.  

По тој повод денеска ќе дадам осврт за преземените обврски и активности кои ја поткрепија смислата на континуитет на владеењето на правото во рамки на Уставниот суд.

Ми беше исклучителна чест и огромна должност да го претставувам Уставниот суд со сиот мој интегритет и посветеност, пред домашната и меѓународната јавност. И додека ви се обраќам на сите вас јас сум исполнета со беспримерно чувство на благодарност и на размислување. 

Ме водеше мислата на непоколеблива посветеност кон уставните принципи, истрајноста да го зачуваме достоинството на Уставниот суд, мене лично, но и на сите судии во изминатите три години. 

Успеавме да го надминеме секој тест на издржливост и непристрастност на Судот и не потклекнавме на еден од најспецифичните предизвици кои ги памети историјата на Уставниот суд, а тоа е 17 месеци функционирање на работ на кворумот со само 5 судии, а потоа и без една третина од судиите. 

Тоа е период од речиси половина од мојот мандат, но кога сега ги одбројувам последните денови како раководител на Уставниот суд, граѓаните, но и новиот претседател може да бидат комотни бидејќи оваа ситуација е успешно изменаџирана и нема натрупани или заостанати предмети. 

Дозволете ми да ја информирам јавноста дека Судот после 32 години донесе современ, сеопфатен и револуционерен Акт кој ја регулира нашата работа, но и начинот на кој граѓаните може да се обратат. 

Станува збор за бројни промени од кои сите граѓани допрва ќе ги ползуваат придобивките. Но, јас ќе се задржам на неколку за кои сметам дека се најзначани за споделување.

За прв пат Уставниот суд ќе им овозможи на правните лица и на странските државјани да поднесат барање и да побараат заштита за нивните слободи и права. Ова право досега го имаа само поединци.

Народниот правобранител ќе може да поднесува барања за заштита на слободите и правата во име на оние граѓани кои тоа сами не можат да го сторат. 

Овој нов Акт на Уставниот суд предвидува и т.н контролни механизми за судиите и претседателите, да не може да се чуваат предмети „во фиока” со години, како што за жал беше случај во минатото. Се предвидува рок од најмногу шест месеци во кој судиите треба да го предадат рефератот и да го завршат предметот. Уште поважно, претседател на Уставниот суд откако ќе ги добие готовите предмети, не смее да ги чува подолго од еден месец и во тој период од 30 дена ќе мора да ги стави на дневен ред на седница. 

Го скративме рокот за одговор на доносителите на актот од кои бараме мислење во текот на постапките, па така наместо 30 дена максимален рок за одговор, ќе мора да дадат за најмногу 15 дена, по барањето на Уставниот суд. 

Како битна новина е и тоа што кога се поведува постапка за некои закони, а доколку Судот утврди дека може да настане некој вакуум простор со укинување или поништување, при што граѓаните или правните лица во тој период не може да ги остварат своите права, Уставниот суд ќе се обрати до доносителот на актот и ќе им даде рок од најмногу 6 месеци за да направат исправка. Ваков начин на работа имаат Уставните судови во Словенија, Германија и други земји. 

Почитувани,

Дозволете ми во неколку реченици да резимирам како со трудољубиво работење, чесно и професионално може да се води институција. 

Значително се намали бројот на стари предмети од кои некои се чувале и по десетина години. Статистиките кои ги водиме покажаа дека има раст на укинати или поништени акти. Имено, во минатото ретко се случувало да се носат одлуки за укинување или поништување. Во овој мандат има 78 одлуки со кои се укинуваат закони и други акти и прописи, додека во делот за поништување се работи за 6 такви одлуки.  Станува збор за закони или акти кои се донесени од различни собраниски состави,  факт којшто говори за непристрастноста на Уставниот суд. 

Во овој момент судот работи со полн капацитет, вкупно 9 судии и пополнетост на службата според потребите за работа. Помеѓу останатите вработени, за прв пат е вработен информатичар. 

Во насока на финансиската независност на Уставниот суд, обезбеден е двојно поголем буџет за институцијата, што придонесе за подобри работни услови. Конкретно од 2020 од безмалку 40 милиони денари , во 2024 година буџетот на Уставниот суд изнесува 74 милиони денари. 

Годините зад нас ги одбележа макотрпна работа и домаќинско менаџирање на Уставниот суд, со примена на мерки за штедење на буџетските пари.  Моите службени патувања беа сведени на минимум, а од заштедата Судот пренамени инвестиции во инфраструктурата. Сметам дека секој оној кој е назначен на одговорна позиција мора да се однесува одговорно кон финансиите и со совест кон нашите даночни обврзници, па во таа насока сакам да дадам пример дека службената платежна картичка не е искористена ниту еднаш во мојот мандат, што значи не сум потрошила ниту еден денар. Или пак како што во минатото постојано се зборуваше за привилегии при користење на вип салон на аеродромите, сакам да посочам дека во мојот мандат  вип салонот не се користеше од никој од нас судиите. 

За прв пат во Уставниот суд е оформена канцеларија за класифицирани информации иако таа обврска постоела петнаесетина години наназад.  Комплетно е опремена со метален сеф за чување на класифицирани информации, блиндор врата, алармни системи, систем за дојава на пожар и камери.  Соодветно е обезбедена сервер-салата која беше под опасност од пожар, бидејќи досега не била набавена опрема за вентилација и противпожарен систем. Сето ова е направено од заштедените средства предвидени за службени патувања, па така наместо со физичко присуство во Бали каде што беше Светскиот конгрес на уставните судови, посета на  Дакар, Германија и многу други земји учествував онлајн. 

Уставниот суд сега е ажурна институција со ефикасно постапување за предметите, а тоа го дополнуваат бројките од одржаните седници во изминатите години и како за пример ќе ја посочам 2023 година кога се одржани рекордни 46 седници, и тоа во период кога Судот функционираше со помалку судии,  што не било случај во постоењето на Уставниот суд.

Во 2022 година после триесетина години е донесена Програма и Стратешки план, нешто што е деловничка обврска на Судот, којашто претходно не се почитувала. 

Ги афирмиравме заложбите за транспарентен суд, поставувајќи ја транспарентноста како стратешки приоритет а комуникациите ги организиравме во комуникациска стратегија која беше подготвувана изминатиот период. 

Почнувајќи од вработувањето на портпарол-советник за односи со јавноста на Уставниот суд за прв пат, враќање на редовните брифинзи и прес конференции, брзи одговори за сите новинари. Впрочем оценката за транспарентноста ја даваат самите новинари или околу 90 опфатени во истражувањето кое го спроведе Судот минатата година. Како еден пример, 98% од нив одговориле дека се задоволни со нашето информирање, а 84% дале највисоки оцени за одговорите кои ги добиле од Судот. 

Уставниот суд во следните денови ќе ја пушти новата веб-страница која ја подготвија самите вработени-ентузијасти. 

Судот достојно и со почит ја одбележува 60 годишнината од своето основање, па во таа чест за прв пат доби визуелен идентитет и се брендираше со свое лого. 

Веста за долгата традиција ќе патува и ќе го информира светот преку поштенската марка која ја промовиравме во февруари. Токму во насока на промоција на нашите вредности и Уставниот суд како столб на правната држава, организиравме регионална, а потоа и меѓународна конференција на која говореше државниот врв, четворица амбасадори, претседатели на уставни судови и судии од европскиот регион, новинарски здруженија и невладини или околу 150 гости. 

Во рамки на 60 годишниот јубилеј, Судот организираше крводарителска акција со цел да се подигне свеста за оваа хумана активност. 

Уставниот суд работеше на продлабочување на соработката со домашни и меѓународни организации и зачувување на угледот,  својот, но и на државата. 

Во 2023 година станавме еден од судовите-основачи на Балканскиот форум на уставни судови. 

Полето на меѓународна соработка на Судот е обогатено и со беспрекорна професионална соработка со Уставниот суд на Република Бугарија со којшто склучивме Меморандум.  

Ја зајакнавме соработката со Мисијата на ОБСЕ којашто ја препозна важноста и улогата на Уставниот суд во правниот поредок и не’ поддржа во организирање на меѓународната конференција, едукација на нашите вработени и унапредување на нивните вештини и знаење.

Отпочнавме соработка со програмата ИПА која ќе се реализира во следните две години. 

Ја зацврстивме соработката со германската фондација ИРЗ со чијашто поддршка ја вративме во фокусот темата за важноста од имплементација на уставната тужба во Република Северна Македонија. 

Изготвена е студија за афирмирање на потребата од воведување на уставна тужба, она за што се залагав од првиот ден на мојот мандат, а  се надевам дека заложбите ќе вродат со плод во блиска иднина. 

Почитувани граѓани,

Го завршувам овој мандат со чувство на исполнетост, водејќи се од идејата дека правдата секогаш ќе биде императив. 

На крајот сакам да изразам искрена благодарност до моите колеги судии кои посветено и ангажирано придонесоа за овој колективен успех, до сите вработени кои вложија несебични напори за да се одржи континуитетот на етичкото и професионално работење. 

Со особена почит се заблагодарувам на сите граѓани кои веруваа во капацитетот и независноста на Уставниот суд, а нивната доверба ја покажаа преку зголемениот број на предмети кои се регистрирани во последните три години. 

Вам, драги новинари неизмерно ви благодарам за секој ред, секоја секунда во вашите медиуми со што придонесовте да имаме поинформирано општество. 

Во една прилика го цитирав еден од најценетите современици на правната мисла, Роналд Дворкин кој ќе каже „праведноста и моралноста не можат да се одвојат од правото”. Повторно имам потреба да се повикам на оваа мисла, оставајќи порака за секој оној или сите кои доаѓаат по нас. 

Беше привилегија да се служи на сите граѓани и да се брани правото од неправото и неправдата.  

Ви благодарам.